Сметководството и неговото значење како професија во развојот на економијата на една земја е од непроценливa важност. Сметководството е основа за изготвување на финансиските извештаи за компаниите  и познато ни е на сите од каква важност се сметководствените извештаии и тоа како за корисниците на услугите така и за општествената заедница, државата, банките и инвеститорите. Во интервју за Економист.мк, Благоја Грозданов, истакнат сметководител, член на Надзорен одбор на Институтот за сметководители и овластени сметковдители (ИСОС) зборува за состојбата во професијата, предизвиците и можностите за напредок на оваа значајна дејност. Вели дека неопходно е да се воспостави ред во фелата,во спортивно податоците од финансиските извештаи ќе се со низок квалитет, ќе следи даночна евазија, сивата економија ќе цвета и за кусо време никој нема да сака да врши сметководствени работи поради дисбалансот на одговорностите и обврските од една страна и наградите од друга страна.

Економист:  Можете ли да ни појасните кои се задачите и функциите на Институтот?

Грозданов: ИСОС е создаден согласно ЗВСР, со главна цел унапредување на професијата и заштита на интересите на оние кои својата егзистенција ја обезбедуваат вршејќи сметководствени работи. Институтот има законски пропишани обврски но сметам дека убедливо најважните цели на ИСОС мора да се заштита на интересите на сметководителите, унапредување на професијата и подобрување на состојбата на сметководителите во рамки на нашето општество.

Бидејќи со носењето на ЗВСР конечно се озакони оваа професија која има екстремно големо значење за државата, ИСОС треба да делува и во насока на искоренување на сивата економија во дејноста, така што само оние колеги кои ги исполнуваат законски пропишаните услови за вршење на дејноста ќе може истата да работат.

Економист: Сметководителите несомнено се значајна алка која ги поврзуваат деловниот сектор со банките и државните институции. Задоволни ли сте од позицијата која сметководството како професија ја има денес?

Грозданов: Апсолутно не. Сметководството е нервниот систем на една економија а професионалците кои секојдневно ја вршат оваа работа се во крајно подредена позиција во споредба со колегите од низа други интелектуални дејности: ревизори, проценители, адвокати, вешти лица, нотари и сл.

Потребно е да се преземат низа мерки од страна на надлежните институции за подобрување на состојбите во фелата. Во пракса постои една крајна неизбалансираност измеѓу наметнатите обврски на професијата кои делумно потекнуваат директно од одредени законски решенија, а делумно од практичната примена на законски одредби и правата кои професијата ги има и заштитата која ја добива од оние кои се најголеми корисници на податоците од сметководствените извештаи.

Еден просечен сметководител во својата работна недела ќе мора да изврши низа наметнати обврски со кои веројатно ќе дојде во контакт или ќе треба да состави извештаи за централниот регистар, управата за јавни приходи, државниот завод за статистика, народната банка, агенцијата за вработување, фондот за здравствено осигурување, комерцијалните банки и сл.

На сите овие наметната обврски мора да се стави контратежа, односно да се постигне баланс меѓу правата и обврските. Сите институции кои се крајни корисници на извештаи кои очекуваат да ги добијат од сметководителите мора да ја препознаат важноста на професијата и заедно да работат на нејзина заштита и издигање.

Во спротивно ќе се соочиме со реалноста на ситуацијата многу брзо. Без ред во фелата податоците од финансиските извештаи ќе се со низок квалитет, даночната евазија голема, сивата економија ќе цвета и за кусо време никој нема да сака да врши сметководствени работи поради дисбалансот на одговорностите и обврските од една страна и наградите од друга страна. Всушност, набрзо оваа професија која демографски гледано и онака е „стара“ ќе стане дефицитарна. Онака како што сега се одвиваат работите, не познавам млад човек кој би сакал да ја работи оваа работа.

Економист: Каде го лоцирате проблемот за нефункционалноста на Институтот и гледате ли излезе од моменталната состојба?

Грозданов: Преку воведувањето на регистрите на сметководители, овластени сметководители, трговци поединци и трговски друштва кои вршат сметководствени работи ИСОС треба да се бори и против сивата економија во дејноста.

Но за тоа да се случи ИСОС мора да е функционален и да располага и со механизми за борба против сивата економија во дејноста. Сметам дека едноставно водење на регистри на вршители на сметководствени работи не е доволно. Потребен е контролен механизам при финансиското известување, односно поднесувањето на годишните сметки и финансиските извештаи кој ќе осигура дека само лиценцираните сметководители кои се впишани во соодветните регистри смеат да ги доставуваат овие извештаи до надлежните институции.

За да се преземат оперативни мерки и да се зачекори кон воспоставување на ваквите механизми неопходен е функционален ИСОС со управи органи кои работат во насока на заштита на интересите на фелата а не во насока на промоција на лични интереси. Во моментов сме во една апсурдна ситуација во која управните органи кои се отповикани од членството не може да бидат заменети во пракса се додека не се добие писмено позитивно мислење од страна на министерство за финансии согласно со Законот.

Сметам дека главниот проблем е токсичниот микс од државниот интервенционализам кој е застапен во Законот за вршење на сметководствени работи и комплетното отсуство на волја за комуникација на надлежните институции со ИСОС.

ИСОС на крајот на денот е граѓанско здружение формирано со Закон и како и кај секое здружение треба да се раководи од интересите на членството. Надзорната функција која Министерството за финансии согласно Законот ја има во поглед на функционирањето на ИСОС треба да е само во доменот на проверка на исправноста на спроведените постапки за избор на членовите на органите на ИСОС а не и во доменот на изборот на лицата кои треба да ги иполнуваат тие функции.

Во моментов министерството за финансии е глуво и немо за барањата на фелата и се однесува како ИСОС и законското решение за регулирање на фелата кое потекнува токму од министерството да не постојат. Ваквиот однос е крајно деструктивен и на штета на професијата и целата држава. Навистина не ми е јасно како државата не го препознава нејзиниот интерес за поставување на ред во фелата кога во пракса освен финансиското известување, на товар на работата на сметководителите паѓа и спроведувањето на даночните политики, подготовката на даночните извештаи и даночните пресметки преку кои се полни и државната каса.

Економист: Во собраниска процедура е нов Закон за вршење на сметководствени работи кој предизвика бурни реакции кај сметководителите на јавна расправа во Собрание за нетранспарентност при негово изготвување. Каде го лоцирате проблемот?

Грозданов: Постоечкиот Закон за вршење на сметководствени работи е законско решение со низа недостатоци. Вистинска умешност е да се состави предлог со драстично полоши решенија од актуелниот Закон, но ете, надлежните со последниот предлог за кој се дискутираше на јавната расправа успеаа и во тоа.

Конкретно, со предлогот се промовира уште полош однос измеѓу правата и обврските на сметководителите и дополнително се поткопува и онака слабата позиција на сметководителите во економскиот систем со измислување на нечуено деградирачка законска категорија на „лице без лиценца кое може да врши сметководствени работи“.

Но главниот проблем го лоцирам на повисоко, генерално ниво: отсуството на волја за комуникација на законодавецот со професијата. Оние кои секојдневно ја работата оваа работа треба да се најзапрашани во постапката за носење на било какви промени во регулацијата на фелата. Ќе дадам едноставен пример. Фелата веќе години наназад бара акт за дефинирање на минимален надомест на трошоци за вршење на сметководствени услуги. Наместо идеи за решение на проблемот кој фелата го има одамна констатирано а кој би помогна да се искорени сивата економија во дејноста и кој би го подобрил квалитетот на дадените услуги на доброто на целото стопанство од надлежните доаѓа само молк.

Имајќи го сето ова на ум, за жал морам да констатирам дека „климата“ во која новопредложеното законско решение стаса до јавна расправа беше крајно неповолна. Целата постапка беше ужасно нетранспарентна и не вклучуваше механизам за feedback и затоа воопшто не ме чуди што законот не продолжи во собраниска процедура. Всушност тоа беше и најдобриот исход бидејќи кое било решение кое би се донело без да помине низ филтрите на јавните дебати и расправи низ еден подолг период од минимум година – две ќе значи само чекор назад и дополнително изгубено време за професијата.

