Генералниот директор на АД Електрани на Македонија Драган Миновски во интервју за МИА говори за заклучоците од „Македонски енергетски форум 2018“ што во јуни годинава се одржа во Струга во организација на ЕЛЕМ, Владата, Американската амбасада и Институтот ЗИП. На форумот учествуваа повеќе од 200 учесници, говорници и посетители од 15 земји од светот. 

На „МЕФ 2018“ имаше плодна дебата, дали може да ни кажете во кој правец се движеа дискусиите и кон што водат заклучоците од овој меѓународен енергетски форум?

- По завршувањето на форумот, со задоволство можам да заклучам дека на оваа меѓународна средба на високи функционери во Владата, еминентни експерти, и бизнисмени се презентираа сугестии, визии и политики за енергетска стабилност и стратегии за енергетски развој во Република Македонија и во регионот.

Говорниците и сите ние како учесници на овој форум се согласивме дека енергетскиот предизвик со кој се соочува светот е како да се балансира помеѓу задоволување на зголемената глобална побарувачка на енергија од една страна и обезбедување на сигурна, достапна и одржлива енергија од друга страна.

Обезбедувањето на сигурна, достапна и одржлива енергија е од суштинско значење за глобалниот раст и развој. Овие три цели претставуваат енергетска трилема, што вклучува комплексно испреплетени врски меѓу јавните и приватните актери, владите и регулаторите, економските и социјалните фактори, националните ресурси, грижата за животната средина и индивидуалното однесување.
Размислувањето на глобално ниво се повеќе се насочува кон идејата и потребата за енергетска транзиција, односно чекори кон почиста, поодржлива и помалку јаглеродна интензивна енергетска иднина.

Потребна е помош и поддршка од ЕУ кон земјите аспиранти за членство, кога станува збор за проекти од енергетиката. Тоа се основните насоки во делот на енергетиката во следните години, или може да се каже најмногу во следните две децении, колку што е релано да се предвидува денес во областа на енргетиката.

Рековте дека светот ќе бара се повеќе електрична енергија. Како ќе се супституираат фосилните горива во иднина со зголемената побарувачка?

- Проценките се дека во иднина потрошувачката на електрична енергија ќе расте. Развојот на индустријата и воведувањето на нови технологии ја зголемува потребата за користење на електрична енергија, иако се очекува и унапредување на енергетската ефикасност. Особено, се очекува зголемна потрошувачка на електрична енергија со се поголемата електрификација на транспортот. Да, точно, електричната енергија ќе ја заменува нафтата, односно фосилните горива, таму каде што сега се применуваат. Значи, дефинитивно може да се очекува, дека во следните години и децени ќе треба да се произведува повеќе електрична енергија отколку што е тоа случај денес.

Ако е јасно дека ќе има потреба од се повеќе електрична енергија во иднина, како таа ќе се обезбедува, како се позиционирани новите технологии и каков ќе биде уделот на обновливите извори?

- Мора да се согласиме дека глобалната заложба за заштита на човековата околина и посебно за намалување на емисиите на стакленички гасови, од една страна, како и потребата за обезбедување на поголема разнообразност и со тоа и сигурност во снабдувањето со енергија, неминовно се наметнува потребата од зголемено учество на обновливите извори во финалната потрошувачка на енергија. Еден од основните предизвици треба да биде дефинирање на најпогоден одржлив развој на енергетскиот сектор.

Безбедното, конкурентно и еколошки одржливо снабдување со енергија е од фундаментално значење за современите општества - за нашите индустрии, за нашите домови и воопшто за нашиот начин на живот.

Во однос на енергијата во светот во следните 20 години, постои општа согласност дека производството ќе се насочува се повеќе кон технологии кои не загадуваат, односно искористување на обновливите извори на електрична енергија. Во светот моментално се работи на нови решенија кои се однесуваат на овој вид производство, како и на решенија за складирање на произведената електрична енергија.

Искористувањето на обновливите извори на енергија во земји што во моментов во голема мера се ориентирани на производство на електрични енергија од фосилни горива, води кон потреба од воведување системи за складирање на енергијата што би овозможиле балансирање помеѓу произведената и потрошенета електрична енергија.

Како да се обезбеди енергетска сигурност?

- Енергетскиот сектор во Република Македонија е еден од најзначајните сектори за развој на економијата и треба да е приоритет со цел обезбедување на сигурно снабдување со енергија.

Во реализацијата на наведената цел, треба да се земат предвид неколку приоритети, меѓу кои и одржување, ревитализација и модернизација на постојната и изградба на нова, современа инфраструктура за производство и користење на енергијата.

Диверсификацијата на енергетските ресурси треба да биде приоритет со цел подобрување на енергетската сигурност и безбедност во снабдувањето. Значи, да не зависиме само од еден извор од каде би ја црпеле енергијата, односно во случајот електричната енергија, туку да работиме на проширување на портфолиото, на создавање на една шареноликост во производните капацитети, да имаме и термоелектрани, но да имаме и хидроелектрани, ветерници, фотоволтаични електрани, односно поголемо учество на обновливите извори на енергија во процесот на производството на електрична енергија. Таквиот пристап дава сигурност на државата кога е во прашање енергетиката. Од тие причини, потребно е подобрување на процесите за иницирање и развој на нови проекти. Тоа, пак, значи добра кадровска подготвеност на сите нивоа и брзи и поедноставни процедури.

Имајќи ги во предвид предизвиците во електроенергетскиот сектор, несомнено посебно треба да се посветиме на развој на човечките ресурси и создавање на стручен кадар кој ќе биде обучен да ги следи глобалните трендови во овој сектор.

Станува актуелно прашањето за заеднички пазар за електрична енергија во регионот, но исто така и потребата од поголема поддршка од ЕУ за Западен Балкан за енергетските прашања.

