Значително доцнење на лет или негово откажување, одбивање за влез во авион, сместување во пониска класа. На тоа се однесуваат најголем дел од барањата за заштита на правата на патниците доставени до Агенцијата за цивилно воздухопловство.

Од почетокот на годинава до АЦВ пристигнале 12 барања за заштита на права на патници, од кои пет се веќе завршени, а седум се во постапка на решавање. Во претходните две години имало 42 такви обраќања до Агенцијата која успеала да реши 39 предмети. За три предмети во фаза е коресподенција со релевантните институции за изнаоѓање соодветно решение, во интерес на патувачката јавност, велат за МИА од АЦВ.

Како што објаснуваат, жалбата првин се поднесува до авиокомпанијата која оперирала со летот, за што се користи формулар што може да се најде на веб страницата на АЦВ. Ако во рок од шест недели не добијат одговор или не се задоволни од добиениот одговор, се обраќаат за правна помош до АЦВ каде треба да го достават формуларот што го испратиле до авиокомпанијата или пак копија од формуларот.

Домашното законодавство е усогласено со европските регулативи во областа. Според нив, на патниците им се исплаќа отштета од 250 до 600 евра ако авиокомпанијата доцни со летот повеќе од три часа, во зависност од далечината на летот. За релации до 1.500 километри отштетата е 250 евра, до 3.500 километри отштетата е 350 евра, а над 3.500 километри 600 евра. Во случај да има одложување на лет преку ноќ авиокомпанијата на патниците треба да им обезбеди хотелско сместување и трансфер до хотелот.

Последен официјален случај од оваа проблематика кај нас е доцнењето на летот Скопје – Хургада, кога на 12-ти месецов домашни туристи чекаа авион околу 10 часа на Меѓународниот аеродром Скопје.

АЦВ тогаш преку соопштение информираше дека патниците можат да бараат соодветен надомест доколку сметаат дека не се испочитувани нивните права. Ако се одлучат за тоа патниците првично треба да поднесат барање за остварување на своите патнички права до туроператорот, односно туристичката агенција преку која е организиран аранжманот или до авиопревозникот, рекоа од АЦВ.

Во случај кога патниците нема да ја добијат услугата за склучениот аранжман, пак, претставка се поднесува до Државниот пазарен инспекторат, и како што велат оттаму, на оштетените парите треба да им бидат вратени во рок од три дена.

Според податоците на аеродромскиот оператор ТАВ Макеоднија, преку Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Свети Апостол Павле Охрид во првите шест месеци од годинава патувале 1,2 милиони (1.163.667) патници, што претставува пораст од 12 проценти во споредба со истиот период од минатата година. На двата аеродрома се реализирани 9.792 лета, со годишен пораст од осум проценти.

Меѓународниот аеродром Скопје опслужува 42 дестинации, од кои 33 се нискобуџетни, управувани од 13 авиокомпании, додека аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужува 20 дестинации, од кои осум се редовни рути во текот на целата година, но и нискобуџетни во исто време, од 13 авиокомпании.

Според уделот во патничкиот сообраќај, Истанбул (и двата аеродроми – Истанбул и Сабиха Гокчен) е најфреквентната дестинација на скопскиот аеродром со 10,1 процент пазарен удел, по што следуваат Цирих (6,9 проценти), Базел (5,4 проценти), Виена (5,4 проценти), Малме (4,3 проценти), Братислава (3,4 проценти).

Сашо Василевски, околу кој деновиве се развива случајот со станот што го купил од фирма која е под истрага на СЈО, минатата недела беше разрешен од директорската позиција во МЕПСО, по препорака на Владата до надзорниот одбор на компанијата. МЕПСО беше можеби единственото акционерско друштво во државна сопственост во кое, во текот на „чистката“ на третиот ешалон на власта, е разрешен и целиот управен одбор.

