Ѓоко Танасоски: Позитивните промени на Царинската управа исклучиво во улога на сервис на граѓаните и општеството

Среда, 22 Август 2018 07:48 Напишано од  Објавено во НИЗ ПРИЗМА НА БИЗНИСОТ

Царинската управа на Република Македонија, во изминатиот период реализира заначајни активности за подобрување на деловниот амбиент во земјата. Со првиот човек на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, разговараме на повеќе теми од значање за стопанството, измените на Царинскиот закон што стапија во сила и намалување на глобата за 75% во просек, како и за заложбите за позитивни промени на управата, исклучиво во улога на сервис на граѓаните и општеството, ексклузивно за Економист.мк.

На чело сте на една од назначајните економски институции за секоја национална економија. Кои се според Вас клучните активности кои Управата ги реализирала до сега?

Танасоски: Стратешка определба на Царинската управа е заштита на финансиските интереси на Република Македонија, преку наплата на царина, ДДВ и акциза, воспоставување на ефективна царинска контрола и одржување на рамнотежа помеѓу интересите на деловната заедница и одговорностите за царинска контрола, со цел да се обезбеди поддршка на легалната трговија и подобрена наплата на давачки.

Во периодот јануари-јули 2018 година износот на вкупно наплатените буџетски приходи при увоз и внатрешен промет изнесуваaт 48.572 милиони денари и се за 11,9% повисоки во однос на истиот период во 2017 година кога се наплатени 43.381 милиони денари.

Во евра вкупно се наплатени 790 милиони евра за првите седум месеци од 2018 година, во споредба со 2017 година кога се наплатени 705 милиони евра, односно за 85 милиони евра повеќе.

Од вкупно наплатените нето приходи по основ на царински давачкиво јануари-јули 2018 година се наплатени вкупно 3.250 милиони денари. Овој износ е за 11% повисокво однос на наплатените приходи по основ на царина во истиот период 2017 година, кога се наплатени вкупно 2.926,2милиони денари.

Наплатените приходи по основ на ДДВпри увоз во јануари-јули 2018 година изнесуваат 29.152,6милиони денари и се за 12,5% повеќе во однос во истиот период во 2017 година кога се наплатени 25.890,8милиони денари.

Приходите од увоз од наплатената акцизаво јануари-јули 2018 година се зголемени за 17,6 %при што се наплатени 1.102 милиони денари повеќе во однос на истиот период во 2017 година.

Покрај успешно завршените проекти реализирани со поддршка на ИПА Програмата, а тоа се надградба на објектите за царинење на граничниот премин за патен промет Табановце (проширен царински терминал, изградба на две коловозни ленти на граничниот премин за излез од Македонија, со изградени придружни објекти, што допринесува за олеснет проток и побрзо спроведување на царинските постапки) и опремување на царинската лабораторија со цел подобрување на нејзиниот капацитет за анализа на мостри земени во царинска постапка, воведовме и можност за 24 часовен слободен коридор за приоритетно движење на жива стока и стока во свежа состојба при излез на граничните премини Табановце и Богородица, со цел избегнување на подолги задржувања на патници и стока.

Работиме и на промоција на придобивките од концептот Овластен економски оператор (ОЕО). Ова е од огромно значење за компаниите, бидејќи статусот на ОЕО е меѓународно признаена марка за квалитет, која укажува на тоа дека економските оператори во Република Македонија (производители, извозници, увозници, шпедитери, транспортери) во меѓународниот синџир на снабдување се безбедни и сигурни и дека нивните царински контроли и процедури се ефикасни и усогласени.

Во таа насока, со активностите кои ги преземаме, очекуваме да оствариме целосна усогласеност на националното законодавство со законодавството на ЕУ, со што ќе придонесеме за интеграција во ЕУ, ќе ја зајакнеме положбата на Република Македонија во меѓународната заедница и соработката врз основа на меѓународните договори.