- Понатамошната либерализација на пазарот на енергија и имплементирање на ЕУ легислативата е со цел создавање на услови за поголема конкуренција во областа на снабдувањето со електрична енергија на потрошувачите во Република Македонија.

Понатаму, потребна е силна политичка волја и зголемена соработка помеѓу сите земји од Западен Балкан со цел воспоставување на единствен пазар на енергија кој ќе биде од бенефит за сите граѓани. Свесни сме дека една од основните цели во енергетика е поттикнување на конкуренцијата на енергетските пазари со почитување на начелата на недискриминација, објективност и транспарентност, како и интегрирање на енергетските пазари во регионалните и меѓународните енергетски пазари .

Секако, потребно е целосно имплементирање и хармонизирање на регулативата, како и владеење на правото во сите земји од регионот на Западен Балкан со цел зголемување на инвестиците во инфраструктурни проекти.

Во сите енергетски проекти и во Македонија и во регионот од големо значење е поддршката од ЕУ, да се препознае и финансиски да се поддржат проекти како што во моментов е гасната интерконекција помеѓу Македонија и Грција, за кој проект во овој момент се изработува физибилити студија.

Македонија има нов Закон за енергетика, има обврски преземени со Договорот со Европската енергетска заедница. Дали ќе може брзо да се видат промените кои ќе произлезат од новите законски решенија?

- Зборувајќи за можностите и новите перспективи во енергетиката, не можеме а да не го споменеме новиот Закон за енергетика кој со себе носи реформи и новини кои нудат основа за реформи на ниво на институции и политики кои го поддржуваат развојот на енергетиката.

Поттикнување на конкуренцијата на енергетските пазари со почитување на начелата на недискриминација, објективност и транспарентност, како и интегрирање на енергетските пазари во регионалните и меѓународните енергетски пазари е еден од предизвиците на кои Република Македонија, и ние како дел од енергетскиот сектор во оваа држава треба да одговориме.

На самиот форум, земајќи ја предвиди дискусијата и излагањето на владините претставници, и експерти може да се заклучи дека Република Македонија е посветена кон спроведување на реформите во енергетскиот сектор и исполнување на обврските кои произлегуваат од Договорот за основање на енергетската заедница. Со донесување на Законот за енергетика се создаваат услови за исполнување на енергетските „меки мерки“, како и понатамошна либерализација на пазарот на енергија кон остварување на сигурно функционирање на пазарот на енергија и создавање на услови за поголема конкуренција при снабдувањето со енергија на потрошувачите во Република Македонија.

Искрено се надевам дека со воведувањето на правото на избор, може да се очекува дека либерализацијата на пазарот може само позитивно да влијае врз цените што овие категории потрошувачи ќе ја плаќаат за потрошената електричната енергија. Значи, ефектот ќе се види многу брзо. Исто така, и малото стопанство ќе добие намалување на цената на електричната енргија, што ќе биде многу значајно за подобрување на работата на фирмите и можност за поголем успех.

Важно е да се спомене, дека со новиот Закон се воведуваат и премиуми кои се пазарно ориентирани мерки за подршка на производителите на електрична енергија од обновливи извори на енергија, што значи дека повластените производители електричната енергија ќе ја продаваат по пазарни услови.

Првпат се воведува и можноста да му се даде можност на потрошувачот, да премине во „напреден потрошувач”. Повеќето од нас трошат електрична енергија од мрежата на ист начин веќе повеќе од еден век. Но тоа почнува да се менува. Потрошувачката на електрична енергија веќе не мора да биде еднонасочна улица. Ова најчесто се постигнува преку поставување на фотоволтаични панели на покривите, и претставува доста возбудлив тренд во искористувањето на обновливите извори на енергија. Воведувањето на овие можности и нови технологии можат да помогнат во заштитата на животната средина, да го поттикнат економскиот развој и да обезбедат поголеми енергетски избори поттикнувајќи уште поголема конкуренција и иновации во енергетскиот сектор.

Свесни сме дека со овој Закон се воведуваат новини во енергетскиот сектор кои ќе бараат соодветни промени и прилагодувања, но како и да е на овие реформи треба да гледаме како на еден нов предизвик, каде сите заедно како дел од енергетскиот систем ќе соработуваме и ќе земеме учество во подготовката на подзаконската регулатива, која исто така мора да признаеме е доста значајна, се со цел градење на еден стабилен и одржлив енергетски систем.

Исто така, беше истакнато дека гасификацијата како тема веќе е стратешки приоритет на Владата на Република Македонија. Во дебатите беше посочено дека како алтернатива за подрачјата каде што гасоводот не може да помине со цевка, може да се бара во ЛНГ и ЦНГ технологиите.

Колку сте задоволни од првиот „Македонски енергетски форум“ што го организиравте заедно со Владата и Американската амбасада, дали планирате да продолжите и следната година со нова средба и каков ефект очекувате да предизвика тоа што беше дебатирано на форумот?

Искрено јас како директор на АД ЕЛЕМ, компанија која е една од организаторите на овој форум во соработка со Владата, Амбасадата на САД и ЗИП Институот сум задоволен од реализацијата на оваа заедничка идеа за воспоставување на пракса да се одржува еден ваков форум, како средба на која се дава можност на владините претставници, експерти и бизнисмени да дискутираат на една тема како што е енергетиката. Заедно да дискутираме, да разменуваме искустава и да даваме предлози за подобра енергетска иднина.

Регионалната соработка на стручно ниво претставува еден од двигателите за развој на овој сектор. Драго ми е да споделам со вас дека добивме низа позитивни коментари од сите учесници на конференцијата. 