На завчерашната седница на Владата, пак, кога повторно се најдоа на дневен ред кадровски прашања, поточно пополнување на испразнетите функционерски места во третиот ешалон, изостана препорака за именување нови членови на УО на МЕПСО од чии редови треба да биде и новиот прв човек на компанијата. Затоа, пак, медиумите објавија дека новинарот и директор на неделникот „Капитал“, Љупчо Зиков, две години подоцна, е предложен повторно за директор за финансии во ова АД. Овој пат се очекува тој да ја прифати понудата, што ја одби во август 2017 година (набрзо по смената на власта), кога заедно со Василевски беа „номинирани“ за генерален директор и за директор за финансии. Тогаш, оваа вест предизвика многу реакции во јавноста, а особено во кругови на СДСМ затоа што Василевски своевремено беше кадар на НСДП, во периодот на коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, по што се „одметна“ и важеше за човек од доверба на претходната владејачка гарнитура. За Зиков, пак, како спорно се спомнуваше тоа што едно време беше на чело на сега веќе неактивната Алијанса за подобра Македонија – партијата што ја формираше со бизнисменот Минчо Јорданов и со поранешниот премиер Владо Бучковски, по неговото исклучување од СДСМ.

Сега Василевски заминува од челната позиција во МЕПСО, додека Зиков, кој тогаш се откажа од директорската позиција, влегува во раководството на компанијата. Неговото име е едно од попознатите меѓу идните директори, иако не се најде на подолгиот список на нови именувања на последната владина седница, со оглед на тоа што процедурата за избор на раководни места во МЕПСО оди преку управните органи на компанијата.

Владата во средата донела одлуки за именување на четириесетина нови директори и членови на управни и на надзорни одбори и за неколку разрешувања, за разлика од минатата седмица кога од функциите беа разрешени близу 70 раководители. Меѓу новите функционери нема многу познати имиња, а првиот впечаток е дека овој пат им е дадена предност на кадри од помалите партии што се во коалиција со СДСМ. Своевидно изненадување е именувањето на Ване Цветанов, некогашен директор на Агенцијата за спречување перење пари (сега Управа за финансиско разузнавање), кој своевремено дојде во судир со претходната владејачка гарнитура, а потоа беше опфатен со случајот „Шпион“. Цветанов е именуван за в.д. претседател на Совет за унапредување и надзор на ревизијата. Од таа функција минатата седмица беше разрешен Премтим Исени.

В.д. директор доби и Државниот архив. По разрешувањето на Кирил Петров, за директор е именуван Емил Крстевски од редовите на ДОМ, поранешен новинар и советник во Собранието. Арбен Вила е поставен за в.д. директор на Агенција за странски инвестиции, а Пајазит Лика за в.д. заменик-директор на Дирекција за технолошки индустриски развојни зони, додека Армир Садики доаѓа за в.д. директор на Бирото за јавни набавки. На овие функции претходно беа Вулнет Адеми, Асип Усеини и Бардул Насифи. Исто така, на последната владина седница, Милутин Станиќ е разрешен од директор на Управа за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, а на негово место е именувана Славица Тодорова.

Во соопштението од владината седница нема образложенија за новите именувања ниту податоци за квалификациите на именуваните функционери: Минатата недела, пак, премиерот Зоран Заев на прес-конференција објави дека се менуваат неколку десетици функционери во рамки на кадровските промени што тој ги најави кон крајот на април годинава, односно меѓу двата круга од претседателските избори. Разрешувањата во третиот ешалон, всушност, беа втора етапа од т.н. „метла“ – по „проветрувањето“ на Владата. Образложението на премиерот за разрешувањата на директорите, на двегодишнината од формирањето на оваа влада, беше дека некои од причините за смената на функционерите се: нереализација на капитални инвестиции, блокирање на процеси, замерки од меѓународните институции за одредени процеси, недоволната транспарентност или недоволното почитување на заклучоците и упатства на Владата, некогаш послабиот менаџмент за финансиско стабилизирање и зајакнување на институциите.

