Мила Царовска: Најновите законски измени се во насока на креирање стручна, флексибилна и динамична работна сила!

Вторник, 16 Април 2019 12:35 Напишано од  Објавено во НИЗ ПРИЗМА НА БИЗНИСОТ

Деловната заедницата постојано укажува на проблеми во примена на Законот за работни односи во насока на подобрување на деловната клима. Во тек е подготовка на нов закон. Со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска разговаравме за новиот закон за работни односи кој се уште е во работна верзија, за Законот за пратиканство и можностите кои ги нуди и за компаниите и за младите луѓе, како и за формите на поддршка на младинското вработување во земјава

-     Министерке Царовска, за почеток може ли да ни кажете кои се клучните новини во новиот закон за работни односи, за кој многу се заинтересирани компаниите?

Царовска: Новиот предлог закон за работни односи е во фаза на подготовка и истиот ќе се сподели со сите стопански комори. Тие ќе треба сите забелешки да го достават до работната група и нема да има никаков проблем да ги интегрираме оние што се прифатливи.

Забелешките можат да се достават веднаш или после првиот драфт, кој ќе биде јавно достапен и ќе има период на јавна дебата.

-       Законот за практикантство е во завршна фаза. Кои се клучните новини и придобивки од овој закон?

Царовска: Законот за практикантство е во Собранието. Како што знаете беше подготвен во соработка со четирите стопански комори вклучени во проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“  и сметам дека е многу добар закон, затоа што конечно ќе даде основа младите да се стекнат со потребното искуство и практично знаење и ќе се зголеми нивната вработливост.

Законот помина на Влада и сега е во Собрание, поминати се одредени комисии, усогласени се и опозиција и позиција по однос на овој закон и очекувам многу бргу Собранието да го усвои.

Во нашата држава за прв пат се носи ваков закон и клучната придобивка ќе биде стекнување на практично искуство и знаење. Секое младо лице по завршување на средно или основно образование ќе може да ги добие овие вештини и да стане повработливо. Законот предвидува воведување на менторска програма, што значи дека точно ќе се знае за која работна задача се оспособува едно лице и во во следната фирма во која што ќе аплицира за работа ќе може тоа да го покаже како доказ. Ќе има верификација за истото и потпис од ментор. Со тоа фирмите ќе можат да си обучуваат кадар за сопствени потреби,а од другата страна и помагаат на целата економија да имаме поостручен кадар. 

-       Дали ова се надоврзува на практикантството кое го имаме кај високото образование?

Царовска: Не, тоа е различно. Практикантството кое го предвидува овој Закон и праксата во образование се два различни процеси. Тие не се косат еден со друг, туку се надополнуваат. Праксата која е задолжителна, особено за некои струки во средно и во високообразование е една работа, додека ова е пракса по завршување и комплетирање на образованието со која ќе се добијатдополнителни компетенции и практични  вештини.

Во моментов практикантсвото е активна мерка за вработување, но фирмите можат да ангажираат практикант само преку Оперативниот план за вработување. Во спротивно, ако инспекцијата затекне практикант кој нема регулиран работен однос во една фирма (а немате право да го наречете практикант), тогаш тоа се смета за непријавено лице. Во таква ситуација државниот инспекторат за труд ќе изрече казна. Со новиот Закон ја менуваме оваа ситуација и воведуваме можност за практиканство кое би траело најмногу шест месеци.

Интервјуто во целина може да го погледнете на порталот БизнисРегулатива на следниот линк.