Очекуваме за следната година да обезбедиме учество на поголем број домашни и меѓунардони представници од областа на енергетиката со цел на реализација на уште еден вака успешен форум. Заклучоците кои произлегоа од форумот даваат предлог насоки до државните институции, до производителите, до трговците и до сите други субјекти од енергетскиот сектор. Искрено се надеваме дека дадените сугестии  во наредниот период, секој од своја област, ќе се потруди да ги имплементира и реализира и дека веќе наредната година, ќе може да се дебатира за тоа што веќе сме го примениле, а произлегло како идеа од годинашниот форум.

 

Управата за јавни приходи (УЈП) во изминатиот период реализира заначајни активности за подобрување на деловниот амбиент во земјата. Со Сања Лукаревска, првиот човек на УЈП разговараме на повеќе теми од значање за стопанството, вршење на контрола, наплата на даноци, поврат на ДДВ, борба против нерегистрираните субјеки како и за идните проекти на УЈП, ексклузивно за Економист.мк.

 

Веќе една година како сте директор на УЈП, кои се според вас најзначајните активности кои Управата ги реализирала до сега?

Лукаревска: Во изминатиот период успеавме да реализираме повеќе активности :

Укинување на радиодифузната такса

Согласно Законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кој се укина радиодифузната такса, Управата за јавни приходи изврши достава на Решениија за утврдување на оваа јавна давачка заклучно со месец Септември 2017 година, а за обврзниците кои имаа извршена предвремена уплата за цела 2017 година, спроведе поврат на повеќе платените средства.

Воведување на системот Е- ПДД

Од 01.01.2018 година, Управата за јавни приходи воведе нова процедура за пресметување и плаќање на обврските за персонален данок на доход, односно пресметувањето на данокот преку поднесување на Електронска пресметка за приход и данок (е-ППД) до Управата за јавни приходи, преку новиот систем е-Персонален данок.

Врз основа на податоците од електронските пресметки за исплатените приходи во текот на 2018 година, во 2019 година Управата за јавни приходи ќе издаде пополнети годишни даночни пријави на граѓаните, кои даночните обврзници ќе може да ги потврдат или корегираат.

Финансиска помош за минимална плата

Управата за јавни приходи согласно Законот за минимална плата, врши контрола на исполнетоста на условите за обезбедување на финансиска помош на работодавачите за исплата на минимална плата и податоците за лицата и субјектите кои го оствариле ова право, ги доставува до Министерството за труд и социјална политика.

Забрзување на постапката за поврат и пребивање на даноци

Управата за јавни приходи е во завршна фаза на имплементација на модел за автоматски поврат и пребивање на даноци, со што ќе се намали времето на административните постапки при доставено барање за поврат на данок на додадена вредност.

Услугата на УЈП „Закажи средба” со даночен агент, овозможува секоја странка да закаже термин за средба со даночен агент во УЈП - Регионална дирекција Скопје во време кое нему му одговара, според расположливите термини, а со цел консултација од даночната сфера, и тоа: добивање на општи информации за рокови, начини за пријавување и плаќање даноци; отворање на бизнис и регистрација на даночен обврзник; консултации за издадени даночни документи; утврдување на даноци; постапки за наплата на долгови; правни прашања и консултација за други специфични прашања.

Поедноставување на даночните постапки за земјоделците -Намален е прагот за регистрација на земјоделците – вршители на дејност на 1 милион денари. Поврат на персонален данок за остварени приходи од земјоделска дејност до 1 милион денари Владата на Република Македонија заедно со Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, најдоа разбирање за важноста и егзистенцијалните прашања на оваа група на граѓани, за кои покрај субвенциите, одлучи и да го зголеми прагот од претходно 300.000 денари кои беа ослободени од обврската за плаќање на данок, на 1.000.000 денари, односно задржаниот данок на доход за средствата остварени од продажба, кои не надминуваат 1 милион денари ќе им биде вратен на земјоделците.

 

Неодамна заедно со стопанството најавивте акции  за зголемено делување во борбата против сивата економија, регулирање на работата на црно на пазарот на труд. Каква е состојбата во моментот и планот за сузбивање на оваа појава во земјата?

Лукаревска: Преку Меморандумот за соработка меѓу Сојуз на стопански комори на Македонија и УЈП заеднички ќе целиме кон зголемено делување во насока на намалување на нелојалната конкуренција која претставува сериозен проблем за развој на домашното стопанство, заеднички ќе работиме кон намалување на нелојалната конкуренција и сивата економија, која во моментот претставува голем удар за компаниите. Не смееме да дозволиме регистрираните компании, трговци поединци, занаетчии, кои ги почитуваат законите, ги плаќаат даноците, ги исполнуваат стандардите, прописно ги пријавуваат и плаќаат работниците, да трпат штета од нерегистрираните субјекти, кои се дел од сивата економија во таа насока заеднички со надлежните институции МТСП, трудовиот инспекторат ќе делуваме за сузбивање на оваа појава, секоја институција во рамките на своите надлежности и ингеренции (за работа на црно се надлежни МТСП- трудовиот инспекторат а УЈП во делот на оние кои се регистрирани. Нашата цел и заложба како УЈП е да влијаеме кон онаа категорија на даночните обврзници  кои се регистрирани, а не издаваат фискална сметка, обврзници  кои се надвор од даночниот систем на УЈП поради користење на паралелен систем за евидентирање на готовинскиот промет (издавањето на не фискални сметки). Пропустите од недоволна информираност на граѓаните и правните лица ќе ги надминеме заеднички со Сојуз на стопански комори на Македонија, веќе од тој аспект УЈП подготвува серија на документи и материјали: Акционен план за фискализација (нови ефективни мерки и активности) кој како материјал треба да преставува врска меѓу Планот за намалување на сивата економија, Стратешкиот план на УЈП и Национална кампања за фискализација (нов пристап, нови едукативни содржини-флаери и сл).