-  93.7% од испитаниците поседуваат дебитни картички, а 22% ја користат и можноста да плаќаат на рати

- 72.4% од Македонците картичката ја користат најмалку еднаш неделно

- 49.5% од Македонците претпочитаат безготовинско плаќање за износи над 750 денари

- Достапност до АТМ е топ причина за избор на видот на картичката кај 40 отсто од испитаниците, додека 30 проценти сметаат дека брзината на плаќање е нејзината најдобра карактеристика

Мастеркард ги објави резултатите од MasterIndex истражувањето за финансиските потреби и навики на активните сопственици на картички во Северна Македонија. Оваа студија нагласува дека земјава е пазар со доминантно дебитно плаќање – 93.7% од испитаниците поседуваат дебитна картичка, додека 22% од испитаниците имаат и дебитна и кредитна картичка. Само кредитни картички имаат 28% од испитаниците.

Ако се споредат податоците со оние од Србија и Бугарија, се забележува дека сѐ поголем број потрошувачи од овие две земји се расположени да ги користат поволностите што ги даваат картичките при пазарење отколку во Македонија. Во Србија околу 80 отсто од испитаниците се изјасниле дека поседуваат дебитна картичка, додека во Бугарија тој процент е уште повисок и изнесува 98%. Во однос на кредитните картички,Бугарија и Србија се прилично израмнети. Односно, по 40% од испитаниците во двете држави се изјасниле дека поседуваат кредитна картичка.

Податоците покажуваат дека сопствениците на картички сè подобро ги усогласуваат различните финансиски производи со сопствените потреби. Освен тоа, MasterIndex истражувањето покажа дека 71% од испитаниците ја користеле картичката најмалку еднаш неделно. Односно, 70% од Македонците користат дебитните картички најмалку еднаш неделно, што е знак дека платежните картички имаат стабилна улога во секојдневното пазарење.

Во Србија, исто така,околу 70% од испитаниците ја користеле картичката најмалку еднаш неделно, додека во Бугарија - 80% од испитаниците. Во двете земји се наведуваат слични причини за користење на картичките, како што се безбедноста во секојдневните плаќања, едноставноста и практичноста.

Од готовина до безготовинско плаќање

Резултатите од MasterIndex илустративно ја покажуваат употребата на картички во секојдневните комерцијални активности и дека дебитните картички најчесто се користат за купување храна (58%), облека (20%), плаќање месечни сметки и бензин (по 15%). Кредитните картички, најчесто се користат за купување мебел и домашни апарати (31% од испитаниците), захрана (30%), за облека (17%) и за плаќање на месечните сметки (16 проценти од испитаниците).

Истражувањето укажува на промена во преферираниот начин на плаќање во зависност од платениот износ. Имено, 55.1% од граѓаните на Северна Македонија, сè уште, претпочитаат готовина за износи до 750 денари, додека 25.7% користат картички. Картичката е прв избор за речиси половина испитаници (49.5%) при плаќање износи над 750 денари, но подеднакво висок е и процентот на испитаници кои преферираат готовина – 43.4%.

Се зголемува безконтактното плаќање

Бесконтактните можности за плаќање, сè уште, не се многу раширени со оглед на тоа дека 1 од 2 сопственици на картичка нема или не користи бесконтактна картичка. Но, според 72% од оние кои ја користат можноста, доминантна мотивација е тоа што бесконтакните плаќања се побрзи и попогодни од плаќање со готовина и редовната картичка. Според 27% од испитаниците, оваа можност најчесто се користи во супермаркетите, а значително поретко во локалните продавници (10%), услужните дејности како ресторани и кафетерии (9%) и продавници за облека (8% ).

Вања Манова, менаџер за Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Косово истакна дека оваа промена е одличен доказ за важноста на моментот што електронските плаќања го имаат на локалниот пазар и дека тоа е резултат на тестирањето од страна на потрошувачите и почитувањето на безбедноста, брзината и предноста која картичките ја нудат во секојдневните активности.

