Швајцарија со највисока плата во Европа од над 4.000 евра, а во Македонија просечната плата е 400 евра

Вторник, 09 Април 2019 14:02 Напишано од  Објавено во ИНТЕРЕСНО

Последните анализи покажуваат дека Швајцарците се на врвот со плата од 4.370 евра и не се дел од ЕУ, а меѓу земјите во Европската унија, Данска има највисок приход од 3.309 евра. Просечната плата во Македонија за јануари годинава, според Државниот завод за статистика, достигна  околу 400 евра, поточно 397 евра, а по нас е Албанија со 378 евра

Највисоките плати во Европа имаат земјите кои не се членки на Европската Унија. Швајцарците се на врвот со просечна  плата од 4.370 евра, на второто место се граѓаните на Исланд со 3.568 евра, а третото место е резервирано за Норвежаните со 3.309 евра.

Последните анализи покажуваат дека меѓу земјите во Европската Унија, Данска има највисок  просечен приход од 3.309 евра, потоа Луксембург со 3.159 евра, а потоа и Шведска со 2.570 евра. Во Германија, која е една од најсилните економии во Европа, вработените имаат просечен приход од околу 2.270 евра.

Најниски плати во Европа имаат Молдавците со 212 евра месечно, Украинците имаат малку повеќе, односно 240 евра, а на трето место со најниски  просечни приходи се граѓаните на Белорусија со 337 евра месечно.

Состојбата со земјите од регионот е сосема поинаква. Лидери во регионот со просечната плата од 1,077 евра се Словенците, а по нив следуваат Хрватите со  просечна плата од 832 евра месечно. Просечната плата во Црна Гора е 512 евра, во Србија изнесува 460 евра, а во Босна и Херцеговина достигна 445 евра месечно.

Просечната плата во Македонија за јануари 2019 година според Државниот завод  за статистика се движи околу 400 евра, поточно 397 евра, а по нас е Албанија со  просечни приходи од 378 евра.

Просечната плата во Бугарија е 457 евра, а нешто подобра ситуација е во Романија каде што приходот изнесува 535 евра месечно.

Грците со просечна плата од 917 евра

И покрај економската криза, Грците имаат значително повисока плата од останатите балкански земји од 917 евра, но сепак Словенците имаат подобар стандард од нив и повисока нето-плата.

Што се однесува, пак, за статистичките бројки  по основ на минималната плата Германија  е на врвот, а нашата  земја е речиси на дното во Европа по минимална плата.

По Луксембург каде што минималната плата е 2.000 евра, Германија е една од земјите  со највисока минимални плати во Европа, која изнесува околу 1.580 евра. Како што анализираат германските медиуми, лицата што работат за  минимална плата, од бруто-износот им се одбиваат даноци и социјални давачки, па остануваат само 1.110,50 евра. Овие месечни приходи се само 14,5 евра над официјалната граница за сиромаштија во Германија.

 Македонија со минимална плата од 200 евра

За споредба, во Македонија минимална плата во моментов е околу 200 евра,иако има најави од страна на Владата дека треба да се зголеми. Сепак, засега македонските работници се наоѓаат на дното во Европа по минимална плата и се далеку од месечната социјална  потрошувачка кошничка неопходна за да опстане едно четиричлено семејство, која според Синдикатот, е околу 500 евра.

Во ЕУ за сиромашна личност се смета секој оној што заработува помалку од 60 отсто од просечната плата. Се зема и предвид реалната ситуација во секоја земја, како што се месечните трошоци за храна, комуналии, кирија…

Од земјите кои се членки на ЕУ, на дното е Романија со минимална плата од  околу 250 евра.  Последните анализи укажуваат дека ниту во Луксембург работниците со минимална плата од 2.000 евра не се далеку од границата на сиромаштијата. Најниската граница на сиромаштија во Романија е утврдена на 137 евра, но целокупната ситуација во оваа земја е мошне сериозна оти речиси третина од населението не може старата облека да ја замени со нова и многу често купуваат таканаречена облека од втора рака.

Токму од овие причини Европската Унија предложи законската минимална заработка да биде најмалку 60 отсто од просечната плата, бидејќи според нивните анализи само така ќе може да обезбедат минимален животен стандард.