 

Како одлучува УЈП во кои компании ќе врши контрола?

Лукаревска: Управата за јавни приходи, во склоп на корективните инструменти,  користи повеќе видови на контрола како што се канцелариските, надворешните и даночни контроли.  

Надворешните контроли вршат голем број на важни улоги кои, доколку целосно и ефикасно се исполнат, може да дадат значителен придонес кон подобрување на целокупната состојба на даночниот систем. Истото подразбира, промовирање на доброволна усогласеност: Откривање на неусогласеноста на ниво на поединечен даночен обврзник, собирање информации за „здравјето" на даночниот систем.

Ефективна и ефикасна програма за надворешни контроли зема во предвид повеќе критични аспекти како што се методи и алатки за селекција на даночни обврзници кај кои треба да биде насочена надворешна контрола, програми за обука на даночните службеници/инспектори, перформансите на информатичката технологија (ИТ), адекватноста на правната рамка за даночни контроли итн.

Главни методи кои се користат при селекција на обврзници за надворешна контрола се следните:

  • Анализа на поединечни случаи кoja се базира на детален увид во обезбедените податоци (од евиденцијата на Управата, други органи и институции, пријави и претставки) за работењето на даночниот обврзник, во насока на одредување на нивото за ризичност од даночен аспект,
  • Системски имплементирани критериуми за ризик кои овозможуваат, објективност при изборот на случаи за контрола; Соодветен третман во согласност со нивото на ризик; Рационална употреба на човечки ресурси;
  • Случаен избор; се базира на селекција на примерок од одредена ризична дејност.  Овој метод се користи во насока на евалуација на соодветноста и ефикасноста на дефинираните критериуми за ризик. Доколку случаите за контрола избрани на овој начин дадат поголем резултат во споредба со случаите избрани со користење на критериумите за ризик,  неопходно ќе биде дефинирање на нови, суспензија на одредени или ажурирање на веќе постоечките индикатори за ризичност.

 

Каква е наплатата на даноците од почетокот на годината?

Лукаревска: Со Буџетот на РМ ("Службен весник на РМ” бр. 196 од 28.12.2017 година) Управата за јавни приходи треба да обезбеди 69.00% од планираните буџетски приходи, од кои, 38.2% од наплата на даноците и 30.8% од наплата на придонесите или вкупно износ од 146,503 милиони денари, (81,081 милиони денари од наплата на даноците и 65,422 милиони денари од наплата на придонесите).

Од почетокот на годината, односно во периодот јануари-јуни 2018 година, остварен е вкупен даночен приход од 39,802 милиони денари, кој во однос на планираниот приход од 39,979 милиони денaри бележи остварување од 99,6 процентни поени или понизок е за само 0,44% . Трендот на зголемување на наплата отпочна во месец април и продолжи и во месеците мај и јуни.

Наплатата  на даноците во периодот јануари-јуни 2018 година е зголемена  за 6,2%споредено со истиот периодот од 2017 , за 11,2%  во однос на 2016  и за 19% во однос на 2015. Во вкупно планираните даночни приходи, највисоко е учеството на данокот на додадена вредност  62,95%.

Поради значајното учество на наплатата на ДДВ во вкупниот износ на даночните приходи важно е да се потенцира дека наплатениот ДДВ приход во периодот јануари–jуни 2018 година од 24,080 милиони денари во однос на планираниот приход од 24,384 милиони денари, претставува помало остварување за само 1,2 процентни поени. Додека наплатениот ДДВ приход е повисок од приходот во истиот период од 2017 година за 2,96 процентни поени, повисок од 2016 година за 2,4 процентни поени и повисок од наплатениот ДДВ во истиот период од 2015 година за дури 22, процентни поени.

Притоа, треба да се напомене дека истовремено е остварен повисок поврат за 16% во однос на истиот период од 2017 година, повисок за 38,5% од 2016 година и повисок за 18% од 2015 година. Во периодот јануари-јуни 2018 година, остварен е вкупен приход по основ на социјални придонеси од плата во износ од 32,520 милиони денари кој е повисок за 2,5% во однос на планираниот од 31,729  милиони денари и повисок за 7,3% во однос на остварениот во истиот период од 2017 година во износ од 30,314 милиони денари, повисок за 13,3% од 2016 година и повисок за 18,9% од 2015 година.

 

Се зголемува ли моќта на компаниите и граѓаните да плаќаат даноци и каква е состојбата со долгот на државата кон приватните компании по основ на поврат на ДДВ?

Лукаревска: Управата за јавни приходи и Министерството за финансии редовно ја спроведуваат постапката за поврат на данок на додадена вредност, во законски определениот рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето за поврат. Вкупниот износ на поврат на данок на додадена вредност со доспеана валута изнесува 22.295.437 денари.

 

Кои се следните даночни реформи на кои што работи Управата и ги планира за следниот период?

Лукаревска:Управата за јавни приходи превзема активности за имплементација на Проектот "Повеќе пари кај граѓаните", кој треба да овозможи поврат на 15% од износот на платениот ДДВ на физички лица.Исто така превземаме низа активности за имплементација на Проектот за обезбедување на даночно намалување за стопански субјекти кои ќе донираат средства на спротски клубови.

Градежната комора на Македонија, по повеќе месечни апели за продолжување на мерката за 5 % ДДВ за продажба на станбен простор, ја поздрави донесената одлука за предвидените законски измени на Министерството за финансии на Република Македонија, со кои се продолжува рокот за оваа мерка заклучно до 2023 година. Оваа законска измена е од особено значење за приватниот сектор и сите граѓани на Република Македонија.