"Погодноста да се помине или само да се допре вашата платежна картичка, наместо постојано да трчате на банкомат или да морате да го пресметате точниот износ, е прилично очигледна. Сепак, најголемиот бенефит е имањето детална листа на сите расходи. Оваа рамнотежа го олеснува одредувањето на буџетот, што е многу тешко да се направи со кеш. Дополнително, електронските плаќања покажуваат транспарентност на финансиските текови во земјата и помагаат да се намали нивото на сива економија ", вели Манова.

Истражувањето на MasterIndex ги покажа и причините како сопствениците на картички избираат картичка или банка во Северна Македонија. Имено, широката мрежа банкомати (42.4%) и филијали (27.9%), ниските каматни стапки и бесплатни услуги (26.9%), како и добрата репутација и препознатливост на брендот на банката (22.8%) имаат најголемо влијание при изборот на картичката и банката. Сепак, најдобрата карактеристика на картичките, според корисниците, е можноста за брзо плаќање (30.3%) и практичноста (28.9%) на картичките во олеснување при извршување на секојдневните активности.

Дигитална промена

Времето на дигиталните можности кај финансиските услуги помалку срамежливо, но сигурно стигна и во Македонија, што се забележува преку интересот на испитаниците за онлајн трговијата.

Околу 36% од испитаниците се изјасниле дека еднаш неделно купуваат, односно плаќаат преку интернет, додека 52% не ги користат можностите за онлајн пазарење. Онлајн купувачите за плаќање преку интернет најчесто користат дебитни картички (74%) а 25% од испитаниците се изјасниле дека плаќаат во готово по испорака на производот. Кредитните картички и можноста за електронско плаќање се користат од 1 на 10 онлајн купувачи или помалку. Истражувањето покажува дека 57% од онлајн купувачите купуваат облека или чевли преку интернет, 30% купуваат електроника, додека речиси 1 од 5 испитаници плаќа месечно и други сметки или купува авионски билети.

Цените на акциите на азиските берзи денеска паднаа, исто како на Вол Стрит еден ден претходно, затоа што инвеститорите се разочарани од деловните резултати на неколку компании и одлуката на Европската централна банка (ЕЦБ) да ја задржи каматата на досегашно ниво.

МСЦИ индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, околу седум часот беше во минус 0,5 отсто.

Во исто време на Токиската берза Никеи индексот ослабе за 0,6 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Хонг Конг, Шангај, Јужна Кореја и Сингапур паднаа меѓу 0,1 и 0,8 отсто.

Азиските инвеститори ги обесхрабри и вчерашниот пад на СендП (S&P) 500 индексот на Вол Стрит од рекордни нивоа, откако неколку компании, вклучувајќи го и Форд, објавија послаби резултати од очекуваните квартални деловни резултати.

За 1,6 проценти утрово паднаа и цените на акциите на Амазон, откако овој технолошки гигант објави за прво намалување на приходите во текот на изминатите две години.

Од друга страна, Интел, Старбакс и Алфабет беа подобри од очекуваното, така што цените на нивните акции моментално се во плус од 5 до 8 проценти.

Благодарение на тоа, индексот S&P 500 утрово е во плус 0,2 отсто, што значи дека на почетокот на денешното тргување на Волстрит берзанските индекси би можеле да пораснат.

Од 185 компании во состав на индексот S&P 500, кои досега објавиле деловни извештаи, околу 75 отсто ги надминале очекувањата за заработка.

Но, аналитичарите ги намалија нивните проценки и сега проценуваат дека во вториот квартал заработката на компаниите од состав на индексот S&P 500 ќе биде за 0,1 отсто пониска од онаа во истиот период минатата година, додека на почетокот на неделата очекуваа раст на заработката од околу еден отсто.