Економист: Верувате ли дека ќе се подобри позицијата на сметководствената професија во државата и кои сметате дека треба да се идните чекори?

Грозданов: Краткорочно гледано според мене од клучно значење е деблокада на ИСОС и избор на нов УО кој конечно би почнал да работи во интерес на фелата, би воспоставил редовна комуникација со институциите кои се корисници на сметководствените извештаи во насока на заштита на интересите на колегите а не во насока на измислување на нови обврски, би спровел тековни активности како на пример организација на избор за дополнување на Собранието на ИСОС и што е најважно би ја вратил довербата на сметководителите во институциите!

Доколку ова се случи верувам дека брзо ќе ја преминеме фазата на „детски болести“ и ќе продолжиме кон градење на угледна и респектабилна професија.

Во пресрет на претстојниот Форум „Механизми за елиминација на сивата економија, имплементација и очекувани резултати“ во рамки на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ кој ќе се одржи на 16 мај во х. Александар Палас, Скопје,  БизнисРегулатува.мк направи интервју со Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија, кои се организатори на Форумот во партнерство со коморите во проектот. На Форумот на високо ниво ќе учествуваат домашни и странски експерти, министри, директори на институции, наука, деловна заедница, кои ќе ги детектираат најголемите предизвици на компаниите во борбата со сивата економија, ќе понудат решенија за нејзино сузбивање, а ќе бидат презентирани и ефектите за стопанството и државата од намалување на сивата економија и ставање на нерегистираните субјекти во системот на држава.

БизнисРегулатива: Каква е моменталната состојба со сивата економија во земјава? Каков е трендот?

Арсовска: Сузбивање на неформалната економија во земјава која изнесува над 30 проценти од севкупната економија е главниот предизвик за обезбедување стабилен деловен амбиент и работа под еднакви и фер услови за сите субјекти во приватниот сектор. Со моменталните состојби на удар се особено малите и средни претпријатија кои како двигател на македонската економија сочинуваат 99,7 проценти од сите компании и имаат учество од 70 отсто во бруто домашниот производ. Во анализите на Сојузот на стопански комори на Македонија кој застапува над 20.000 членови од сите сектори, заедничко е континуираното барање за координирана акција со цел справување со еден од најголемите предизвици за стопанството, сивата економија. Особено е критично да се обезбеди механизам за справување со оние кои работат во неформалната зона со милионски профити, производители, трговците на стоки и услуги кои заработуваат големи суми, не плаќајки ниту денар во буџетот. За регистрирани компании ова е погубно, бидејќи тешко се справуваат со притисокот поради тоа што нерегистрираните субјекти имаат поконкурентни производи и услуги, а со кои  им превземаат се поголем дел од потрошувачите.

БизнисРегулатива: Кои се последиците од растечката сива економија во земјава?

Арсовска: Според анализите од анкетите на Сојузот на стопански комори на Македонија, вршителите на дејност кои работат без формално регистрирање на својата дејност т.е без фирма, се повеќе од 50% поконкурентни на пазарот од регистрираните фирми, поради тоа што не допринесуваат со обврска за плаќање на ДДВ, придонеси по основ на социјално и пензиско осигурување, тековните трошоци им се многу пониски бидејќи не плаќаат по индустриска тарифа, со што не само што го оштетуваат буџетот, туку и нудат цени за производи и услуги на пазарот кои се значително пониски, цени кои регистрирана компанија што ги плаќа сите давачки не може да ги постигне поради тоа што повисоките трошоци мора да ги пресмета во крајната цена на чинење.

БизнисРегулатива: Што би требало да се направи за да се промени сегашната состојба?

Арсовска: Водени од моменталниот деловен амбиент во земјава во услови на најави на регистрирани субјекти за прибегнување во неформалната зона, неопходно е да се релаксираат субјектите кои регистрирано работат од инспекциски надзори со цел намалување на трендот кон тивок премин во сивата зона.  Потребна е здружена акција и искористување на соодветните механизми,  со цел менување на перцепцијата дека неформалната е сигурна зона каде нема контроли и казни.Во спротивно и оние кои работат во согласност со законите и плаќаат даноци, тивко ќе почнат да преоѓаат во сивата зона. 

Механизми за надминување на оваа состојба со волја и акција на инспекциските служби е отпочнување  со континуирано делување по пријави за нерегистрирани субјекти но и јавно истакнување на оние кои ќе добијат глоба за истото, бидејќи не само што нивното изигрување на прописите претставува затајување на данок, туку е и дестимул за сите кои сакаат да работат почитувајќи ги законите.

Предложените иницијални чекори за справување со сивата економија се неопходни за демонстрирање на јасна волја дека ќе има последици за оние кои работат нерегистрирано, а не како во моментов кога на удар се само регистрираните фирми.

Прво имплементација во пракса на Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност со што би се регулирало работењето во сивата зона. Отпочнување на постапка за трансформација на неформалните активности во формални, поточно доброволна регистрација во прва фаза на контроли за оние кои нерегистрирано работат, а со тоа и нивен влез во системот на обврски.  Во втората фаза, доколку во првата субјектите одбијат да се регистрираат и не престанат да вршат дејност во сива зона,  да се применат репресивни мерки со изрекување на значителни глоби и кривични санкции, со што би се обиделе институциите да ги спречат нелегалните текови на пари.

Единствено со функционален механизам може да се справиме со сивата економија, бидејќи таа не придонесува во буџетот и дополнително ги дестимулира компаниите да инвестираат, со тоа што ги руши основите на еднаквост врз кои се темели пазарниот систем. Само со  итно справување со оваа појава која е присутна во сите сектори на стопанството може да очекуваме одржлив и континуиран економски раст, повисок животен стандард и поволно деловно окружување.

Неопходна е потребата од јакнење на свеста дека сивата економија е штетна за сите граѓани. Тешко е во услови на сиромаштија да се спречи оваа појава, но нејзиното намалување ќе го зголеми обемот на работа кај оние кои работат и плаќаат данок, а со тоа и ќе придонесе за природно општо намалување на продажните цени.

Оние кои ги избегнуваат своите даночни обврски, ги оштетуваат сите граѓани и се неправедни спрема сите оние даночни обврзници кои работат законски.  Сивата економија ја поткопува конкурентноста на компаниите и интегритетот на целиот наш даночен систем.

БизнисРегулатива: Што ќе се дискутира и кои пораки очекувате да произлезат од Форумите следна недела?

Арсовска: На Форумот во присуство на деловната заедница ќе бидат детектирани клучните предизвици на стопанството во борбата со неформалниот сектор. Битно е да се отвори дискусија за овој проблем кој е присутен во сите сектори на стопанството и институциите да отпочнат со конкретни чекори за справување со сивата економија, бидејќи тие се носители на механизмите за справување со овој проблем кој е се поголем. Сивата економија не може да се сузбие, но може во голема мера да се намали. Анализите на Светска банка покажуваат дека учеството на компаниите кои се соочуваат со нерегистрираните или неформални вршители на дејност во Македонија е 55, 5% или најмногу во регионот пред Црна Гора со 52,4%, Хрватска со 48,2%, Албанија со 40,2%, Србија со 37,5% и Словенија со 26,5%. Сојузот на стопански комори оваа проблематика неколку години наназад ја актуелизира и повикува на заедничка акција со надлежните институции  за регистрација на нерегистрираните субјекти или употреба на репресивни механизми за нивно сузбивање како би се намалила штетата на компаниите кои регистрирано работат но и на националниот буџет. 

Деловната заедницата постојано укажува на проблеми во примена на Законот за работни односи во насока на подобрување на деловната клима. Во тек е подготовка на нов закон. Со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска разговаравме за новиот закон за работни односи кој се уште е во работна верзија, за Законот за пратиканство и можностите кои ги нуди и за компаниите и за младите луѓе, како и за формите на поддршка на младинското вработување во земјава

-     Министерке Царовска, за почеток може ли да ни кажете кои се клучните новини во новиот закон за работни односи, за кој многу се заинтересирани компаниите?