Дополнително, почитување на законската регулатива во целост за издавање на одобренија за градење и измени на клучните закони со кои ќе се помогне и забрза градежната активност, се главните фактори кои ќе ја стимулираат работата на градежниот сектор, во спротивно сите инволвирани во процесот на градење ќе трпат големи загубите, рече Ивица Јаќимовски, генерален менаџер на Голден Арт во интервјуто за economist. Mk.

 

Како да се постигнат долгорочни позитивни ефекти во секторот градежништво?

 

Јаќимовски: Отвореноста за консултации со релевантните засегнати страни и прифаќањето на конструктивните мерки предложени од страна на деловната заедница се значаен чекор во воспоставувањето на квалитетен јавно приватен дијалог кој веруваме ќе допринесе за долгорочно позитивни ефекти за градежништвото но и за целокупната национална економија. Усвојувањето на барањата  на бизнис секторот, значи поттик за остварување на планираните инвестиции не само за градежните компании, туку и за над 26 други стопански гранки директно поврзани со градежништвото

Мерката 5% ДДВ за становите беше  едно од клучните мерки за стабилизирање на работата во градежниот сектор. Градежната комора во рамки на своите работни групи, активно предлага мерки за подобрување на состојбата во секторот градежништво.

 

Што е значајно за непрекинат тек на градежните проекти?

 

Јаќимовски: Капиталните инвестиции се значајни за долгорочен раст на економијата. Сметаме дека  со започнување на активностите и градежната офанзива на неколку делници, како и на предвидените проекти поврзани со железница, гасификација, изградба на нови  водоводи и канализации, нови градинки и училишта низ повеќе општини во Република Македонија, тој тренд на негатива ќе се надимине. Потребно е да се постави  одредена динамика во која точно ќе се знае обезбедената инвестиција, динамичката реализација, начинот на плаќање, редовно сервисирање во делот на плаќање, редовно извршување на обврските кои се предвидени каде влегуваат и временските услови. Нема да има пролонгирање на рокови ако сите се придржуваат до динамичкиот план.  За градежништвото е од особено значање квалитетната администрација, запазување на предвидени законски рокови за изградба како и стратешко и долгорочно планирање без застој при изградба, без разлика дали се работи за високо градба или ниско градба. Тој додаде дека одредени недоследности треба да бидат елиминирани и предвидени пред самиот старт на градба, во спротивно тоа ги зголемува трошоците за сите чинители во процесот на градење.


Постоите веќе 12 години на македонскиот пазар, а успеавте да изградите своевиден бренд во градежништвото?

 

Јаќимовски “Голден Арт” како градежна компанија е основана 2005 година со дејност градежништво, со цел продолжување на фамилијарната традиција градежници која се протега повеќе од 100 години. Со самото основање на “Голден Арт” поставивме цел пред себе, да изградиме градежен бренд кој ќе биде препознатлив по квалитет на станбен и деловен простор. На самите почетоци се потпревме на искуствата на нашиот татко, кој е дел и денес од успесите на “Голден Арт”. Постојан мотив по кој работевме е превземените обврски да се испочитуваат во целост, по што и денес е препознатлива “Голден Арт”.

 

Што е тоа што Ве разликува од конкурентите на пазарот?

 

Јаќимовски: Како градежна компанија во споредба со конкуренцијата не издвојува „Голден Арт системот на градење“, сет и комбинација на елементи кои како компанија не прават единствени на пазарот со гаранција за квалитетот.

Данела Арсовска е првата жена претседател на национална комора во Македонија и на Балканот, како и една од тритежени претседатели во Европа. Нејзините заложби за јакнење на коморското здружување на компаниите како глас на деловната заедницата го изградија Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), како унија од 33 стопански комори организации и здруженија и како претставник на приватниот сектор кој ги промовира и застапува интересите на компаниите. Во чекор со модерните достигнувања во деловниот свет,  континуирано придонесува во развојот на компаниите и националната економија, за што од страна на  Светската трговска организација, Сојузот беше препознаен и прогласен за вториот „Шампион за мал бизнис“, заедно со корпорацијата Google Inc.  Арсовска ја истакнува важноста од создавање поволен деловен амбиент во земјата,  односот меѓу институциите и стопанството, вклученоста во процесот на донесување закони, како и за формалното зацврстување на јавно приватниот дијалог како  основа за економски напредок. 

 

За оцената на деловното опкружување во земјата и чекорите за справување со најгорливите предизвици на приватниот сектор

 

Арсовска: За справување со предизвиците со кои се соочува приватниот сектор, потребен е континуитет, долгорочни планови и стратегии, комуникација и отвореност на институциите во насока на заедничко креирање на идни политики за развој. За да може приватниот сектор да инвестира, еден од најзначајните услови е стабилна политичка состојба и владеење на правото како врвни приоритети за инвестирање на компаниите во Република Македонија. За да се осмели бизнис секторот да инвестира, потребна е стабилност и доверба во судскиот систем и владеење на правото подеднакво за сите. Поточно, спроведувањето на неопходните структурни економски реформи со приоритет на регулаторната реформа, реформи на енергетскиот и транспортниот пазар, намалување на неформалната економија и функционирањето на пазарниот систем како и доследност на политиките за зголемување на  инвестициите, се клучни за постигнување економски раст, поголема конкурентност и подобар животен стандард.

 

За предизвикот кој ги обединува сите сектори 

 

Арсовска:Заедничко за сите сектори е предизвикот за справување со неформалната поточно сивата економија. Неформалната економија според анализите кај нас опфаќа 30 проценти од националната и продолжува да расте.  Ова претставува директна нелојална конкуренција на регистрираните македонските компании и го поткопува развојот на стопанството во Република Македонија. Потребно е да се овозможи функционален механизам за справување со сивата економија, бидејќи таа не придонесува во буџетот и дополнително ги дестимулира компаниите да инвестираат со тоа што ги руши основите на еднаквост врз кои се темели еден пазарен систем.

