Балканската коза, кокошката сребра… се нашето богатство да не дозволиме да изумрат

Вторник, 23 Април 2019 14:13 Напишано од  Објавено во ИНТЕРЕСНО

Традиционалната храна треба да ја произведете од домашните автохтони животни кои се прилагодени на домашните услови, кои се отпорни на сите сурови климатски промени, подобро ја искористуваат храната и даваат млеко со многу карактеристичен мирис, вкус, конзистентност

Македонија треба да работи на зачувување на традиционалните производи и автохтони раси кои полека изумираат. Производителите на традиционалните производи, одгледувачите на автохтоните раси и стручните лица постојано апелираат дека државата треба повеќе да води грижа за нивно зачувување, бидејќи како што велат тие се нашето богатство и не смееме да дозволиме да ги изгубиме.

Од организацијата Слоу Фуд која се занимава со заштита на традиционалните производи и раси, велат дека државата треба да ги заштити овие производи за да имаат поголема вредност. За неполна година во државата се мапирани 55 карактеристични производи во различни региони што навистина претставува богатство.


– Ние како Сло фуд организација изготвивме листа на традиционални производи и автохтони раси кои треба да бидат заштитени и ја доставивме до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Тие ги одредуваат процедурите кои треба да се поминат за да еден производ или раса биде заштитен од страна на државата, вели професорот Слободан Чокревски од Факултетот за ветерина.


Имено во 2010 година во Македонија е донесен Закон за заштита на овие традиционални производи и автохтони сорти, но досега како што вели Чокревски не е заштитен ниту еден производ и ниту една сорта.
Според професорката Соња Србиновска од Факултетот за земјоделски науки и храна, треба да се потенцира важноста на локалните раси и локалното традиционално производство на храна.
– Треба да видиме што треба да направиме како држава заедно со фармерите со цел традиционалната храна во иднина да стане перспективна. Всушност треба да почнеме се почесто да ја промовираме локалната храна, да создадеме свои брендови, да ги заштитиме тие производи кои ќе бидат препознатливи за Македонија, вели Србиновска.


Таа објаснува дека традиционалната храна всушност треба да ја произведете од домашните автохтони животни кои се прилагодени на домашните услови, кои се отпорни на сите сурови климатски промени, подобро ја искористуваат храната и даваат млеко со многу карактеристичен мирис, вкус, конзистентност. Млекото добиено од такви автохтони раси всушност му ја дава специфичноста на финалниот производ. Затоа е многу важно млекото добиено од автохтони раси да се валоризира во еден финален производ, локален, карактеристичен од кој ќе може да добијат бенефит и сточарите и државата.
Производителите сметаат дека државата треба повеќе да води грижа за автохтоните сорти кои се полека изумираат.


-Ние имаме автохтона сорта на наша македонска кокошка која се вика Сребра и која се уште не е регистрирана како раса. Ние ќе се трудиме Сребрата да ја задржиме како автохтона кокошка затоа што оваа раса изумира, вели Жарко Василевски од „Наша фарма“.


Според него, државата треба да помогне околу заштитата на овие автохтони раси кои се помалку ги има и кои најчесто за да несат повеќе јајца ги вкрстуваат со други.
Во редот на овие ретки сорти спаѓа и балканската коза која претставува примитивна коза со скромни производствени особини и најмногу е распространета во Југоисточниот планински регион.