Царовска: Новиот предлог закон за работни односи е во фаза на подготовка и истиот ќе се сподели со сите стопански комори. Тие ќе треба сите забелешки да го достават до работната група и нема да има никаков проблем да ги интегрираме оние што се прифатливи.

Забелешките можат да се достават веднаш или после првиот драфт, кој ќе биде јавно достапен и ќе има период на јавна дебата.

-       Законот за практикантство е во завршна фаза. Кои се клучните новини и придобивки од овој закон?

Царовска: Законот за практикантство е во Собранието. Како што знаете беше подготвен во соработка со четирите стопански комори вклучени во проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“  и сметам дека е многу добар закон, затоа што конечно ќе даде основа младите да се стекнат со потребното искуство и практично знаење и ќе се зголеми нивната вработливост.

Законот помина на Влада и сега е во Собрание, поминати се одредени комисии, усогласени се и опозиција и позиција по однос на овој закон и очекувам многу бргу Собранието да го усвои.

Во нашата држава за прв пат се носи ваков закон и клучната придобивка ќе биде стекнување на практично искуство и знаење. Секое младо лице по завршување на средно или основно образование ќе може да ги добие овие вештини и да стане повработливо. Законот предвидува воведување на менторска програма, што значи дека точно ќе се знае за која работна задача се оспособува едно лице и во во следната фирма во која што ќе аплицира за работа ќе може тоа да го покаже како доказ. Ќе има верификација за истото и потпис од ментор. Со тоа фирмите ќе можат да си обучуваат кадар за сопствени потреби,а од другата страна и помагаат на целата економија да имаме поостручен кадар. 

-       Дали ова се надоврзува на практикантството кое го имаме кај високото образование?

Царовска: Не, тоа е различно. Практикантството кое го предвидува овој Закон и праксата во образование се два различни процеси. Тие не се косат еден со друг, туку се надополнуваат. Праксата која е задолжителна, особено за некои струки во средно и во високообразование е една работа, додека ова е пракса по завршување и комплетирање на образованието со која ќе се добијатдополнителни компетенции и практични  вештини.

Во моментов практикантсвото е активна мерка за вработување, но фирмите можат да ангажираат практикант само преку Оперативниот план за вработување. Во спротивно, ако инспекцијата затекне практикант кој нема регулиран работен однос во една фирма (а немате право да го наречете практикант), тогаш тоа се смета за непријавено лице. Во таква ситуација државниот инспекторат за труд ќе изрече казна. Со новиот Закон ја менуваме оваа ситуација и воведуваме можност за практиканство кое би траело најмногу шест месеци.

Интервјуто во целина може да го погледнете на порталот БизнисРегулатива на следниот линк.

Со поддршка на г.  Едуард Мурицки, заменик министер за индустрија и трговија на Република Чешка и Н.Е Мирослав Томан, амбасадор на Република Чешка,  претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) Данела Арсовска и претседателот на Конфедерацијата на индустрија на Чешка, Јарослав Ханак,  потпишаа Меморандум за зацврстување на деловните релации меѓу двете земји како и зголемување на трговската размена. Двете земји имаат долга традиција на соработка, а фокусот за интензивирање на истата го гледаат во инфраструктура, автомобилската индустрија, индустрија за управување со отпад и со отпадни води, како и за заштита на животната средина.

Компаниите од двете држави покажаа голем интерес за зголемување на соработката. Кои сектори би сметале дека имаат најголем потенцијал за соработка?

Јарослав Ханак: Чешката Република има долга традиција на историски, економски и културни врски со Северна Република Македонија и земјите од поранешна Југославија. Нашите трговски врски имаат историја која датира од времето на поранешната Чехословачка. Традиционалните чешки брендови се добро ценети и двете земји отсекогаш  имале вредни деловни партнери. Високиот економски потенцијал ќе биде дополнително зајакнат со планираното пристапување кон Европската унија. Исто така, дел од основните приоритети на надворешната политика е поддршка на Северна Македонија за влез во ЕУ, со што ќе биде значаен фактор во регионот. Северна Македонија постигна голем напредок во реформирањето на нејзината економија во последната деценија. Поединечните поглавја на Спогодбата за пристапување кон ЕУ се со фокус на економијата, индустријата, модернизација на енергетскиот пазар со обновување на постојните и изградба на нови енергетски единици, како и заштита на животната средина, која е запуштена со години. Дополнително, недостатокот од искуства за вмрежување и инсталација на канализациски колектори од сите големини е одлична можност за чешките компании кои ги имаат потребните современи технологии и стекнатите искуства да се вклопат во исполнувањето на програмите за заштита на животната средина. Не помалку важни се секторите: земјоделството, транспортната инфраструктура и многу други.

Данела Арсовска: Главни сектори каде компаниите од двете земји детектираа потенцијал за соработка се инфраструктура, автомобилска индустрија, градежништво, земјоделство со посебен акцент на прехранбената индустрија, како и можности за реализација на проекти за управување со водни ресурси, индустрија за отпад, еколошки заштитни технологии. Веруваме дека потпишаниот Меморандум дополнително ќе ги зацврсти трговските врски меѓу двете земји и ќе отвори нови можности за соработка на компаниите, преку заеднички вложувања, директни партнерства, како и настапи на трети пазари.

Традиционално пријателските односи делуваат на зголемување на трговските и економските односи. Дали чешките компании изразија интерес за инвестирање?

Јарослав Ханак:Силен импулс за натамошно продлабочување на меѓусебните односи е заедничката мешовита економска комисија која активно ќе ги координира конкретни проекти за развој на меѓусебните економски односи. Ја поздравуваме поддршката на двете Влади за нашите извозници и деловната заедница. Важноста на пазарот за земјите од Западен Балкан за чешката економија расте секоја година. Особено во последните три години се забележува динамичен развој во меѓусебните деловни односи. Членовите на чешката делегација имаат богато искуство и вредно знаење. Тие претставуваат компании во областа на управување со отпадни води, заштита на животната средина, инженеринг, енергија, транспорт и транспортна технологија, инфраструктура, електротехниката, преработка на храна, вработување, консалтинг, банкарство и финансиски услуги, недвижности како и многу други. Претставниците на Чешката Експорт-банка, исто така се дел од нашата делегација. Силно верувам дека оваа бизнис мисија ќе придонесе за понатамошно зајакнување на нашите трговски партнерства на двете земји и ќе резултира со зголемување на меѓусебната трговија во иднина.

 Данела Арсовска:  Трговската размена меѓу двете земји е во континуитет во нагорна линија во последната година со зголемување од 15 %,со потенцијал за унапредување на соработка во насока на намалување на разликите во размената. Во исто време, на економски план за натамошен развој на соработката меѓу двете земји, ќе отпочнеме со интензивирање на деловните партнерства и промовирање на секторите со висок потенцијал за остварување успех на билатерално ниво. Компаниите од Чешка се заинтересирани за соработка со домашните компании и веруваме дека потенцијалот кој треба да се искористи е особено во делот на енергетиката, како и управување со отпадни води, а во насока на унапредување на животната средина како една од најзначајните области со неискористен потенцијал за раст.

Конфедерацијата на индустријата на Чешка и Сојузот на стопански комори на Македонија, се многу активни на меѓународно ниво. Покрај заложбите за заедничка соработка, кои се најзначајните достигнувања на меѓународно ниво?

Јарослав Ханак:Конфедерацијата на индустрија ја поттикнува мрежата на меѓународни контакти, од кои што следат голем број на успешни партнерства. Ние сме горди членови на Европската конфедерација на бизниси  во Брисел, каде што имаме постојан претставник, дополнително сме еден од најсилните гласови на земјите од Централна и Источна Европа во организација. Често соработуваме со нашите регионални партнери, на пример со состаноци со шефовите на Германската BDI или Федерација на Германската Индустрија. Исто така, постои редовна форма на средби и соработка на Централно Европската Бизнис конфедерација, кој ги вклучува Чешка, Словачка, Унгарија, Австрија, Словенија и Хрватска - повеќе или помалку области на поранешната Австро-Унгарија. Оваа соработка и координација е особено корисна во ЕУ, но дополнително  имаме многу силна експертиза на пазарите надвор од Европската Унија. Редовно организираме деловни средби со високи  претставници на земјата на сите континенти и можеби најважно ние сме членови на BIAC - Бизнис на ОЕЦД, како многу важна организација со влијателна платформа.