 

За договорот за формално воспоставување на јавно - приватен дијалог помеѓу стопанските комори и Владата

 

Арсовска: Во 2018 година ја зацврстивме директната соработка со Владата со потпишување на Договорот со кој воспоставивме формален механизам за рамноправно учество на приватниот сектор и Владата на Република Македонија во јавно приватно партнерство и дијалог.  Со тоа, почнавме нова страница за деловната заедница и поставивме критериум за генерациите кои доаѓаат, а овој договор претставува форма преку која трајно ќе се унапреди институционалната соработка со цел развој на националната економија. За приватниот сектор овој успех е само почеток на напорната работа која претстои.

 

За промените во националната легислатива

 

Арсовска: Брзата и честа промена на легислатива е исто така голем предизвик за компаниите. На традиционалниот Деловен појадок со Претседателот на Владата на Република Македонија и ресорните министри уште во јули минатата година, ова прашање го истакнавме како еден од трите најголеми предизвици на компаниите заедно со неформалната економија и потребата од реформа на инспекциските служби.  Приватниот сектор, а особено малите и средни претпријатија не се во можност  да ја следат брзата промена во легислативата, а во исто време потребно е да биде консултиран за сите законски измени кои го засегаат стопанството. Токму затоа,  важно е вклучувањето на деловната заедница со свои предлози и мислења во измените и носењето на закони, што ќе резултира со креирање на законски решенија кои ќе бидат применливи во пракса.  Дополнително, преку позициските документи кои  консензуално ги донесуваме како заеднички предлози од нашите комори и во кои се содржани предлозите за нови и измена на постоечките законски решенија очекуваме подобрување на легислативата и нејзина доследна примена.

 

За  стопанските комори

 

Арсовска: Стопанските комори се најсилниот и најрелевантен глас на деловната заедницата и очекувано е токму ние да сме иницијатор на промени, да алармираме за потребите на приватниот сектор и да сме регулатор на секоја одлука која го кочи развојот на стопанството. Освен во  застапување на интересите на приватниот сектор, треба заеднички да ја градиме нашата улога како лидери кои во поволен деловен амбиент ќе имаат можност да го стимулираат зголемувањето на бројот на работни места  и покачувањето на животниот стандард на граѓаните на Република Македонија. Партнерски да продолжиме со создавање на нови можности за компаниите од Република Македонија и како вистински двигател на економијата во земјата со засилено темпо да градиме економски просперитетно општество.

Имплементација на светските трендови во поштенските услуги, дигитализација, развој на нови производи и услуги како и навремена и сигурна достава на пратките се само дел од алатките за зголемување на конкурентноста на комапниите кои работат во секторот поштенски услуги, рече Александар Милошевски, сопственик на Пост Експрес Македонија,  првата компанија во нашата земја која имплементира андроид апликација со цел следење во живо на статусите за доставување на пратки, како и имплементација на автоматско поврзување на Веб шоп софтвер со софтвер на пошта. Во подготовка е и проектот  „Зелена Пошта“ , што ќе подразбира достава,  со 0 емисија на штетни гасови и со сопствено производство на електрична енергија потребна за возилата за достава. 

Со Милошевски разговараме за состојбата во секторот поштенски услуги и можностите за нејзино подобрување.

 

Кои се најголемите поплаки на граѓаните во поглед на доставата на пратките?

 

Милошевски: Според последните статистичките податоци што ги објави Агенцијата за пошти за поштенските активности во земјава за 2016 година, најмногу поплаки од граѓаните добила токму за  ненавремената достава на пратки. Од сите поднесени рекламации, повеќе од половината или 52,6 отсто се пожалиле на пречекорување на рокот за достава. Притоа, најмногу поплаки во 2016 година имало за времето на достава од страна на „Македонска пошта“.  Најголем проблем граѓаните имале со доставата на препорачани писма, услуга која е значително поскапа од испраќање обично писмо. Според извештајот на Агенцијата за пошти, од вкупниот број рекламации, дури 90 отсто се однесувале на препорачани писма. Односно, 4.475 рекламации биле за доставата преку „Македонска пошта“, додека 322 за другите даватели на поштенски услуги во земјава.  Еден од причинителите за опаѓање на овие услуги е и недоволниот квалитет на обезбедување на поштенските пратки.

 

Како да се намалат овие бројки  кои се доста високи за македонски пазар?

 

Милошевски: За да се намалат овие бројки и поплаки од страна на крајните корисници, потребна е имплементација на нови трендови за брзина и сигурност на поштенските текови како  прв чекор за навремена достава на пратките. Примената на иновации и нови практики во секторот поштенски услуги е од големо значење за развој на компаниите од оваа област. Во Република Македонија може да кажеме дека ретки се компаниите во секторот поштенски услуги кои за да бидат во чекор со светските трендови имплементирале андроид со цел следење во живо на статусите за доставување на пратки, како и имплементација на автоматско поврзување на Веб шоп софтвер со софтвер на пошта.   За  клиентите најбитна е  навремена и сигурна достава на пратки и токму кон тоа треба да се стремат операторите.  Иновативноста, организираниот пристап и прецизноста како и примена на премиум и еко поштенски услуги се само дел од новитети за квалитетна достава на пратките.

 

Што се е потребно за да се издвоите од конкуренцијата?

 

Милошевски: За да се одвоите од конкуренцијата значајна е понуда на услуги кои ќе бидат посебно прилагодени кон клиентите - од флексибилните можности за испорака на документи и пратки, до опцијата за маркетинг на производи како што се автомобили или електроника до одбрани потрошувачи какои новините кои се имплементираат во светот.

