Илјадници Германци, Романци, Унгарци, Срби секојдневно транзитираат низ Македонија, но прашањето што се поставува во овие летни месеци е како дел од нив на патот кон морето барем на кратко да се задржи во земјава.
Кратката делница од само 200 километри изморените возачи гледаат да ја поминат што побрзо и одморот да го најдат на некоја морска плажа. Но со добра кампања некои од нив може и да се мотивираат да се исклучат од автопатот и да пробаат некое македонско вино, да уживаат во автентичните домашни јадења, да ја почувствуваат историјата со која дише ова мало парче земја, но и да придонесат за зголемување на профитот од туризмот

 

Она што им се нуди на туристите што доаѓаат во земјава се веќе познатите капацитети во Охрид и Дојран, Преспа е по малку заборавена од овој аспект, но и таа нуди можност за љубителите на некомерцијалниот туризам, кој во светот бележи огромен пораст. Тука се и другите типови туризам, како винскиот, адреналинскиот, планинскиот…

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на странските туристи во мај 2019 година е намален за 5,2 отсто во однос на истиот период лани, додека пораст од 2,1 отсто е забележан кај бројот на ноќевањата.

Во периодот јануари – мај 2019 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на странски туристи е намален за 1,0 отсто. Во истиот период за 0,2 отсто е намален и бројот на ноќевања остварени од странските туристи.
Туристичките работници имаат забелешки дека иако странските туристи посетуваат одредени дестинации во земјава надвор од претходно планираната маршрута, државата нема посериозна бенефиција.

Според пример што го посочуваат битолски туристички работници и угостители, турските туристи, кои се најмногубројни во земјава, особено во Битола, не остануваат дури ни да се освежат со сок или пиво, а на популарниот Широк сокак не пијат ни турско кафе ни чај, туку само на брзање шетаат низ градот и веднаш се упатуваат со автобусите на други дестинации, најчесто надвор од нашите граници.
Познавачите на состојбите во туризмот сметаат дека е потребно државата да изработи сериозна стратегија за навреме да ги привлече транзитните туристи.
– Потребно е креирање стратегија за задржување на туристите што транзитираат низ Македонија, но имплементацијата на стратегијата не треба да се креира и имплементира сега, туку минимум шест месеци пред летото, кога туристите го планираат својот одмор – вели Синиша Пекевски, маркетинг-експерт.
Тој додава дека туристичкиот маркетинг треба да биде континуиран и инвентивен, за да ги намами туристите.

– Рекламата кон строго целните пазари од каде што доаѓаат туристите што транзитираат низ Македонија треба да е континуирана, креативна и динамична. Само тогаш туристите ќе останат подолго. И последна работа, креирањето соодветна понуда, проследена со конкурентни цени, е нешто што ќе ги задржи туристите и во Велес, и во Гевгелија, и во Скопје, и во Струмица, и во Куманово… Без инвестиција во промоција, не правиме ништо – заклучува Пекевски.

Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот наведуваат дека изминатиот период направиле промоција на нашата земја во странство преку онлајн-рекламирање во 12 земји, меѓу кои во Словенија, Србија, Бугарија, Албанија, Косово, Хрватска, Полска, Романија, Шведска, Естонија, Израел и Турција. Покрај тоа, биле поставени и рекламни банери, била организирана билборд-кампања по должината на коридорот Е75. Од Агенцијата нагласуваат и дека туристичката понуда на земјава била презентирана и на осум интернационални саеми, а биле подготвени и над 40 туристички репортажи.

– Насочувањето и задржувањето на туристите што минуваат низ Република Северна Македонија се одвива преку билборд-кампања во Србија, која е во траење од четири недели и опфаќа голем број билборди поставени по должината на автопатот Е75. Почнувајќи од Белград, па до македонската граница, овој пристап со т.н. надворешно рекламирање значи директно зајакнување на промоцијата на локациите што се атрактивни за туристите, а се наоѓаат во непосредна близина на автопатот – посочуваат од Агенцијата.