Во јуни 2018 година воспоставивме нов електронски систем за царинење на употребувани моторни возила, со што се елиминира човечкиот фактор преку избор на пониска или повисока вредност во зависност од видот на возилото, бензин или дизел. Оваа мерка покрај тоа што е антикоруптивна, придонесува и за зголемување на ефективноста при завршување на царинската постапка.

Значаен придонес во олеснувањето на работењето има и подобрувањето на системот за управување со ризик при увоз (насочени контроли), односно подобри резултати со помалку извршени контроли. Иако изгледа контрадикторно, со помал број на извршени физички и документарни контроли на стока во царинска постапка наплаќаме повеќе давачки:

-      За јуни бројот на декларации на кои се врши физички преглед на стоката е намален на помалку од 6% (само за споредба 25% пред 3 години), без да се намалат резултатите од направените контроли.

-      Подобрен систем за управување со ризици и обезбедување ефективни и ефикасни контроли (во изминатиот квартал на граничните премини откриени се обиди за избегнување на давачки во висина од 1.440.427 денари, додека вкупната вредност на запленета стока по разни основи изнесува 5.001.720,00 денари).

-      Бројот на откриени неправилности е зголемен за 14% (во вториот квартал на 2018 во однос на првиот квартал 2018).

Каква е вашата соработка со компаниите?

Танасоски:Сите се согласуваме дека е важно деловната заедница да биде информирана за спроведувањето на реформите за олеснување на трговијата, опфатени во Спогодбата на Светската трговска организација за олеснување на трговијата и утврдувањето на минималните барања што треба да се спроведат за да се зголеми ефикасноста на прекуграничните постапки.

Тука организирано делуваме преку Националниот комитет за олеснување на трговијата и Советодавното тело коевклучува бројни стопански комори. Се практикуваат и работилници со економски оператори и редовни средби како „отворен ден“ што редовно се свикуваат за разгледување и превентивно делување на евентуални проблеми.

Во рамките на летната програма веќе посетив неколку големи компании извозници, а планирам да посетам што е можно повеќе компании со цел подобро запознавање со работата на македонските компании.

Во областа на акцизи беа организирани серија состаноци. Одделно остваривме средби со производителите на тутунски производи, увозниците и производителите на алхохолни пијалоци, енергетските компании и производителите од индустријата за производство на пиво. Беа презентирани новите одредби од Предлог законот за акцизи и беа добиени забелешки, од кои еден дел веднаш беа имплементирани, а дел ќе се имплементираат во периодот што следи, преку донесување на правилници, насоки и упатства.

За акцизите, вон претходно споментатите состаноци, во рамки на активностите на посебна работна група која опфаќа претставници и од Царинската управа и од Министерството за финансии, а во соработка со подрачните единици на Министерството за земјоделство, во повеќе региони на државата одржани беа средби со земјоделците и потенцијалните мали производители на алкохолни пијалоци на кои се презентираа законските одредби што се однесуваат на мали производители на алкохолни пијалоци. И оттука произлегоа забелешки кои беа разгледани, прифатени и имплементирани за задоволување на нивните барања.

Важно е исто да споменеме дека царинските застапници и поголемите компании се вклучени во тестирање на новиот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи.

Што може да очекува бизнис заедницата во периодот што следи?

Танасоски:Царинската управа има големо значење во спроведувањето на политиките наВладатаи реализација на целите за национален развој. Таа често е првиот прозорецпреку кој надворешниот свет ја гледа земјата и затоа без добро обучена и ефикасна Царинска управа, не можат во целост да се остварат целите во поглед на заштита на општеството одголем број интернационални, економски и безбедносни закани.

Од неодамна, од Царинската управа, како и од многу други царински администрации ширум светот, беше побарано да ја преземе улогата на олеснувач на трговијата. За исполнување на оваа улога Царинската управа треба да усвои конкретни практики што треба да овозможат олеснување на трговијата и подобрување на царинските постапки. Овие подобрени практики, исто така, се усвоени од други земји и се развиени во рамките на Светската царинска организација (СЦО) и Светската трговска организација (СТО).

