Коментар: Крај на „мрсните години“ за германската економија?

Вторник, 23 Јули 2019 13:54 Напишано од  Објавено во ИНТЕРЕСНО

Лошите вести од германската економија во последно време драматично се множат. Но до сосема мрачно сценарио не треба да дојде, смета Хенрик Беме.

На почетокот на неделата беше објавено предупредување за пад на профитот од страна на германскиот хемиск концерн БАСФ. Тоа не е каков било концерн, туку најголемата хемиска компанија во светот, со 122.000 вработени низ целиот свет. Ако таква компанија толку драстично ја спушта својата прогноза за тековната фискална година - имено, дека може да се очекува пад на добивката од повеќе од 30 отсто - тогаш треба, всушност, да се запалат сите црвени светла.

Зошто? Бидејќи еден таков хемиски концерн прв чувствува кога на другите им оди лошо. И една таква хемиска компанија има клиенти во многу, или речиси во сите индустриски гранки. Во автомобилската индустрија, на пример, на која ѝ испорачува лакови и пластика. Таму, образложува БАСФ во своето предупредување, загубите во глобалниот раст се особено силни. Друго образложение: светските трговски конфликти. Кој сѐ уште смета дека станува збор само за иритации кои по следниот твит од г-дин Претседател повторно ќе се смират - сега би требало да знае подобро. Вистинско решение за трговските конфликти не е на повидок, но штетата очигледно е веќе огромна. Зашто ако компаниите се плашат од нешто како од чума, тоа е несигурноста.

Лошиот р-збор

Сега веќе може да се зборува и за рецесија. Но, тоа не е само БАСФ. Лоши вести од германската економија ќе има сѐ повеќе, буквално секој ден ќе се вртат нови проблеми. Нарачките за германската индустрија продолжуваат да опаѓаат. Расположението во компаниите се врти кон негативно.