Данела Арсовска: На меѓународен план Сојузот е особено активен последните неколку години. Круна на заложбите за интернационализација на компаниите е  назначувањето во раководството на Генералниот Совет на Светската Коморска Федерација (World Chambers Federation) со седиште во Париз  и веруваме дека со овој голем успех ќе дадеме максимални заложби за  позиционирање на нашата земја како центар за влез на нови инвестиции во земјата и регионот, за градење на сигурни партнерства за домашните стопанственици со цел зголемување на извозот. Дополнително ни се отвора пристап до информации од прва рака за светските економски случувања со нашето учество во Организацијата на Обединети Нации – ООН, Г20, Светската Трговска Организација, како и Европската Банка за обнова и развој. Важна во овој момент е и нашата посветеност на унапредување на соработката со Република Чешка со која цел и го потпишавме овој меморандум.

 

Додека домашните компании се борат со ликвидноста, со давачките, со доцнењето во наплатата - економскиот систем го јаде сивата економија. Данела Арсовска претседател на Сојузот на стопански комори во разговор за Фактор отворено зборува за клучните проблеми со кои сега се соочуваат домашните бизнисмени. Вели дека даночните промени сега најмногу ги погодуваат не само лицата кои имаат повисоки примања туку и бизнисмените кои закупуваат деловен простор од физички лица, но и земјоделците. Арсовска очекува позтивни изгледи поради ЕУ и НАТО интеграциите, но спомена и дека некои македонски компании почнале да најавуваат селење на бизнисот во земјите од регионот. Ја прашав прво за политичкиот контекст и очекувањата по раздвижувањето на политички план.

Арсовска: Од аспект на бизнисот безбедносниот момент е важен, но исто така, важно е за луѓето да почувствуваат сигурност во системот. Иако се најавува дека е извесен влезот во Европската унија, тоа нема да се случи наскоро односно согласно изјавите, до 2025 година. На национално ниво неопходно е квалитетно спроведување на неопходните структурни реформи, особено економските реформи иако и останатите имаат значајно влијание на целиот систем како целина. Потребни се реформи во спроведување на владеењето на правото, во борбата со справување со корупцијата, како и во судските инстанци во делот на стопанските спорови бидејќи на приватниот сектор, но и воопшто граѓаните им е потребно да се зголеми вербата во правниот систем.

Оној безбедносен аспект кој го носи најавата за северноатланските интеграции може да биде придобивка меѓутоа е само еден сегмент на тоа што следи, а за интеграција потребна е национална консолидација за квалитетно спроведување на неопходните национални структурни реформи. Ние во континуитет се хармонизираме со законодавството, но во практика истото тешко се имплементира во пракса бидејќи општеството и свесноста не се приспобени на овие брзи транзиции кон системот на европската легислатива. Препораките се законите да не се носат во скратени постапки, а тоа е нешто што и ние конкретно постојано го апелираме. Неопходно е во драфтирањето односно во изготвувањето на регулативата да бидат почитувани оние приниципи кои важат и во самата ЕУ, а тоа е сите засегнати страни да бидат конслултирани додека се подготвува законот и драфтирањето кое треба да е со широка јавна расправа да трае од шест до девет месеци како би се постигнало изготвување на квалитетно и прилагодено решение. Доколку се почитува тој принцип во носењето нова регулатива, нема подоцна да се соочуваме со проблем во нејзината имплементација. Кај нас тоа често не е случај и затоа во имплементацијата се соочуваме со проблеми.

Политиката многу влијаеше, ама секако важно ви е што има барем некаква извесност или?

Арсовска: Изгледите се позитивни, но ние во континуитет постојано сме во политичка неизвесност. На приватниот сектор, позитивните сигнали му се важни, иако уште поважно е тоа да се рефлектира во практика како и ветувањата доследно да се исполнуваат. Постојано укажуваме дека мора веднаш да се отпочне со остварување на неопходните мерки за раст на стопанството, компаниите се во грч, не инвестираат иако имаат желба за тоа. Фокусирани се на завршување на оние проекти кои им се отпочнати со минимални инвестиции, не сакаат да ризикуваат со големи средства, затоа што големиот ризик може да донесе и голема загуба.

 

 

Во каква кондиција е сега бизнис секторот? Како работат македонските стопанственици?

Арсовска: Домашните компании се борат со ликвидноста. Тие го плаќаат данокот од кризата која ја имавме во последните години. Растот кој го имавме се спушти на ниво кое не е задоволително. Целиме кон некој иден раст и се најавува дека 2019 ќе биде економска година, но дали ќе биде така не можеме да предвидиме затоа што не сме сигурни какви ќе бидат состојбите во целокупното општество. Се најавуваа и предвремени парламентарни избори, знаеме дека ќе има претседателски избори. Кога има кампањи, неизбежно е чинителите во општеството да се фокусирани на своите кампањи и на своите кандидати, а не толку на остварување на целите кои ни се најпотребни за раст. Постојат реални предизвици кои доколку не се адресираат сега, може и оваа година да ја поминеме во стагнација, а се зависи од првите два квартали од кои првиот тече. За економска стабилност, потребна ни е политичка стабилност и да се покаже волја, да се намали поларизацијата меѓу политичките чинители, бидејќи на крајот како ќе се води националната економија доколку нема развиено национално стопанство.

Рековте ликвидноста, но со кои други проблеми се соочува стопанството?

Арсовска: Најголемиот проблем е сивата економија со која приватниот сектор се бори контиуирано. Компаниите сметаат дека недоволно брзо се адресира овој проблем, кој можеби и дополнително ќе се продлабочи со промените во персоналниот данок на доход. Сивата економија е една зона во која нерегистрирани субјекти функционираат и немаат никаков страв дека ќе имаат какви било последици од нивното работење. За нив нема инспекциски служби, нема наплата на индустриска струја и високи индустриски трошоци, не плаќаат никакви даноци. Таа е сигурна зона, во која се работи без правила и нема одговарност за тоа. Според наши анализи, но и согласно бројките на меѓународните финансиски институции, над 30 отсто од вкупната економија е во сива зона што е поразителен факт. Кога компаниите се соочуваат со нелојална конкуренција која е 50 проценти поконкурентна на пазарот и работи во сивата зона, нормално дека тие се борат на секој начин за да ги покријат трошоците и обездедат егсистенција. Ситуацијата во малите и средни претпријатија е особено алармантна.

Владата очекува раст на БДП преку раст на платите и стимулирање на приватната потрошувачка. Минималната плата еднаш порасна а се најавува и ново законско зголемување. Има ли некоја опасност во овој концепт?

Арсовска: Потребно е да се погледне структурата на самата економија и сите услови на кои нашата економија функционира. Моментот сега не е погоден, македонската економија е кршлива, приватниот сектор се бори со недостаток на специфична квалификувана работна сила, со сивата економија, со одржување на ликвидноста, со наплатата, а во состојба на политички превирања. Постои нестабилна економска состојба во која не е вистинскиот момент да се прават реформи во оваа насока, особено не во промена на Законот за минимална плата затоа што тоа ќе има повеќе негативни отколку позитивни последици како што и беше истакнато во најновите извештаи на ММФ. Нашиот став, принципиелно е дека платите треба да бидат повисоки, но да имаме национална стартегија која треба да има зацртани цели за подобрување на продуктивноста на приватниот сектор, за обезбедување стабилен пласман на македонски производи, зголемување на бројот на компании кои извезуваат. Откако сето тоа ќе се постигне платите природно ќе пораснат, но да се наметнува вештачко зголемување на платите во услови на непродуктивност само ќе го зголеми преминувањето во неформалниот сектор. Тоа го покажуваат и анализите на меѓународните финансиски институции, според кои доколку се прибегне кон зголемување на минимална плата голема е веројатноста дека ќе се зголеми работата на црно. Во моментов имаме над 20 проценти стапка на невработеност, што е на историски најниско ниво, но бројот на млади луѓе кои се невработени е над 48 отсто и тоа е една поразителна бројка. Со зголемувањето на минималната плата се таргетираат трудоинтензивните дејности кои често немаат можност да поделат повисока плата затоа што тие дејности имаат голем обрт, но мала заработка и таму трошоците за плати се голема ставка во вкупните трошоци, бидејќи самата бројност на вработени лица им е неопходна за вршењето на дејноста. Можеби поголем ефект ќе има, во соработка со институциите да им се обезбеди поголем и сигурен пласман или дури поддршка за брендирање и промоција на производите кои би ги пласирале на странските пазари. На овој начин би се нема да има потреба од вештачко покачување во форма на законско решение, и би се овозможило природно да се зголемат платите, како состојба која ќе биде оддржлива подолгорочно.