Поштата има свој удел во десетина клучни индустриски гранки, во малопродажбата, банкарството, логистиката, маркетингот. Тренд во европските земји е на поштенските услуги да се гледа како на алатка која ќе им овозможи на компаниите, пред се малите и средните кои нудат квалитетни производи, а не се доволно познати да допрат до крајните потрошувачи во разните делови на земјата преку директно рекламирање или преку испорака на производите. Таквиот начин на стимулирање на МСП преку дирекна соработка со поштенските услуги значи подршка за нивен развој како важна алка во развојот на севкупната економија.

Во Република Македонија, според податоците на Агенцијата за пошти регистирани се вкупно 33 даватели на услуги. За ненавремена достава на пратки, законските прописи предвидуваат глоба од 3.500 до 5.000 евра за поштенскиот оператор.

Бројот на жени кои учествуваат на пазарот на трудот во Македонија константно се намалува. Спорад податоците на Светска банка за четири години учеството на жените во работењето се намалило за цели два проценти, а лани високите раководни позиции жени ги управувале помалку од два проценти, рече Габриела Кулебанова во интервјуто за economist.mk. Кулебанова е жена претприемач, сопственик на Антарис, компанија која веќе 20 години работи на македонскиот пазар, со долгогодишното функционирање во полето на телекомуникациите и услугите. Разговаравме за состојбата во приватниот сектори и еднаквите можности.

 

Колку зајакнувањето на економската позиција на жената може да влијае на севкупната економија?

Кулебанова: Еднакви можности во приватниот сектор, следење на европските трендови за зголемување на  уделот на жените во економијата, постигнување на повисоки позиции како и намалување на јазот во  платите кој е присутен и за иста позиција се само дел од аспектите кои доколку се применат ќе имаат позитивен импакт врз севкупната економија.  Врз основа на фактите од искуството на брзорастечките економии – зајакнувањето на економската позиција на жените може да биде клучно во менувањето на економската моќ на земјата.

Поголемо учество на жените на пазарот на труд, според меѓународните организации значи поголема конкурентност на економијата. Потребна е Стратегија за обезбедување еднакви можности за жените особено на повисоки позиции, бидејќи тие се често во позиција на работна сила на пониско ниво, што значи и пониски примања, дури и за исти професии во одредени случаи жените се помалку платени од мажите за 12%.  Треба да го зголемиме пристапот на жените до финансии и да ги отстраниме бариерите што сé уште постојат, следејќи го примерот на брзорастечки економии кои знаат да ги искористат потенцијалните на жените за придонес во општеството.

 

Обезбедени ли се услови за непречено функционирање на жените приватно и професионално?

Кулебанова: За еднакви можности во приватниот сектор, стратешки треба да се постави систем, кој ќе биде во функција на поинтензивно вклучување на жените на пазарот на труд, како и на раководни позиции, што значи да се изнајде баланс и меѓу приватниот и професионалниот живот.

Искуствотвото е тоа кое жените може да ги доведе до одредена позиција и постепена реализација на амбициите за водење бизнис. Потребно е да се направи синергија меѓу државата, образовниот систем, за воспоставување пракса и работа на младите од неколку часа, флексибилни работни часови, понатаму добра организација на градинките и сите чинители кои треба да направат позитивно опкружување за жените да можат да се реализираат и на бизнис план.

Според податоците на Светска банка евидентиран е тренд на константно намалување на бројот на жени кои учествуваат на пазарот на труд, во 2013 имало 44 %, додека во 2017 година 42 проценти, на високи раководни позиции под 2 проценти.  Просекот во ЕУ е 63,5 со тенденција до 2020 година да се зголеми на 75 проценти.

 

Какви се податоците во земјава?

Кулебанова: Податоците за земјава, пак, покажуваат дека 33 отсто од новоотворените фирми се на жени. Од вкупниот број вработни 282.000 се жени кои чинат 73 отсто од вработените во приватниот сектор. Она што е важно е дека жената мора сама да се избори за својата позиција во економијата посебно, но државата треба да создаде услови таа да може да ги покаже своите претприемачки способности.  Дополнително, потребна е максимална промоција и искористување на мерките за поддршка кои се одлична можност за дополнително стимулирање и развој на бизнисите.

Покрај поддршката на останатите сектори во програмите за економски раст, потребно е да се поддржи и развојот на приватното здравство во Република Македонија со еднаков третман при инвестирање во јавните и приватните здравствени установи кои се дел од здравствената мрежа и имаат склучени договори со Фондот за здравствено осигурување, е една од мерките кои треба да влијаат на подобрување на работата на приватните здравствени установи, рече доктор Борислав Јосифовски, Специјалист по оториноларингологија и сопственик на поликлиниката  „Тоспаш“.

 

Кои се главните три мерки кои треба да се превземат за подобрување на работата во приватните здравствени установи?

Јосифовски: Еднаквиот третман за јавното и приватното здравство е значајна тема која е голема важност за подобрување на работата на здравствениот сектор во Република Македонија.Ќе се задржиме на три мерки како иницијални за приватните здравствени установи кои ќе го зголемат квалитетот на здравствените услуги. 

1. Еднаков третман при инвестирање во јавните и приватните здравствени установи (ПЗУ) кои се дел од здравствената мрежа и имаат склучени договори со Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).  

2. Можност за вклучување на приватни здравствени установи кои немаат договор со ФЗО во економските програми за финансиска поддршка

3. Како и потреба од понепосредна и подинамична имплементација на проектот „Учиме од бизнис заедницата“

 

Може ли подетално да ги образложите мерките?