Без оглед на сите овие активности, се добива впечаток дека „најинтересна“ дестинација на туристите што транзитираат низ Македонија и натаму се бензинските пумпи, каде што најчесто се застанува да се наточи поевтин бензин или да се оди во тоалет. Од тоа и нема некоја посебна бенефиција за туризмот.

Компанијата Saudi Aramco, водечкиот светски производител на нафта, во првата половина на 2019 година објави нето добивка од 46,9 милијарди долари.

Тоа е намалување за 12 проценти од 53,02 милијарди американски долари остварени во истиот период претходната година.

За споредба, американскиот Apple, најпрофитабилната компанија која котира на берза, заработи 31,5 милијарди долари во првите шест месеци од својата финансиска година.

Aramco објави дека вкупните приходи, вклучително и другите приходи од продажби, изнесувале 163,88 милијарди американски долари во првото полугодие во однос на 167,68 милијарди долари минатата година, управувани од пониските цени на нафтата и намалувањето на производството, објави Reuters.

Саудискиот нафтен гигант во извештајот делумно го припишува намалувањето на нето добивката на пад од четири проценти поради просечната остварена цена на сировата нафта во првите шест месеци во однос на истиот период во 2018 година, од 69 на 66 долари за барел.

Претседателот и директор на Aramco, Амин Насер, изјави дека компанијата продолжува со реализацијата на својата ”стратегија за зголемување на преработката“ преку аквизиции како на домашен, така и на меѓународен пазар.

Според податоци на хрватското Министерство за внатрешни работи, во моментов има 17,381 странци кои работат во туризмот, а најголем дел работни дозволи се издадени на лица од БиХ. Оваа сезона дури 6.262 Босанци се вработени во хрватскиот туризам.

Следат државјани на Србија со 5.982 дозволи и на Македонија со 2.791 дозвола.

Во туризмот на Хрватска легално се вработени 553 косовски државјани, 432 украински државјани, 247 црногорски државјани, 227 албански државјани, 121 тајландски државјани и 117 индиски државјани.

Бројот на странски работници во Хрватска е многу поголем од бројот на издадени работни дозволи, јавуваат хрватски медиуми.

Невработеноста во Грција достигна 17,2% во мај, најдобро ниво од 2011 година, пишува Европската унија. Ова е знак дека проблематичната економија во земјата закрепнува и покажува умерен раст.

Стапката на невработеност во септември 2013 година беше 27,8%, така што последното подобрување е значајно. Сепак, тој е над двапати повеќе од националниот просек во Европската унија и во еврозоната. До 2019 година невработеноста во еврозоната е 7,5%, а во ЕУ 6,3%. Во истиот период, невработеноста во Грција изнесуваше 17,2%, што претставува подобрување од 2 процентни поени во однос на минатата година.

Невработеноста кај младите во земјата падна на најниско ниво од почетокот на кризата на грчкиот државен долг, но повеќе од една третина од младите се без работа. Невработеноста кај младите останува висока – 33,8%, што претставува подобрување за повеќе од 5 процентни поени во однос на минатата година.

Повеќе од 400.000 квалификувани млади Грци се преселиле на работа во странство во потрага по подобра плата.

Петок, 09 Август 2019 13:21

Охрид и Струга полни со гости

Спасот од горештините и високите температури деновиве се бара во Струга и во Охрид. Предноста на оние што престојуваат во Струга е тоа што освен во езерото, можат да се капат и во водите на Црн Дрим. Многумина туристи па и локалните жители уживаа на градскиот кеј.

 

„За стружани подобро е капењето во Дрим, а за гостите во езеро.Јас сум роден 1959 година и од шест- седум годишна возрадт доаѓаме. За стружани традиција е Дрим“…

„За луѓе кои живеат покрај Дрим, капењето е исклучиво покрај Дрим. И моите деца се цел ден овде на кејот на Дрим.Струга има пријатна клима, не е екстремно топло.Така да овде е подносливо.Од другите градови кога ќе дојдат велат и најтоплите периоди се многу поподносливи“, велат стружани.