 

 

Правилно ли е социјално тарегетирање за поправеден систем?

Арсовска: Тоа е политички концепт за кој чинителите на власта на крајот самите одлучуваат. Одговорноста подоцна како и придобивките доколку ги има, се на носителите на политичката одлука. Македонската економија е пазарно ориентирана економија, и веруваме дека економскиот тим на Владата работи на растот на економијата за до крајот до 2019 година да видиме позитивни резултати. Неопходно е на најранливите категории да им се помогне, но за тоа да постои јасно воспоставен систем и механизми низ кои ќе се спроведува.

Владата со законски измени а и некако брзо измени неколку клучни закони во државата, па сега зголемени се придонесите, воведен е прогресивен данок на личен доход. Се смени и законот за данокот на добивка. Немавте многу време за реакции,од овој аспект, како гледате на овие измени? Кој ќе биде погоден и како? Кој е добитник кој губитник?

Арсовска: Првичните пресметки беа дека оваа најавена мини даночна реформа нема да има некој поголем ефект за целокупниот буџет, а нашите реакции во најголема мера беа на начинот на кој беа донесени измените на законот, во постапка во која немавме можност за сугестии за евентуално подобрување. Сметавме дека постои простор за поинакви измени во одночувањето, а најмногу во делот кој ќе ги погоди вршителите на земјоделска дејност како група на учесници во стопанството кои се соочуваат со многу предизвици. За нив потребна е стимулација на нивниот раст и развој, нивно окрупнување, обезбедување соодветен пласман за производите. Како што рековте и самите, измените беа донесени многу брзо, не дадовме забелешки во процесот на изготвување бидејќи како комори не бевме вклучени, а ефектите допрва ќе ги видиме. Имаме иницијални реакции особено од оние компани од приватниот сектор кој закупуват деловен простор од физички лица каде зголемувањето на данокот предизвика зголемување на нивните трошоци, особено кај фирми кои користат поголем број деловни единици. На компаниите не им беше пресметан овој трошок во финансиските планови за 2019 затоа што измените на законот беа најавени на крајот на годината, а тоа претставува и дополнително непредвидено финансиско оптоварување.

Државата проектира секоја година се поголем буџет, растат и долговите, засега слаба е реализацијата на капиталните инвестиции. Во кои постулати од фискалната политика сметате дека има проблем. Како треба државата да ја креира политиката во следниот период.

Арсовска: Непоходно е фокусирање на реализација на капиталните инвестиции особено на инфраструктурните проекти во делот на изградбата на коридорите затоа што поврзувањето на Македонија е неопходно особено за компаните кои се извозно ориентирани и партнери имаат  во западно европските земји како традиционално најголем пазар во надворешно трговската размена. Неопходно е продуктивно трошење и фокус кон капиталните проекти затоа што тоа беше и начин на развој на градежништво кое со години е двигател на економскиот раст и како сектор директно е поврзан со над 20 други стопански гранки.

 

 

Поддршка од државата сега добиваат и домашните компании, не само странските. Каков ефект има ова за домашното стопанство?

Арсовска: Сите закони кои се во функција на поддршка на стопанството се позитивни. Оваа мерка ќе има бенефит, иако генерално де јуре и де факто и претходно, поволностите за влез во развојните зони не ограничуваа пристап на домашните компании, но самиот услов за технолошки напредна дејност беше со лимитиран опсег. Условите сега се транспарентни и олеснети така што може секоја компанија да аплицира и да биде корисник на тие поволности. Она што го детектиравме минатата година е дека и покрај тоа што таргетот беше да се стимулираат успешните компании, имаше и такви примери каде компании кои со години успешно работеле, но поради економските прилики и неизвесноста во последната година, не оствариле раст со што не се во можност да ги користат поволностите. Нашите забелешки кои ги доставуваме со цел идно подобрување на условите, се да се гледа целокупното портфолио и бонитет на компаниите кои сакаат да аплицираат.

Арсовска што му е најпотребно на стопанството во моментов?

Арсовска: Она што му треба најмногу е извесна дерегулација, особено за малите и средни претпријатија, за што постојат позитивни примери од регионот. Една од државите која беше дадена како пример за прогресивното оданочување, во исто време, е и држава во која има комплетна дерегулација во првите неколку години по основањето на компанија што е особено важно за малите компании и претприемачите. Даночно слободување во првите години и други даночни олеснувања кои им се оптоварување при отпочнување на бизнис е значајно и потребно за раст на претпријатијата.

Компаниите реагираат и на парафискалните давачки, кои се предвидени во други прописи, со кои тие секојдневно се соочуваат и им генерираат дополнителни трошоци кои не им се предвидени со секојдневното работење и сериозно влијаат на нивната конкурентност.

Борбата со сивата економија, секако е клучна. Институциите мора да изнајдат механизам за регистрирање на оние кои се во сивата зона а прават огромни профити, како би се елиминирала нелојалната конкуренција, при што најдобра е можноста да одлучат да влезат во системот доколку сакаат да работат регистрирано и да плаќаат даноци како сите регистрирани субјекти. Доколку тоа не е можно втора опција е да се спречи да вршат дејност и да се применува доследно Законот за забрана за вршење на нерегистрирана дејност. Тоа нека биде позитивен исчекор во насока на примена на владеењето на правото и борбата во справувањето со корупцијата.

Кои се клучните новини предвидени со новиот закон?

Филиповска Грашкоска: Со оглед на тоа дека инспекцискиот систем има големо влијание на инвестициските одлуки кои што ги носат компаниите од аспект на развој на бизнисот, градење нови објекти, вработување нови лица итн, повеќе од јасно е дека е неопходно инспекцискиот систем да претрпи реформи. Факт е дека инспекциите влијаат врз растот и развојот на економијата во државата. Од таа причина, се процени дека има потреба од нов закон. Делумно за да се воведат некои нови механизми, коишто ќе придонесат за растот и развојот на економијата. Но, самата реформа ниту почнува, ниту завршува со овој закон. Одлично е што во исто време се носи нов закон за прекршоци затоа што огромните глоби кои се изрекуваа досега беа една од причините кои негативно влијаеа на економскиот раст и развој. Генерално, реформата треба да има една поголема цел, односно да се измени начинот на перцепција и на размислување од страна на инспекциските служби. Својата цел на работа да не ја гледаат само во стриктното спроведување на законите, наоѓање на пропусти во работењето на субјектите и изрекување на казни, туку како цел на нивната работа да се постави обезбедување на безбедноста на граѓаните, животната средина, развојот на економијата, намалување на ризици во различни области. Доколку се постави таква цел, нормално и очекувано е дека до израз ќе дојде и советодавната улога на инспекциите.

Ова е еден многу поопсежен процес. Од една страна го имаме новиот закон за инспекциски надзор, од друга страна наредна година ќе се спроведува процесот на реорганизација на целата администрација, вклучително и на инспекциските служби. Зошто? Затоа што во пракса се случува за одредена дејност да се дуплира надлежноста на повеќе инспекциски служби коишто имаат или тврдат дека имаат надлежност. Тоа креира несигурноста кај фирмите. Не знаат која  инспекциска служба може да дојде и да побара надзор и каква документација ќе побара. Се надевам дека таа реорганизација многу ќе придонесе за севкупната реформа и јасно поставување на надлежностите на сите инспекциски служби.