Инвеститорите, пак, ги разочара одлуката на шефовите на ЕЦБ да ги остават каматните стапки на досегашното ниво, затоа што се надеваа дека ќе се намали цената на парите.

Американската компанија „Боинг“ предупреди дека тие можеби ќе мораат да го запрат производството на „737 макс“, доколку продолжи приземјувањето и забраната за летање на моделот уште подого време, пренесува Би-би-си. 

Во средата авионската компанија ја објави својата најголема квартална загуба од 3,4 милијарди долари, се поради проблематичниот модел. Ако пречките со регулаторите во светот продолжат, од „Боинг“ изјавија дека ќе ја разгледуваат можноста за намалување или цеосно запирање на производството на „737 макс“.

Компанијата „Боинг“ се соочува со нивната најголема криза по падот на авионот на „Етиопијан ерлајнс“, несреќа во која загинаа сите 157 лица во авионот, втор инцидент во пет месеци со моделот „737 Макс“ на американската компанија

Сепак, шефот на Боинг Денис Мујленбург е уверен дека авионот ќе се врати во воздухот до октомври.

Власта го објави тендерот за првите 2км од автопатот Скопје-Блаце, од граничниот премин до клучката Блаце. Автопатот ќе има две ленти за возење широки 3,5м и една за застанување. Една клучка кај селото Блаце и 2 кружни тека. Ќе се вози со 100км на час.

Финансиите за автопатот се обезбедени, објавија Вицепремиерот Бујар Османи и директорот на државни патишта Зоран Китанов. Надлежните се оптимисти  дека изградбата ќе почне годинава.Рокот да се изградат овие 2км е 18 месеци. За овој дел претпријатието има обезбедено 10 милиони евра, но колку точно ќе чини ќе каже тендерот.

Во меѓувреме ќе се работи на проектирање и на вториот дел, до Скопје, во должина од 10,5км.

Китанов најави и забрзување на изградбата на Кичево – Охрид. Надлежните денеска ќе го разгледуваат планот за тоа како ќе се одвива динамиката.

Секој изграден километар од автопатот ќе се пушта веднаш штом е оспособен за возење, со цел да се растеретува сообраќајот, вели Китанов.

Според планираното, овој автопат треба да биде изграден до средината на  2021ва година, Китанов уверува  дека ќе се потруди рокот - да биде запазен.

По ЕЛЕМ, и државната компанија МЕПСО ќе добие ново раководство.

Ева Шуклева е предложена од Министерството за транспорт и врски за нов генерален директор, додека основачот на неделникот Капитал и новинар Љупчо Зиков, повторно е предложен од Владата за директор на финансии и комерција во МЕПСО.

Тој и претходно беше предложен за оваа позиција, но во август 2017 година ја врати поканата и како што и напиша тогаш поради „многу пизма и зли мисли“ за него и неговото семејство.

Зиков во минатото беше и претседател на партијата Алијанса за подобра Македонија, основана заедно со Минчо Јорданов и Владо Бучковски која на последните избори коалицираше со СДСМ.

На седница на Владата вчера поминаа и имињата на новите директори и членови на одбори на јавни претпријатија, а меѓу имињата се најде и тоа на Ване Цветанов, кој е назначен за в.д. директор на Советот за унапредување и надзор на ревизија.

Сите знаеме дека најбогатиот човек на светот е извршниот директор на компанијата Амазон, Џеф Безос. Тој пред некое време успеа да го помине Бил Гејтс и да седне на тронот со богатство кое е проценето на 125 милијарди долари. Бил Гејтс го чуваше второто место подолго, но се спушти на третото откако го надмина францускиот милијардер Бернард Арно.

