ROBLOX СЕ ШИРИ ВО ЕВРОПА

Среда, 10 Април 2019 12:37 Напишано од  Објавено во ИНТЕРЕСНО

Компанијата за видео игри Roblox ја стартува својата платформа на германски и на француски јазик, со што го прошири своето работење на брзорастечкиот европски пазар. Компанијата со седиште во Калифорнија се проценува на 2,4 милијарди американски долари и има над 90 милиони активни корисници месечно, од кои една четвртина се Европејци, според „Фајненшл тајмс“.

Подемот на Roblox останува релативно незабележан во однос на другите популарни игри. Видеоиграта, сепак, е конкуренција на некои од најпознатите во светот, вклучувајќи Fortnite и Minecraft, чии активни корисници се 78,3 и 91 милиони месечно.

„Очекуваме Европа да ги надмине САД во текот на следните една или две години“, вели Крис Миснер, претседател на Roblox International. Тој додава дека Roblox, кој беше основан во 2004 година, го заврши својот прв бран на раст во САД и Комонвелтот на нациите. Сега фокусот е на континентална Европа и Азија.

Што е Roblox?

Интересно за Roblox е тоа што делува како пазар, на кој корисниците градат свои сопствени игри и виртуелни светови, а платформата им овозможува да ги монетизираат своите пронајдоци. За 2017 година, околу 1,7 милиони програмери добиле вкупно над 30 милиони долари од игрите што ги создале.

Roblox гејмерите трошат вистински пари за да купат виртуелна валута наречена „Robux“ која може да се искористи за отклучување на карактеристики воигрите. Програмерите земаат 25% од профитот, а остатокот е за компанијата.

Додавањето европски јазици ќе им овозможи на Roblox поголем пристап до европските пазари, проценети на 13,1 милијарди долари само во Велика Британија, Франција и Германија, според „Newzoo“.

Компанијата веќе воведе корејски, поедноставен кинески и традиционален кинески и има намера да ја пушти својата платформа во Кина.

Безбедносен проблем

Зголемениот интерес за мултиплеер онлајн игри привлече внимание на технолошките гиганти Amazon, Microsoft и кинески Tencent. Сепак, индустријата е под зголемен јавен надзор, бидејќи родителите и законодавците ја доведуваат во прашање зависноста од игрите и безбедноста на децата.

Самиот Roblox влезе во центарот на вниманието минатата година, откако аватар на дете беше силуван за време на игра. Компанијата користи тим од луѓе и вештачка интелигенција за да ги проучи содржините и да обезбеди сигурност.