Што е со сегашните check листи и колку вие сте задоволни од тоа колку се користат од моментот кога се издадени досега?

Филиповска Грашкоска: Колку што сум јас информирана, овие листи за проверка се за осум области. Да, располагам со информации дека голем број на субјекти ги користеле. Неспорен е фактот дека тоа е релевантна бројка на субјекти коишто ги користеле, исто како што е неспорен фактот дека ова искуство и овиелисти треба да бидат земени предвид особено затоа што законот сега предвидува обврска на инспекциските служби да ги користат како официјални, задолжителни и јавно достапни документи. Тие ќе ги користат како инструмент при реализирање на редовните надзори. Мислам дека би било исклучително корисно да се земе предвид досегашното искуството како една појдовна основа, но допрва ќе се прецизира нивната примена. Допрва ќе се решава дали тие листи за проверка ќе се прават според дејности или според области, за да може фирмите да си ја проверат усогласеноста и да се информираат која инспекциска служба врши надзор.

Дали овие листи за проверка коишто веќе се изработени ќе бидат искористени за да не се дуплира работата?

Филиповска Грашкоска: Зошто не би биле искористени? Тоа е една одлична појдовна точка и некој сепак вложил труд. Можеби на крајот и ќе дојдеме до заклучок дека најдобро би било да одиме по области, па ќе се искористи и поголем дел од ова што досега е сработено. Меѓутоа, пак останува првенствено да се искоординираме со инспекциските служби бидејќи досега го слушнавме ставот на бизнис заедницата и знаеме дека сметаат дека за нив е подобро да биде по области, но сега да слушнеме што има да каже другата страна. Целта е на сите да им се олесни овој процес.

Кога ќе бидат готови листите за проверка, како тие ќе фунцкионираат на терен? Ќе бидат ли јавно објавени?

Филиповска Грашкоска: Како што кажав, ќе бидат првенствено законска обврска, што е новина затоа што досега има неколку инспекциски служби коишто си имаат изготвено check листи, меѓутоа тие не се задолжителен елемент во вршењето надзор. Значи, првата промена е што ќе бидат законска обврска за секоја инспекциска служба. Втората работа е она што слогласно законот тие ќе бидат јавно достапни. Целта со ова законско решение при вршење на планираните редовни надзори е заедно со известувањето за надзор да се достави и листата за проверка пред да биде извршен надзорот. Законот дава можност во ситуација кога инспекторот ќе процени дека не е неопходно физички да присуствува на надзорот, да може да ја достави таа check листа и да побара да му биде вратена назад соодветно пополнета и поткрепена со пропратна документација што ги потврдува дадените одговори. На тој начин се дава можнсот од една страна да не се оптоварува или прекинува процесот на работење на субјектот и  да се избегне притисокот.  Едновремено, ќе се заштедат ресурси и на инспекциските служби. Другата цел на овие листи е да се избегне различното толкување и различното постапување од страна на инспектори од еден ист инспекторат во различни региони.

Со самото воспоставување на check листите ќе биде дадена рамка што треба да провери инспекторот, а субјектот на надзор во секој момент ќе знае што може да му биде побарано. И третата придобивка од check листите е тоа што сите субјекти ќе можат да извршат самооценување на својата работа и да утврдат дали имаат пропусти. И без да имаат најава за инспекциски надзор самите да си проценат дали ги исполнуваат сите барања коишто се очекуваат. Најголемиот дел од микро, малите и средните претпријатија всушност сакаат да работат согласно законските правила, но поради ограничените човечки и финансиските ресурси не им е јасно кои се закони ги засегаат кога работат во одредена дејност. Со тоа што можат да направат самопроценка ќе бидат растоварени од притисокот дека кога ќе дојде инспекторот ќе се најде некаква грешка во работењето. Кога на ова ќе се додаде и опомената, практично се создава солидна законска основа за реформирање на целиот инспекциски систем и на различниот пристап. Опомената се предвидува за прв пат во законот за инспекциски надзор како своевидна мерка. Целта е она за што приватниот сектор со години наназад реагира - дека не е потребно и неиздржано е да се изрекуваат глоби за минорни прекршоци. Она кон што се стремиме е опомената да биде првата мерка која ќе се изрече во случај да се утврдат некои недоследности коишто не го загрозуваат јавното добро, животот и здравјето на граѓаните и не ја загрозуваат животната средина. Кај таков тип неусгласености не можеме да се држиме само до опомената. Токму со опомената  ќе дојде до израз советодавната улога на инспекторите.

Во насока на намалување на субјективноста на инспекторите се воведува и еден нов механизам при изборот на фирми во кои ќе се врши надзор, а тоа е  процена на ризик. Пронката ќе се прави врз основа на дејноста со која се занимава формата, претходно искуство со инспексицки надзор и слично. Врз основа на тоа фирмите ќе се рангираат според ризичност и ќе се намали субјективноста на инспекциските служби при планирање на надзор. Колку е помал ризикот толку е помала шансата за вршење надзор. Овие критериуми ќе бидат разработени со подзаконски акти. Но, најголеми резултати ќе постигнеме кога ќе се воспостави софтверот кој ние го нарекуваме е-инспекција. Тој софтвер во кој ќе бидат вклучени сите инспекциски служби, ќе се наполни со податоци за сите правни субјекти. Овој систем ќе ги селектира фирмите според нивната ризичност и  тогаш инспекторите директно од системот ќе добиваат листа на фирми во кои ќе треба да се прави надзор. Со ова целосно ќе се отстрани човечкиот фактор и ќе влее доверба кај приватниот сектор. За почеток, системот ќе го истестираме во еден пилот-проект кој ќе опфати неколку инспекциски служби.

Интервјуто во целина може да го погледнете на порталот БизнисРегулатива на следникотлинк.

Министре Манчевски, би сакале на бизнис заедницата  да и објасниме која е главната цел на носењето нов закон за инспекциски надзор!

Како што и кажавме на дебатата, една од главните причини за носење на нов закон е воведување на политиката која долго време ја најавувавме, а тоа е воведувањето на опомената како дел од инспекцискиот надзор. Станува збор за еден вид едукативен аспект на инспекциските служби наспротив казнивоста и глобите во системот. Соочени со дел од сугестиите коишто ги кажаа самите претставници од компаниите на дебатата и на други места, можеме да го зајакнеме едукативниот механизам пред да се оди на казнување. Ова е во согласност со измените коишто ги прави Министерството за правда во однос на генералната казнена политика, така што се спуштаат висините на казните и на глобите. Oва надополнето со воведување и примена на опомена пред казнување мислиме дека ќе донесе поповолен амбиент за работење на компаниите.

Втората новина е инспекциските надзори да бидат многу попредвидливи. Некои од инспекциските служби коишто не се опфаќаат со овој закон, како на пример УЈП, која не е дел од Законот за инспекциски надзор, најпрвин ќе доставуваат листи за проверка во компаниите пред да дојдат во инспекција. Тоа значи дека компаниите кои ќе бидат предмет на инспекциски надзор однапред ќе знаат со што се соочуваат и што треба да обезбедат. Ќе им се даде соодветно време за да ги исправат неправилностите, освен ако се работи за индикации за сторено криминално или кривично дело.

Третата работа е се обидеме да ја намалиме субјективноста при изборот на фирмите кај кои што ќе врши инспекциски надзор. Во минатото бевме сведоци дека делумно од бизнис причини, од политички или можеби лични причини одредени фирми неколку пати беа предмет на инспекциски надзор од страна на една иста инспекција, додека кај други пак воопшто никогаш не бил направен. Се воведува т.н. проценка на ризик, каде што ќе се гледа кои се поризични фирми и категории и тука ќе се става фокусот. Оние што редовно работат и ги подмируваат своите обврски кон државата нема причина да бидат предмет на чест инспециски надзор и да не чувствуваат притисок од страна на државата.