Извршниот директор на компанијата ЛВМХ, има проценета вредност од над 108 милијарди долари, откако минатата година додаде 39 милијарди долари на своето богатство. Тој сега се наоѓа на втората позиција, на која долго време се наоѓаше Бил Гејтс. Според ажурираната листа, Бил Гејтс сега се наоѓа на третото место, со богатство од околу 107 милијарди долари. Сепак, како што покажуваат извештаите, Гејтс веројатно би бил на првото место доколку не би биле неговите добродушни донации на хуманитарни организации.

Со текот на годините, Арно ја изградил компанијата ЛВМХ и ја претворил во моќна куќа на луксуз, која ги контролира брендовите како Луис Витон, Диор, Живанши и многу други. Амбициозниот 70-годишник, пред некое време се појавил на вестите, бидејќи вети дека ќе донира 224 милиони долари за реконструкција на Богородичната црква во Париз.

Многу сум задоволен од сите процеси и целиот напредок што го има во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) што се поврзани со Законот за енергетика. Северна Македонија најмногу  напредуваше од сите земји во Енергетската заедница (ЕЗ) во последната година и токму затоа РКЕ реши да прати апликација за добивање на статус на набљудувач во ACER– Европската агенција за координација на енергетските регулатори и ја отвори својата врата за членство во ЕЗ, порача Јанез Копач, директор на Секретаријатот на ЕЗ по состанокот во Скопје со претседателот и членовите на РКЕ.

Тој посочи дека статус на набљудувач во ЕЗ засега има само Црногорскиот регулатор, Српскиот побарал но не добил, а за македонскиот, потенцира, нашето мислење, кое е одлучувачко, е многу позитивно.

-Се уште кај нас не е дојдена апликација, во моментов разговараме и се надевам дека ќе заврши позитивно. Во последната година по усвојувањето на новиот Закон за енергетика во Северна Македонија има многу промени, регулаторот одлично функционира и донесе преку 30 подзаконски акти за овој закон и со тоа практично ја заврши целата работа, но останува да се имплементираат. Некои акти веќе се имплементирани, а некои ќе стапат на сила најдоцна до крајот на годинава, изјави Копач по средбата на тема Реализираните обврски на РКЕ кои произлегуваат од новиот Закон за енергетика.Нагласи дека РКЕ е во процес на сертификација на МЕПСО како оператор на електропреносниот систем.

-Тоа во пракса нема ништо да промени бедејќи МЕПСО и сега е оператор, а ќе биде и во иднина, но многу е важно да се анализира и процени усогласеноста на неговото функционирање со Законот за енергетика, бидејќи тоа е услов МЕПСО да остане членка  на ENCOE, Европското семејство на оператори не електропреносни системи. Сертификацијата од РКЕ мора да биде направена и за неа мора да добијат позитивно мислење од Секретаријатот. РКЕ веќе ја заврши прелиминарната сертификација, доби наше позитивно мислење со барање за некои дополнителни објаснувања и очекуваме наскоро да ја добиеме и финалната сертификација за МЕПСО и на тој начин да се обезбеди стабилен пат на Северна Македонија во европските интеграции на ова поле, прецизира Копач.

Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски посочи дека добиле огромна поддршка од Секретаријатот на ЕЗ при носењето на подзаконската регулатива. -Секој подзаконски акт што го усвојуваме ние го доставуваме и  до Секретаријатот на ЕЗ и често се случуваше  експерти од ЕЗ да дојдат во Скопје за да разговараме за подзаконските акти кои ги носевме. На крајот целиот процес ќе резултира со поднесување на наша апликација до ACER  за да се стекнеме со статус на набљудувач што ќе ни даде право  да учествуваме во работата на работните групи кои постојат во ACER. Во одговор на прашање директорот на Секретаријатот на ЕЗ посочи дека Северна Македонија има најлиберализиран пазар на електрична енергија од сите земји членки на ЕЗ. Процентот на либерализација, потенцира, е околу 65 отсто, што е многу повеќе од Црна Гора која има околу 50 проценти и Србија далеку под 50 отсто, додека останатите земји имаат многу помал процент. -Либерализацијата на пазарот на крај секогаш е во полза на потрошувачите.