На овие млади момчиња од Скопје, задоволство пак им претсавува скокањето од мостот на Црн Дрим. Секое лето, скокањето од еден од мостовите преставува главна атракција за многумина кои доаѓаат во Струга. И на плажите деновиве се бара место повеќе. Еден гостин од Струмица вели, не ги разбирам оние кои одат во Грција, бидејки Охридското езеро било македонското море.

 

„Овде сме веќе седми ден.И многу ни се допаѓа. Навистина овие луѓе што одат во Грција се ненормални, а овде имаме прекрасно езеро.Тие пари што ги даваат во Грција треба овде да ги дадат.За мене ова е Европска Унија.По цел ден сме на плажа од девет до седум попладне“, вели гостин од Струмица.

„Овде не е многу топло за разлика од Скопје“, додава еден посетител од Скопје.

Има гости од секаде, а најбројни се иселениците во странство.

„Сум шетал секаде. Сум шетал и Италија, Албанија но Струга е Струга. Овде е многу убаво и уживаме. Има многу да се кажува. Но полека ќе се средува градот. Струга е навистина прекрасна“, изјави еден кичевчанец.

„Неколку дена сме во Струга. Ја посетивме Албанија и дојдовме во Струга. Супер е. Имаме убав одмор овде. Добро се справуваме со топлото време. Водата е топла за капење, температурата е одлична“, додава гостин од Тетово.

Од Струга никој не заминува без прошетка со кајче по езерото.

„Од година во година имаме се помалку работа но сепак сме задоволни.Возиме до сите дестинации од овде до Охрид, Радожда, кој каква желба што има.Јас најмногу сакам да ги возам покрај крајбрежјето, да ги посетат пештерските цркви. Ако кажам дека имав гости и од Нов Зеланд нема да верувате.Албанците уживаат да се возат многу повеќе од македонците.Има доста од Косово што се возат“, вели Александар Матоски-сопственик на кајче.

Според последните мерења, темепературата на езерската вода е 25 степени што е идеална за капење.Температурата на воздухот во Охридско- струшкиот регион викендов ќе достигне до 34 степени, а ќе има високо ув зрачење.

Американската компанија Убер, која по пат на апликација за мобилни телефони нуди услуги за превоз, пријави рекордна загуба од 5,2 милијарди долари.

Исто така , нивните приходи потфрлиле во однос на очекувањата на Волстрит.

Таквите резултати се последица на забавувањето на растот во основата на превозната дејност на Убер, што предизвикало акциите на компанијата да паднат за шест отсто.

Во нето загубата на Убер во второто тримесечие, кое е значајно поголемо од 878 милиони долари загуби во истиот период минатата година, се пресметани и трошоците за компензација од 3,9 милијарди долари која Убер, во вид на акција, им ја исплатил на вработените после својата иницијална јавна понуда (ИПО) на берзата.

Стапката на раст на приходите на Убер, се забавила на 14 отсто, односно на 3,2 милијарди долари, заостанувајќи така зад просечната проценка на аналитичарите од 3,36 милијарди долари.

Приходите во основата на превозната дејност на компанијата пораснале само два отсто на 2,3 милијарди долари, додека приходите на услугите на Убер за достава на храна “Uber Eats” пораснале за 72 отсто на 595 милиони долари.

Трошоците на Убер пак во вториот квартал пораснале за 147 отсто на 8,65 милијарди долари, како последица на наглиот скок на трошкови за истражување и развој.

Дали е на повидок нова трговска војна помеѓу Македонија и Косово? Косовскиот министер за трговија и индустрија во оставка Ендрит Шала се закани дека неговата земја ќе забрани увоз на повеќе македонски производи, откако Македонија забрани увоз на жива риба од Косово, намената за полнење на рибници. Тој за намерата на Косово го известил и нашиот министер за економија Крешник Бектеши. Во писмото до него, се бара Скопје да ги отстрани бариерите, а ако до тоа не дојде, косовската страна “ќе ги разгледа мерките на реципроцитет за сите производи од Северна Македонија кои се увезуваат на Косово”.

