Ни пари за леб, ни мир за душа – младите бегаат од тука

Понеделник, 08 Април 2019 12:58 Напишано од  Објавено во ИНТЕРЕСНО

Често се водат дебати околу причината поради која што луѓето се иселуваат од Македонија. Секако дека бројот на оние кои заминуваат за да си заработуваат доволно пари е вртоглаво голем, ама и некои заминуваат заради тоа што си нашле љубов подалеку од тука, а за љубов се оди и на крај на светот. Но, освен овие две добри причини, има уште една која според мене е и најболна за една држава. Има млади кои од тука заминуваат затоа што не можат да го поднесат овдешниот менталитет; не можат да поднесат да бидат под лупа на околината и не сакаат да ги трпат многуте неправди сервирани во сите институции, пишува авторката на еден од своите блогови на Смајли МК.

Некој вели „убава си е државата, луѓето не чинат“. Жал ми е што ќе ве информирам и разочарам, но токму луѓето, од политичари сè до оние на улица, ја прават државата. Убаво е парчево земја на кое што сме се нашле, супер клима (иако веќе имаме големи климатски промени низ цел свет, ама и за тоа Македончето не се грижи), некогаш имавме и убава природа (за денес не можам да го кажам истото), но има нешто во луѓето на Балканот, сепак ќе зборувам за Македонците, кое што упорно ги држи таму некаде пред повеќе од 100 години. Некогаш размислувам зошто е тоа така. Дали има некоја машина за патување низ времето, па им се расипала и останале таму кон крајот на 19-ти и почеток на 20-ти век? Или, пак, некој пуштил некаков вирус и им ги нападнал мозоците? Да прашаш некој Македонец, од каде толку неарен менталитет, може да ти рече дека комшиите магија ни фрлиле. Што знам… Ни фантастика, ни наука, а ниту нешто натприродно се крие зад македонскиот менталитет. Барем досега не се докажало.

Мислам дека кај многу луѓе несвесно влијае сиромаштијата. Убивајќи се од работа и пак без доволно средства за нормален живот. Не е лесно. Овие луѓе немаат време да седнат и да се едуцираат за она што се случува во светот, а некогаш немаат ни мотивација. Немаат ни време, ни пари за да видат што се случува подалеку од дома. Така и ќе си ги воспитаат децата кои после ќе поминат низ истото.

За едните најдов некаков одговор. Но што е со онаа група на луѓе кои колку-толку имаат постабилни семејства и работни места? Овие луѓе добиле можност и да се образуваат, и да одат по одмори и да прочитаат по некоја книга. Но, сепак, има нешто длабоко во нив кое ги влече кон тоа да бидат постојано полни со горчина, негативност, завист и преголема потреба да мушкаат во туѓите животи. И покрај добрата работа, навидум супер семејство, супер среќни фотографии кои обожаваат да ги споделуваат по социјалните мрежи, сепак има нешто труло во нивните души. Сигурно веќе многумина од вас се сетивте за кои зборувам.

Еве, ќе ви раскажам нешто на кратко:

Една пролет, мајка ми замина на гости кај нејзина пријателка во странство. По два дена, една куќна пријателка, доаѓа на кафе и ми кажува дека некоја нејзина познаничка ѝ рекла дека слушнала дека мајка ми го оставила татко ми и се преселила во туѓина… Секако дека се изнасмеав! Е вака, да ви кажам, ниту слушнала, ниту прочитала. Толку многу ѝ било непогодено во животот, па веројатно си барала поголема несреќа за да си се утеши.

Уште една ќе ви раскажам:

Неколку дена откако се вратив од одмор, се сретнав со познаничка која директно ме праша „Ау, кога се врати?“, ѝ одговорив „Пред 2-3 дена“. Не ме ни праша како си поминав, туку ми замери оти сум споделувала фотографии од одморот иако веќе не сум била таму.

Не ми беше јасно зошто ѝ пречеа моите фотографии, а и ако ѝ пречеле, можела да ме игнорира или отследи. Ама не, кога некој со години не направил нешто убаво за себе, мора горчината да ја фрли врз некој друг.

Имам уште многу вакви, а и пострашни да ви раскажам, ама ќе оставам за другпат. Ана Бунтеска, една од најдобрите писателки кај нас, во една нејзина поема вели:

„Ако на чо’ека немаш нешто уб’о да му кажеш
Молчи си, пиле, и не си ја погани устата
Оти чо’ек сам знае за ш’о арен не е
И не му треба твојот отров да го дотепа
Кажи му ја уба’ината во него
Погали му ја со збор душата…“

Е, Ана треба да ја слушаме сите!

Туку, што е со овие луѓе? „Немаат попаметна работа“ не ми е одговор… Мора да има причина позади нивното однесување. Некој ќе рече дека ни јас немам попаметна работа од тоа да се „замарам“ со ваквите луѓе, но јас сакам да знам зошто се такви за да можам да ги разберам и да ги прифатам, а можеби и да најдам начин да им помогнам да не бидат толку тензични.

Некогаш, си велам причината се крие во начинот на воспитување. Отсекогаш Македонците се труделе да бидат подобри од другите, мислејќи дека тоа ќе им донесе успех и престиж, па затоа многу луѓе биле пораснати со:

„Кога можел другар ти да има петки, можеш и ти!“

„Ако ќерка им на комшиите можела да заврши факултет, ти има и да магистрираш!“

„Другар ти остана во работилницата со татко му, а ти си ја пикнал главата во компјутерот и ништо друго не знаеш!“

Вакви и слични „мотивациони говори“ давале/даваат родителите, бабите и дедовците, незнаејќи дека ако детето немало петки ко другар му, може имало дислексија или некоја друга потешкотија во учење. Не им текнало дека утре ќерка им со или без образование може да биде одличен писател или уметник, или нешто друго. На крај памет не им дошло дека утре синот со компјутерот може да има фирма за работа со компјутери во која што мебелот може да биде изработен од раката на другар му.

Но, ете, луѓето растат со комплекси. Стануваат возрасни, градат кариера, зафатени се, па тоа малку слободно време наместо да го користат за себеси, да си ја одморат душата или да се надоградат со нешто ново, тие застанале и чекаат некој да направи нешто за да си ја пополнат празнината која им ја ископале уште ко деца. А, пак оние кои не чекаат нешто да се случи кај другите дури и кај себеси, туку тие самите го измислуваат – е тие се најлоши, кога би биле во Холивуд барем би заработувале, вака само изгледаат смешни, а некогаш и очајни.

Бркајте си ја својата работа, и ич нека не ве боли уво дали комшиите се развеле или дали роднините на комшиите го прифатиле фактот дека ќерка им решила да не се мажи. До вашиот мозок е проблемот, вие одлучувате дали сакате да бидете подобри личности, а сè додека се движите наназад и очите ви се вперени само во едно те исто – ни пари за леб, ни мир за душа. Душата ви го дава она со што ќе ја нахраните!