Ценам дека е добро направена во вашата земја и без никакви потреси за граѓаните што не е едноставно, рече Копач. За смената на директорите на ЕСМ и МЕПСО рече дека не може да анализира и коментира зошто е направена, бидејќи не е запознаен со деталите на работење на компаниите, но додаде дека му е познато оти ЕСМ почна темелно да го менува начинот на работење и стана профитабилна компанија, а МЕПСО се вклучи во имплементацијата на третиот енергетски пакет што, според него, е позитивно. Претседателот на РКЕ информира дека заклучно со мај годинава има околу 4.000 новоизлезени компании на слободниот пазар на електрична енергија што е пораст од преку 400 до 500 проценти. -Претходно излегуваа компании кои имаа поголема потрошувачка, а сега претежно излегуваат комерцијалните потрошувачи – мали дуќанчиња, кафулиња, ресторани.

Она што изненадува е што имаат намалување на трошоците за електрична енергија за 27 до 32 отсто. При тоа, задржавме и ценовна стабилност во делот за домаќинствата. Се создаваат услови нашите девет активни снабдувачи да продаваат електрична енергија на слободниот пазар, но сите увезуваат струја и нивната цена зависи од цената на регионалниот пазар која оваа година е нешто повисока од вообичаената. Поради тоа се уште не се заинтересирани да нудат кај домаќинствата, но кога ќе се создадат услови ќе бидат први што ќе им ги понудат своите услуги на домаќинствата, потенцира Бислимоски.

Стигна одобрувањето за останатите средства од постоечкиот кредит за автпатот Кичево – Охрид, но и одобрувањето за новиот кредит, и денеска во Владата изведувачите и подизведувачите на средба со вицепремиерот Кочо Анѓушев ќе донесат програма како ќе се одвива интезитетот на работа во наредниот период на овој автопат, информираше денеска директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

Тој рече дека е дадена е наредба на „високо црвено светло" за програмата што ќе биде донесена на состанокот со Анѓушев, да се работи интезивно на изградбата на оваа делница и дека со изведувачите ќе се разговара за конкретни активности кои мораат да ги завршат во договорениот период.

Китанов рече дека ќе се потрудат да го запазат дадениот рок за изградба на автопатот, но и дека паралелно ќе се пуштаат сите делници кои ќе бидат изградени од потегот од Охрид кон Кичево.

Тој информираше дека од многуте експропријации за решавање каде поминува автопатот, останати се уште три.

Четврток, 25 Јули 2019 12:59

Nissan затвора 12.500 работни места

Јапонскиот производител на автомобили „Nissan“, кој е погоден со скандалот откако поранешниот извршен директор Карлос Гон беше уапсен поради финансиски малверзации, ќе затвори 12.500, или околу 9 отсто од вкупниот број работни места, извести компанијата во четвртокот.

Во периодот од април до јуни оперативната добивка на „Nissan“ на годишно ниво потонала за 98,5 отсто, на 1,6 милијарди јени, или 14,8 милиони долари., поради слабата продажба, високите цени на сировините и неповолното влијание на валутните курсеви, според соопштението на јапонската корпорација.

Нето добивката на вториот според обемот јапонски производител на возила на годишни ниво, исто така, силно паднала, за 94,5 отсто на 6,4 милијарди евра. Приходите се намалиле за 12,7 проценти, на 2.370 милијарди јени.

Компанијат ги потврди процените за тековната фискална година којашто завршува во март 2020 година. Со тоа очекува дека нето добивката ќе изнесува 170 милијарди јени, оперативната добивка од 230 милијарди јени, а приходите на 11.300 милијарди јени.

Поранешниот извршен директор на „Nissan“, Карлос Гон, беше уапсен ланскиот ноември, поради обвинувања за финансиски малверзации и на слобода го чека почетокот на судењето.

Страница 9 од 99