“Ова кршење на обврските кон CEFTA од страна на Северна Македонија предизвикува загриженост за мојата влада и ве повикувам што побрзо да најдете решение по ова прашање”, напишал во писмото министерот Шаља.
Македонските министри за економија и земјоделство, Крешник Бектеши и Трајан Димковски уверуваат дека до трговска војна нема да дојде. Проблемот настанал кога од 1 јуни нашата Агенција за храна и ветеринарство добила акредитација по стандардите на Европската Унија, додека Косово се уште ги нема тие сертификати. Димковски тврди дека забраната за увоз на материјал за порибување не важи само за Косово, туку за сите држави кои немаат спроведено контрола и немаат гаранција дека она што го извезуваат во македонија е здравствено исправно.

-Од Косово може да влегува свежа риба во земјава што веднаш се дистрибуира во маркети и во рибарници, но забрана има за порибителниот материјал, односно за икра и млади риби. Причината за воведувањето на забраната од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) е тоа што Република Северна Македонија веќе се подготвува и многу брзо ќе добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар, рече Димковски во одговор на прашање по денешното потпишување на договори за набавка на приплоден добиток во Платежната агенција.

Димковски уверува дека има комуникација со косовските власти и дека нема да има поголеми проблеми ако косовската страна направи мониторинг на икрите за извоз.
Трговските тензии меѓу Македонија и Косово се честа појава, особено во летниот период. Во неколку наврати, Македонија забрануваше увоз на разни продукти, а Косово го ограничуваше увозот на домати, пиперки и други земјоделски производи од Македонија. На листата за забрана лани имаше дури 25 производи. Ваквата пракса од двете страни често завршуваше со поплаки за прекршување на обврските од ЦЕФТА договорот.

Доколку САД продолжат со заострувањето на трговската војна, можно е кинеската влада да дозволи дополнително намалувањето на вредноста на националната валута јуан, за да им помогне на извозните компании да се изборат со притисокот од зголемувањето на американските царини, предупредуваат кинеските економски експерти.

 

– Ако американската страна дополнително го заострува трговскиот конфликт, не е исклучена опцијата кинеската влада да посегне по нова девалвација на јуанот, поради притисокот на пазарите, и тоа за да им помогне на извозните фирми да го ублажат можниот притисок од повисоките царини – истакнува Џанг Минг, економски и политички експерт од кинеската Академија на општествените науки.

Според него, основна причина за падот на вредноста на јуанот е одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп од 1 септември да воведе нови царини на увозот на кинески производи, во вредност од 300 милијарди долари.
– Тоа очигледно е спротивно на очекувањето на берзите, а кинеската влада стана уште попесимистичка во однос на изгледите за кинеско-американски преговори – оценува Џанг.

Тој, сепак, смета дека нема да дојде до дополнително обезвреднување на кинеската валута.
– Американските Федерални резерви кон крајот на јули почнаа со намалување на каматната стапка, а индексот на доларот нагло опадна. Тоа е втор фактор што придонесува за стабилен курс на јуанот – додава кинескиот експерт.
Покрај тоа, Џанг оценува дека во овој момент не постои ризик од конкурентна девалвација на јуанот, бидејќи амплитудата на неговиот пад сега е ограничена од влијанието на трговијата. Но, сепак, тој признава дека такво нешто би можело во иднина да се случи со другите валути.

– Ако трговската војна и промената на курсот на јуанот влијаат на економскиот развој на другите земји или на влошувањето на ситуацијата со надворешната трговија, тогаш другите земји преку доброволно обезвреднување на валутата ќе можат да ги надминат разликите и на крајот ќе дојде до конкурентна девалвација на јуанот. Низ историјата имаше повеќе такви случаи – заклучува Џанг.

По најавата на Трамп за нови царини на кинеските производи, Народната банка на Кина на 5 август го девалвира курсот на јуанот во однос на доларот, на минимум од декември минатата година. Подоцна, американското министерство за финансии ја стави Кина на листата земји што манипулираат со валутата и најави дека за тоа ќе ја извести и Светската трговска организација.

Страница 4 од 136