Анталија, Дубаи, Париз - туристичките агенции со богати понуди за Велигден

Четврток, 21 Март 2019 14:53 Напишано од  Објавено во ИНТЕРЕСНО

Додека некои Велигден ќе го дочекаат дома, со своите најблиски, со скромна трпеза, има и такви кои ќе одат на патување.

Туристичките агенции тријат раце.

Анталија, Дубаи, Париз, Москва, Прага, но и Малта, Шри Ланка, Бангкок се дестинациите каде што Македонците ќе патуваат за претстојните празници. Грција и Бугарија се неизбежни за овие празници. Туристичките агенции велат дека аранжманите веќе се продадени, а цените се прилагодени за сечиј џеб. Во земјава, пак, за празниците ќе престојуваат Грци, Бугари, Срби, Израелци и Холанѓани.

Последниве години, аранжманите се поевтини со оглед дека имаме евтин авионски превоз за повеќето дестинации, но има и аранжмани со автобуски превоз.

Од Туристичките агенции велат дека цената на аранжманот зависи од тоа колку дена се престојува и квалитетот на хотелското сместување, дали се патува групно или поединечно. Се нудат и промотивни цени, но цените се движат од 220 евра до 1.300 евра.

Дел од граѓаните, пак, се одлучија да поминат празничен викенд и во земјава. Берово е меѓу топ дестинациите, но не се забораваат ниту езерата. Хотелите во Охрид и во Струга веќе се распродадени.

Според туристичките работници, на охридското крајбрежје годинава се очекуваат помал број холандски гости, а повеќе од други земји.

Хотелиерите, сепак, очекуваат стартот на сезоната да биде успешен.

Сепак, најголемиот дел од македонските граѓани ќе останат дома бидејќи Велигден го сметаат за семеен празник.