Современата Царина во економски поглед, претставува регулатор за заштита на домашното стопанство и услов за понатамошен развој на земјата. Освен што претставува значаен инструмент за заштита и развој на домашната економија, претставува и значаен извор на приходи во буџетот на државата. За да може да придонесе за целосна заштита и развој, Царинската управа постојано се стреми да се менува, дополнува и усовршува. Во континуитет се бараат и се воспоставуваат современи меѓународни решенија кои ги предвидуваат развиените земји, како и решенија кои се применуваат во меѓународните организации (ЕУ,СЦО,СТО и др.).

Во денешно време на брз развој на технологијата од големо значење е и користењето на најсовремена техника, технологија и компјутеризирано работење. Затоа, Царинската управа работи на дигитализирање на своето работење, односно се стреми да прерасне во Дигитална царина. Поимот на Дигитална царина претставува употреба на дигитални системи за собирање на царинските и увозните давачки, контрола на движењето на стоките, патниците, контрола на парите, како и заштита од прекуграничен криминал, вклучувајќи ја борбата против меѓународниот тероризам кој преставува глобална закана за целиот свет.

Најзначен чекор кој во блиска иднина ќе придонесе за речиси целосна дигитализација на царинското работење е воведувањето на Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД). Со овој систем треба да се поврзат сите постоечки дигитални системи во една интегрална целина и да се воведе електронска царинска декларација за сите царински постапки во увозот и извозот, како и електронско поднесување и обработка на акцизни документи. Исто така, со СОЦДАД ќе се обезбедат намалени трошоци за трговските трансакции, олеснето спроведување на договорите за слободна трговија, подобро управување и контрола. Ова меѓу другото ќе резултира и во поуспешна наплата на приходи, порационално искористување на ресурсите и поефикасна меѓународна трговска размена во која трговците електронски ќе разменуваат информации со Царината и останатите агенции учесници во царинската постапка.

Покрај ова, со поддршка од информатичка и комуникациска технологија, ќе се одржуваат постојните и ќе се воведуваат нови можности за олеснување и забрзување на царинските постапки и условите за нивно спроведување.

Често имаше поплаки од компаниите дека за банални прекршоци плаќаат големи казни. Направени ли се измени на ова поле?

Танасоски: Компаниите преку стопанските комори во повеќе наврати се жалеа дека царинските казни се високи и нереални и бараа нивно драстично намалување. Оти, казнената политика е така скроена да поттикнува корупција, укажуваа и бизнисмените. На ова се надоврзува податокот објавен во извештајот на Стопанската комора на Македонија, по анкетата за царинските и даночните формалности, спроведена од 27 март до 4 април годинава, дека во 2008 биле наплатени глоби за царински прекршоци во износ од 950 илјади евра а во 2016 дури 1,3 милиони евра.

Со измените на Царинскиот закон што стапија во сила од 11.08 оваа годинасевршинамалувањенаглобатаод 250 на 50 евразаправнолицеиод 50на 15 евразафизичколице.

Во врска со ова сакам да потврдам дека не станува збор за популизам, туку глобите за царинските прекршоци за кои е предвиден мандатен платен налог, односно за оние што можат да се платат на лицеместо се намалени за 75% во просек. Знам дека и како луѓе и како општество кое изминатите десет години беше буквално малтретирано со голиот популизам на еден висококорумпиран режим, најпрво реагираме со резерва и недоверба дури и на секоја позитивна промена. Но, во текот на целата измината година ние како Царинска управа на Република Македониjа, вложуваме максимални напори да ја смениме оваа негативна перцепција и да се заложиме за позитивни промени исклучиво во улога на сервис на граѓаните и општеството.