Ова се најинтересните предложени измени во законот, коишто би биле интересни за фирмите и за бизнис секторот. Особено мислам дека се важни измените за малите фирми и претпријатија, кај кои не ретко, за жал, глобите по инспекциски надзор значеле нивно затворање. Овие фирми ниту имаат капацитет, ниту може да се очекува да имаат капацитет да ги следат сите законски измени коишто се случуваат и да се адаптираат на сето она што го бараат законите и инспекциските служби. Се обидуваме ова да го елиминираме и прво ќе се изрекува опомена, па после казна.

Што се однесува на опомената, дали секогаш ќе има прво опомена?

Во основа, така треба да биде. Секогаш треба да има прво опомена и рок за корекација. Ако во тој рок не се изврши промената, тогаш ќе се оди со следниот чекор, односно изрекувањето на глобата. Но, тоа да не биде веднаш. Нормално, пак ќе кажам дека ќе им исклучоци каде што јасно ќе се знае дека има криминал, има намера во тоа што се работи. Повторно проценката ќе биде само на инспекциите и на инспекторите, но токму затоа ја зајакнуваме улогата на Инспекцискиот совет и конечно му даваме смисла на неговото постоење - да се води сметка дека законите ќе се применуваат во духот како што се наменети и што е намерата на законодавецот.

На презентацијата смоменавте дека во насока на намалување на субјективизмот и човечкиот фактор ќе се воведе и посебен тип на софтвер. На што ќе се однесува тој софтвер и што ќе регулира? Кој дел од работата ќе се автоматизира?

Софтверот ќе го врши изборот на фирмите во коишто ќе се врши инспекциски надзор по случаен изборНа тој начин се елиминира субјективноста или каква било зла намера. Во рамки на еден проект финансиран од Европската унија равиваме сличен софтвер и на почетокот на идната година ќе ги имаме резултатите. Доколку тестирањата покажат добри резултати, тогаш ќе се наметне и на другите инспекциски служби.

Најавивте воведување т.н. check листи или листи за проверка со помош на кои секоја фирма ќе може самата да си направи проценка за усогласеност со законските правила. Вакви листи за проверка веќе се изработени во рамки на УСАИД проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ и објавени на веб порталот “Бизнис Регулатива“. Дали истите ќе бидат искористени?

Тие check листи не само што ќе бидат доставувани до фирмите кои се предмет на инспекциски надзор, туку ќе бидат и објавени. Фирмите нема да мора да чекаат да им се најави инспекциски надзор, па да се подготвуваат под притисок.

Тие мора да бидат јавно достапни затоа што е илузорно да се очекува мала или средна фирма може да ги следи сите интерни правилници и подзаконски акти на сите институции. Исто така, од екстремна важност е ние институциите да ги објавуваме сите податоци. Јас исто така сфаќам дека голем број од институциите немале механизми за објавување вести затоа што секоја институција нема своја веб страница.

Со новиот портал за отворени податоци, којшто ќе го лансираме до крајот на оваа година, сите институции, особено тие што се клучни во делот на инспекцискиот надзор во фирмите, ќе ги објавуваат сите информации од значење за компаниите и граѓаните. Колку повеќе податоци објавуваат на порталот толку порстоварени ќе бидат од барања за слободен пристап до информации.

Оние листи за проверка што веќе постојат во рамки на проектот поддржан од УСАИД секако ќе се користат и ажурираат, а ќе се направат нови за оние области во коишто недостигаат.

Дали од она што досега го слушнавте од експертската и бизнис заедницата има некои крупни забелешки коишто не се имплементирани во сегашниот предлог на законот?

Крупни забелешки не гледам, но простор за подобрување гледам. Треба да се зајакнат одредени одредби за да нема двојно толкување или погрешно толкување на одредбите и со тоа да се намали субјективноста. Факт е дека со сегашната предлог-одредба се остава прилично простор на самата инспекција да одлучи што ќе прави. Втората работа е во делот на транспарентноста и објавувањето и на check листи и на барањата којашто секоја институција ја има кон правните или физичките лица.

Јас ги гледам работите од страна на бизнис секторот затоа што доаѓам од приватен сектор, меѓутоа сепак ќе оставам експертите коишто работеа на законот да ги прегледаат сите предлози коишто пристигнаа во текот на јавната расправа. Ќе оставиме уште малку простор и време, нема потреба да се брза законот. Најважно е дојдеме до најиздржано решение.

Интервјуто во целина може да го погледнете на порталот БизнисРегулатива на следникот линк.

Институтот за стандардизација на Република Македонија (ИСРМ) е национално тело за стандардизација кое ги претставува националните интереси во меѓународните, европските и регионалните организации за стандардизација, ги промовира стандардизациските активности и преку здружување на јавните и приватните заинтересирани страни, ИСРМ подготвува и усвојува доброволни национални стандарди. Со првиот човек на ИСРМ, м-р Џеват Кицара разговараме за важноста на стандардизацијата, иницијативите за подготовка на национални изворни македонски стандарди, за кои стандарди се заинтересирани домапните компании и останати актуелни теми, ексклузивно за Економист.мк.

Веќе 6 месеци го водите Институтот за стандардизација на Република Македонија – ИСРМ кои се вашите главни цели за унапредување и промовирање на стандардизацискиот систем во Република Македонија?

Џеват Кицара: ИСРМ како национално тело за стандардизација, ги претставува националните интереси на Република Македонија во меѓународните, Европските и регионалните организации за стандардизација, ги промовира стандардизациските активности и преку здружување на јавните и приватните заинтересирани страни ИСРМ подготвува и усвојува доброволни национални стандарди. ИСРМ согласно своите надлежности и обврски кои приоизлегуваат од условите за стекнување на статус на полноправен член во Европските тела за стандрдизација CEN и CENELEC подразбира и ја наметнува обврската кон националното тело за стандардизација (ИСРМ) за основната дејност, а тоа е континуирано усвојување на сите Европски стандарди како национални македонски, како и развивање и усвојување на  изворни национални стандарди. ИСРМ има изготвено Акциски план за зголемување на приходите на ИСРМ, од каде произлегуваат главните цели за унапредување и промовирање на стандардизацискиот систем во Република македонија, и тоа: Организирање на обуки од страна на ИСРМ, Организирање на промотивни активности и информации (зголемување на членството во ИСРМ; промоција на услугите на ИСРМ за продажба на стандарди, членство во ИСРМ, обуки и сертификација; центар за давање на услуги од комерцијален карактер), Зголемување на продажбата и публикации на стандарди (преку дефинирање на целни групи, развивање на електронски пристап за читање на стандарди; како и заштита на авторските права на стандардите), Развивање на услугата за сертификација и развивање на услугата знак за квалитет.

Кои се придобивките од полноправно членство на ИСРМ во европските тела за стандардизација и економските бенефити за индустријата во Македонија од употреба на стандарди и сертификација?

42899372_1996632793727091_3570236288294453248_n.jpgЏеват Кицара: Придобивките од полноправното членство значат: учество на македонските експерти од своите области во директно креирање и подготовка на европските стандарди, учество на состаноци на европските технички работни тела, каде се подготвуваат европските стандарди, давање коментари, предлог измени или дополнувања по однос на предлог европските стандарди кои се на јавната расправа, учество и директно влијание во политиките на работа на CEN (Европскиот комитет за стандардизација) и CENELEС (Европскиот комитет за електротехничка стандардизација). Сето ова зборува за можноста на македонските компании и експерти да бидат меѓу првите од своите области кои ќе ги добијат информациите за подготовка на нови иницијативи и стандарди, што ќе овозможи конкурентност на нивните производи/услуги на европскиот пазар. Придобивките на ИСРМ од полноправното членство, се пресликуваат кај бизнис заедницата, државните органи и секако крајните корисници – домаќинствата и потрошувачите. Меѓу економските бенефити за индустријата во Република Македонија, може да се набројат следниве: Подобрување на производите или услугите; Зголемување на конкурентноста; Зголемување на довербата; Намалување на веројатноста за грешки; Зголемување на ефикасноста и намалување на трошоците; Компатибилност на производите; Олеснување на извозот на стоки; Подобрување на можностите за успех; Подобрување на задоволството на потрошувачите; Намалување на негативните влијанија врз животната средина; Сообразност со регулативите.