Покрај останатите сектори потребно е да се поддржи и развојот на приватното здравство во Република Македонија со еднаков третман при инвестирање во јавните и приватните здравствени установи кои се дел од здравствената мрежа и имаат склучени договори со Фондот за здравствено осигурување. Според постоечката состојба во здраствената мрежа на Република Македонија изготвена од Министерството за здравство во моментов над 70% од вкупниот број на здраствени установи се ПЗУ. Тие се разликуваат од јавниот сектор (ЈЗУ) исклучиво по сопственоста  која е приватна за разлика од јавниот сектор каде основач е Владата на Република Македонија,  но во извршување на својата дејност и двата сектори доколку се потписници на договори со ФЗО обавуваат јавни функции за граѓаните. И покрај тоа што ПЗУ и ЈЗУ се еднакви пред законот,  сепак досегашното искуство за кое и јавноста е сведок говори дека инвестициите во здраството во изминатите 25 години , а кои се на терет на буџетот на Република Македонија или ФЗО се исклучиво наменети за јавниот сектор.

Во однос на втората мерка, потребно е сериозно да се разгледа можноста за вклучување на приватни здравствени установи кои немаат договор со ФЗО во економските програми за финансиска поддршка. Во понудениот план за економски раст не е опфатен здравствениот сектор кој како и останатите стопански гранки генерира средства во буџетот. Треба да бидат препознаени и вклучени во мерките  на Планот за економски раст и здраствените установи во кои доминантно се даваат услуги на странски државјани, што би  значело поттик во имплементацијата на нови медицински доктрини и технологии како и во подигањето на нивото на здраствени услуги и на домашен план.

          

Што се однесува до проектот „Учиме од бизнис заедницата“ кои се придобивките и можностите за подинамична имплементација?

За подобрување на комуникацијата и реализација на одредени проблематики, од голема важноста е понепосредна и  подинамична соработка на ПЗУ со ресорните владини институии кое веќе постои во рамките на проектот „Учиме од бизнис заедницата“. Целта е  да се утврди веродостојноста на понудените Закони и подзаконски акти со можност да се валоризираат  веќе постоечките понудени решенија  и да со измени и доплнувања успешно се отстранат одредени недоречености кои во секојдневната пракса прават недоразбирања помеѓу чинителите: јавните службеници( преставници на министерства и инспектори ), давателите на услуги и корисници на услугите.

Македонските компании се информирани за европската регулатива за заштита на личните податоци, но не се доволно запознаени како треба да постапат и кои активности да ги преземат за да ја имплементираат оваа регулатива, истакна Михајло Евросимовски, сопственик на Евросимовски Консалтинг во интервјуто за economist.mk.

 

Што подразбира современиот начин на заштита на личните податоци?

 

Евросимовски:Современите глобални трендови на дигитализацијата влијаат врз механизмот за заштита на личните податоци. Глобализацијата и дигитализацијата резултираат со сè поголемо вмрежено општество, брзо ширење на информациите преку интернет, обемна анализа на податоци, дигитална економија, „smart living“ – паметно живеење, бази на податоци кои се поврзани меѓу себе. Сето тоа резултира со зголемување на меѓународниот проток на податоци, дури и од лична природа, па така се создава потреба за современ и софистициран начин на заштита на личните податоци. Во таа насока, на 27 април 2016 година Европскиот парламент и Советот на ЕУ ја донесоа Општата регулатива за заштита на лични податоци ((ЕУ) 2016/679), за заштита на физичките лица во однос на обработката на личните податоци и движењето на таквите податоци, со примена од 25 мај 2018 година.

 

Дали регулативата е правно обврзувачка?

 

Евросимовски: Со влегување во сила на оваа регулатива, отпочна процесот на имплементација на одредбите со кои детално и унифицирано се регулира функцијата Офицер за заштита на личните податоци (ОЗЛП). Тоа ќе ја зајакне заштитата на податоците за сите поединци во ЕУ, без оглед каде се наоѓаат податоците. ГДПР поставува повисоки стандарди за заштита од досегашната легислативна регулација на истото прашање. Мора прецизно да се утврди идентитетот на  контролорот, како и третата страна која ќе биде вклучена во процесот на обработка на личните податоци, потоа, зошто се потребни тие податоци и што се планира да се прави со истите. Регулативата  е правно обврзувачка и директно применлива за сите земји членки на ЕУ. Иако Република Македонија не е членка (со статус на кандидат од 2006 година), основен интерес на земјата е да го усогласи националното законодавство со горенаведеното законодавство на ЕУ. Во таа насока, е изработен и нов предлог Закон за заштита на личните податоци.

 

Што треба да превземат јавните власти и деловните субјекти кои се насочени кон редовна или систематска обработка на личните податоци?

 

Евросимовски: Најважните новини кои произлегуваат од GDPR (релевантни и за Република Македонија) се ревидираниот пренос на лични податоци во земји надвор од ЕУ; нови права на субјектите на личните податоци и нови методологии за обезбедување усогласеност; зголемување на улогата и одговорноста на надзорните тела и слични мерки.

Јавните власти и деловните субјекти чии основни активности се насочени кон редовна или систематска обработка на лични податоци, се должни да вработуваат Службеник за заштита на податоци (DPO-Data Protection Officer), кој е одговорен за управување со усогласеноста со GDPR. Деловните субјекти мора да пријават какви било прекршувања на податоците во рок од 72 часа ако имаат негативен ефект врз приватноста на корисникот. Неизвестувањето за прекршување во рамките на времето може да резултира со парична казна до 10 милиони евра или 2% од годишниот промет. Непочитувањето на ГДПР резултира со административни парични казни до 20 000 000 евра или до 4% од вкупниот годишен промет од претходната финансиска година.

Заштитата на личните податоци се поставува високо на агендата во Европската Унија и во таа насока се гради тренд на зголемена заштита која и Република Македонија ќе ја воведе со новиот Закон за заштита на личните податоци.

Страница 2 од 2