Алтај Шабан: Задоволство е кога патниците го одбираат„Катар ервејс“ за свој партнер во патувањето

Среда, 17 Октомври 2018 06:57 Напишано од  Објавено во НИЗ ПРИЗМА НА БИЗНИСОТ

Катар ервејс“ во првата година од започнувањето на дирекниот лет Доха-Скопје-Доха ги постигна резултатите кои ја оправдаа целта зададена од менаџментот на националниот авио-превозник на Државата Катар. Од оваа година „Катар ервејс“ продолжува со отварање на нови дестинации. Од 11 декември патниците од Скопје преку Доха ќе може да летаат за Момбаса, Кенија а од 19 декeмври и за Да Нанг, Виетнам во интервју за Економист.мк ни откри комерцијалниот директор на канцеларијата на „Катар ервејс“ во Скопје, г. Алтај Шабан. Разговаравме и за работата на авиокомпанијата во нашата земја во изминатиот период, задоволството на патниците, како и бројните награди и достигнувања во светски рамки.

Од пред една година, Македонија се најде на мапата на „Катар ервејс“ кој преставува еден од најценетите брендови меѓу авиокомпаниите во светски рамки. Како сте задоволни од работата изминатата година?

Алтај Шабан: Многу сме горди и почестени со самата одлука на нашиот менаџмент што ја стави Македонија во мапата на „Катар ервејс“. Денес, во 20-тата година од своето постоење е една од најбрзо растечките авио-компании во светот со преку 150 деловни и туристички дестинации и со модерна флота со повеќе од 200 авиони.

„Катар ервејс“ доби четири престижни награди на годинешниве Светски награди за авио-компании 2018, под раководство на меѓународната организација за оценување авионски транспорт – „Скајтрекс“ (Skytrax), откако ги доби титулите „Најдобра бизнис класа во светот“, „Најдобри седишта во бизнис класа“, „Најдобра авио-компанија на Средниот Исток“ и „Најдобар авио-компаниски салон за прва класа во светот“.

Во првата година од започнувањето на дирекниот лет Доха-Скопје-Доха сме задоволни од постигнатите резултати кои ја оправдаа целта зададена од нашиот менаџмент.

Претставниците на македонската бизнис-заедница може да се поврзат со своите партнери во повеќе од 150 дестинации ширум светот. Согласно Вашите анализи, зголемен ли е бројот на бизнис патувања или повеќе станува збор за туристички патувања?

Алтај Шабан: Одговорот на ова прашање е во суштината на нашиот бренд „Патуваме заедно“, кој е инспирација за македонскиот патник и можност за голем избор во неговата одлука, без разлика дали станува збор за туристичко или бизнис патување.

Кога на ова ќе ги додадеме квалитетот на услугите и стекнатите меѓународни награди, несомнено нудиме вредности кои му овозможуваат најдобар избор на македонскиот патник, во согласност со неговите желби, потреби, очекувања и секако, статус на патување.

Во секој случај, големо е задоволството кога имаме задоволни и лојални патници, кои ги избираат квалитетот, сигурноста и вредностите кои ги нудиме. Едноставно кажано, задоволство е кога македонскиот патник, за секоја приогода, го одбира „Катар ервејс“ за свој партнер во патувањето.

„Катар ервејс“ добитник е на бројни награди и признанија. Неодамна во Скопје, добивте признание за придонес на компанија „Катар ервејс“, EXCEPTIONAL MERIT - Best Airline Company for Business која во изминатата година му ги приближи на бизнис секторот дестинациите како САД, Азија и Далечниот исток за што доби највисоки оцени за перформанс и вредност на услугата. Што за Вас значат ваквите признанија?

Алтај Шабан: Несомнено, признанијата имаат исклучително значење за нас, тие се потврда за сите наши вложувања, за посветеноста кон работата и довербата која ја имаат нашите патници.

Покрај повеќекратните меѓународни награди и признанија, дел од нив ги спомнав претходно, бездруго не прави горди и наградата доделена од Македонската бизнис заедница, која за овој краток период во кој ги користеа услугите на „Катар ервејс“ препозна квалитет и сериозен бизнис партнер кој придонесува во нивните успеси во бизнис релациите со целиот свет и добива на значение со самото тоа што „Катар ервејс“ е нивниот партнер во нивните бизнис патувања.

Сознанието дека сме наградени од Заедница која придонесува за развојот на нашата држава, а индиректно и ние како компанија сме дел од тој развој, ни дава поттик и мотив да продолжиме со стратегиите за развој кои ни се зададени од нашиот менаџмент, прилагодени за македонскиот пазар, отворајќи повеќе мостови на зближување со повеќе дестинации, држави и култури од целиот свет.

Кои се идните планови на „Катар ервејс“ за Македонија и регионот?

Алтај Шабан: Целта ни е да му овозможиме на македонскиот патник, брзо, сигурно и квалитетно да се доближи до голем број дестинации, да запознава нови места и култури кои во најмала мера ќе му придонесат за отварање на пошироки видици и да бидеме прв избор за партнер во реализирањето на нивните бизнис дестинации. Паралелно на тоа, Македонија и нашата култура да ја доближиме до другите народи.

„Катар ервејс“ продолжува со отварање на нови дестинации оваа година. Од 11 декември патниците од Скопје преку Доха ќе може да летаат за Момбаса, Кенија а од 19 декeмври и за Да Нанг, Виетнам.

Последен пат изменето на Среда, 17 Октомври 2018 08:33