Не се намалија глобите за тешките прекршоци, туку за ситните грешки. За оние кои се случуваат во секојдневното работење на компаниите и шпедициите, каде нема намера за затајување. Во условната поделба на царинските прекршоци на тешки и лесни, кај оние 40-тина кои се водат како лесни, сега направивме градација во 4 групи. За најлесните, од типот на непријавена скината пломба, пропуштен рок или неуредна евиденција, наместо досегашните глоби од 250 евра за правно лице, 75 евра за одговорното лице во правното лице и 50 евра за физичко лице, сега компанијата плаќа 50 евра, одговорното лице 15 евра и физичкото лице 15 евра. Ова се прекршоци кои не предизвикуваат фискални ефекти, а со старата казнена политика за нив фирмите беа безмислосно глобени. По ново, само за овие глоби останува мандатниот платен налог, зашто нема што да се спори, и глобата треба да се плати во рок од 8 дена. Доколку, пак, фирмата направи грешка во тарифниот број или во потеклото на стоката кога ја пополнува царинската декларација, односно за неправилности кои имаат фискален ефект тогаш следи прекршочен платен налог. Ако го плати во рок од 8 дена, износот на глобата се преполовува, а ако смета дека не го сторил делото, фирмата може да поведе прекршочна постапка пред Комисија во Царината. Таму и двете страни, и фирмата и царината кажуваат аргументи. Ако фирмата е незадоволна и од овој исход, може да побара заштита од Управен суд. Ова е сосем поинаков приод, зашто досега сите овие прекршоци беа подведувани под мандатни казни, за кои немаше можност за натамошни жалби.

Измамите, криумчарењето и неплаќањето царина и натаму остануваат кривични дела. Целта на измените е подобрување на легислативата во насока на создавање правична и пропорционална примена на прекршочните одредби, соодветно на тежината на сторениот прекршок.

DSC_1384.jpgКакви се плановите и очекувањата на Царинската управа за 2018 година?

Танасоски:Плановите и очекувањата на Царинската управа се наведени во Стратегијата на Царинската управа за 2018-2020 година, каде имаме поставено цел дека Царинската управа треба да биде водечка царинска администрација во регионот што ќе дава силна поддршка на законската економија и која ќе биде целосно усогласена со стандардите на Европската унија. Нашата мисија е да ги заштитиме финансиските интереси и општеството, истовремено поддржувајќи го економскиот развој преку соработка, олеснување и модернизација.

Стратешките приоритети на ЦУРМ се во согласност со стратешките приоритети на Владата на Република Македонија и Министерството за финансии. Традиционално, најзначајна улога на Царинската управа е наплатата на увозни и други давачки и даноци. Подеднакво важна и растечка е улогата на царината во областа на безбедноста и сигурноста. Заштитата на здравјето и безбедноста на граѓаните и општеството останува висока на дневен ред. Царинската управа е на прва линија на одбрана против нелегални и забранети активности и таа и натаму ќе остане посветена на својата поширока општествена цел - обезбедување на одржлив економски раст преку зголемување на конкурентноста и инвестициите, подобрување на деловното опкружување и создавање еднакви можности за економски раст и развој на сите учесници во економските процеси. Ова ќе биде поддржано преку олеснување, едноставни и транспарентни процедури и во тесна соработка со бизнисот и трговијата.

Царинската управа е свесна дека подеднакво важни за постигнување на визијата е и модернизацијата на администрацијата која вклучува развој на ИТ и човечки ресурси, подобрување на условите за работа и одржување на високи стандарди за интегритет на своите вработени.Целите и мерките за спроведување на стратегијата се вградени во следните четири стратешки приоритети: олеснување на трговијата, заштита на општеството, наплата на приходи и заштита на финансиските интереси, како и модернизација на Царинската управа.

Во текот на 2018 година очекувам да продолжат активностите за модернизирање и подобрување на царинското работење, преку понатамошно забрзување и поедноставување на царинските постапките, намалување на времето потребно за извршување на царинските формалности, како во патничкиот, така и во стоковиот промет. Исто така, убеден сум дека ќе продолжи трендот на продлабочување и зајакнување на соработката со деловната заедница. Во секој случај, најголем предизвик ќе биде почетокот на преговорите за членство во Европската Унија, преку скрининг процесот, каде Царинската управа покрај поглавјето Царинска унија, ќе има важна улога во повеќе други поглавја, како што се правда и внатрешни работи, слободно движење на стоки, оданочување, заштита на права од интелектуална сопственост.

Последен пат изменето на Среда, 22 Август 2018 08:01