Магијата на Apple: Продава помалку, а заработува многу повеќе

Петок, 02 Ноември 2018 13:22 Напишано од  Објавено во ИНТЕРЕСНО

Американскиот технолошки гигант Apple соопшти дека во четвртиот фискален квартал заработил повеќе од очекувањата на Волстрит, а вредноста на акциите на компанијата сепак паднала за 7%.

Со тоа, пазарната капитализација на компанијата падна под историските 1.000 милијарди долари.

Иако компанијата ги надмина предвидувањата за дури три категории, акциите на компанијата сепак изгубија на вредност најмногу поради тоа што продажбата на ајфони не ги исполни очекувањата.

Apple пријави заработка во овој квартал од 2,91 долари по акција, а предвидени беа 2,78 долари, па приходите изнесуваа 62,9 милијарди долари наспроти очекуваните 61,57 милијарди долари, додека просечната продажна цена на ајфоните достигна висина од 793 долари, а се очекуваше да изнесува 750,78 долари.

Тоа практично значи дека Apple продал помалку телефони, а значително го подигна нивото на заработка, бидејќи зголемувањето на просечната цена од година во година достигна раст од 28%.