Во овој контекст, би искористил да го наведам и моето активно учество на состаноците на генералните собранија на европските и меѓународните тела за стандардизацијаCEN (Европскиот комитет за стандардизација), CENELEС (Европскиот комитет за електротехничка стандардизација), ISO (Меѓународната организација за стандардизација) и IEC (Меѓународната електротехничка комисија), преку кои состаноци, се здобиваме со директна комуникација, искуство и пренесување на знаењето од овие тела. Со овие искуства и знаења, ќе работам во насока на уште поголем напредок на ИСРМ во иднина.

Расте ли интересот кај македонските компании за примена на европски стандарди и дали стандардите се гарант за излез на пазарот во Европа кој брои 550 милиони потрошувачи? 

Џеват Кицара: Точно е дека интересот за примена на европски стандарди, усвоени како македонски стандарди, континуирано расте кај македонските компании, поради фактот што компаниите ги гледаат и чувствуваат придобивките од примената на стандардите за нивните производи или услуги. Со стандардите се гарантира еднаквост и конкурентност на европскиот пазар.

42987147_1996634590393578_2670281150466883584_n.jpg

За кој стандард во најголема мера се заинтересирами македонските компании и зошто?

Џеват Кицара: Од најголем интерес се несомнено, хоризонталните стандарди, и тоа во областа на менаџмент на квалитет, животна средина, оцена на сообразност. Меѓу тие стандарди е и голем бројот на преведени на македонски јазик. Меѓутоа, како најпродаван стандард, според информациите од ИСРМ, досега е МКС EN ISO 9001:2015 Системи за менаџмент со квалитет – Барања, кој исто така е достапен и на македонски јазик. Оваа заинтересираност најверојатно се должи на потребата во рамките на компаниите да имаат спроведено соодветни постапки на управување односно раководење и спроведување на активностите за работа. Понатаму, многу почесто во јавните тендери се поставува условот компаниите да го имаат имплементирано овој стандард, а некаде и не само овој стандард, но и да имаат сертификат за некој друг стандард во соодветната област, за која се објавува тендерот.

Покрај европските промовирате ли македонски стандарди?

Џеват Кицара: Се повеќе и повеќе има иницијативи за подготовка на национални изворни македонски стандарди. Во моментов ИСРМ има подготвено 73 националони македонски стандарди и стандардизациски документи, додека 8 се предлог македонски стандарди во фаза на изработка. Истите се од повеќе области, и тоа: нафта, лифтови, животна средина, гас, геотехника, градежништво, еврокодови.

На што сте фокусирани за следниот период?

Џеват Кицара: Секако континуираната основна дејност на ИСРМ претставува подготовка и усвојување на европски и меѓународни стандарди како македонски, како и подготовка на национални изворни македонски стандарди. Понатаму, ИСРМ се фокусира на Организирање на обуки, Развивање на услугата за сертификација и останати активности наведени погоре кои придонесуваат за промовирање и поголема препознатливост на ИСРМ во поглед на приближување на стандардите и информациите за стандардите до македонските компании, државните органи и крајните корисници.

Jасмина Сидеровски е родена во Скопје, а нејзиното семејството се сели во Њукасл, Австралија, кога е таа на возраст од само девет месеци, каде го стекнува своето образование, а својата кариера ја започнува во Сиднеј. Во 2012 година ја основа фондацијата "Јакнење на твојата душа" која стана препознатлив бренд. Во ноември 2016 година ја објави својата прва книга - "Јакнење на твојата душа - наследство на нејзиниот ум", која брзо стана препознатлива, здобивајќи читатели и приврзаници од целиот свет, охрабрувајќи многумина кон подлабока мисла и обединување. Таа е претседател за Океанија на Глобалните Амбасадори на добра волја (ГАА) и дел од одборот на тимот за глобална комуникација. 

Нејзината прва книга "Јакнење на твојата душа - наследство од нејзиниот ум", беше добитник на наградата за филозофија на Меѓународната издавачка куќа "Златен медал". ТМН Магазин од САД и ја додели наградата "Најдобра книга на годината" и ја прогласи за амбасадор на Меѓународниот ден на жената за TМН. Набргу потоа, следеше наградата на „Директори" за нејзината текстови за човекови права "Божиќна желба" од Парамаунт, Нешвил - САД.

Во интервју за Економист.мк, разговараме за нејзините најнови достигнувања и  планови за иднината.

Што Ве поттикна да станете автор и да ја основате фондација "Јакнење на твојата душа" која стана препознатлив бренд?

ddc725eb-81de-4c5d-ad86-f32782fc23ae-original.png
Сидеровски: 
Роденa сум во Скопје, Македонија и моето семејство мигрираше во Австралија кога бев бебе. Растев во мултикултурно општество на континент кој во моментот брои нешто помалку од 25 милиони жители.  Бев сведок на борбите со кои се соочуваа мигрантите во текот на 70тите, 80тите години и крајот на минатиот век.

Со живот помеѓу две култури се посветив на тоа да ги разберам и да се поврзам со луѓе кои го негуваат свој идентитет,  а поттикнување на личниот развој стана мотивација која ќе ја оставам во наследство.

Почувствував потреба за поддршка на лицата кои се соочуваат со отфрленост, страв и недостаток на разбирање. Така „Јакнење на твојата душа“ стана патека за многу луѓе кои сакаат да научат за интеграција, јазик, обичаи и култура на еден континент кој е толку далеку од остатокот од светот.

Јас сум жена и мајка на два сина, тинејџери што е голема обврска подеднакво колку и онаа да си глобално препознаена по својата душа која инспирира мудри мисли преку своите оригинални цитати и изреки.  Се залагам за јакнење на љубовта и почитта, правата и зајакнување на улогата на жените и децата, за борба против интернет заплашување, против војна и сиромаштија. 

Бестселери и достигнувања, на што најмногу се гордеете во 2018?

Сидеровски:Откако мојата прва книга постигна  успех минатата година, вклучена во групата на "Автори на бестселери" во австралиската антологија, каде што сите средства од продажба беа донирани на „Институтот за истражување на рак“ за истражувачки медицински цели. По издавањето на "Основна австралиска романтична антологија" заедно со најчитаните автори од Австралија, следеа уште две книги на чии успеси сум исклучително горда.

Фондација "Јакнење на твојата душа", издава и печатен месечен магазин со инспиративни статии во чија креација учествуваискусен тим од 25 исклучителни соработници од целиот свет и кој има публика од 120.000 читатели на социјалните на своето електронско издание.

Неодамна, бев гостин на шоуто на Марша Каспер Кук во Чикаго, САД со професорот ко-домаќин на Универзитеот во Вашингтон  и автор на "Њујорк тајмс", Џек Ремик.

Со нетрпение го очекувам настанот во 2019 година на Австралиската асоцијација на писатели на романи во Сиднеј каде сум поканета за говорник на теми поврзани со зајакнување на жените и зајакнување на нашата хумана мисија. Месечниот еЈс Магазин е покровител и на Фондација за Мултиплекс Склероза во 2018 година, а на мое задоволство ја имав честа да бидат поканета како автор на манифестација во Бризбејн која посветено работи на собирање средства за потребите на децата.

Кои се Вашите планови на долг рок?

MAGRRA.JPGСидеровски: Месечниот еЈс Магазин, започнува и со едиција на тинејџерски магазин – еЈс Тин во 2019 година. Списанието ќе дава силен импулс во искоренување на пороците кај тинејџерите, користење на интеренетот за позитивни цели и сл.  Нашите деца се толку посветени на технологија и игри, а целта на списанието е да добијат нов поглед кон светот,  да се истакне важноста на читањето и да се истакнат позитивните  практики кај тинејџерите.

На среден рок би сакала да се насочам кон едукација на жените, особено оние кои немаат знаење и ресурси да побараат помош кога им е најпотребна, било да станува збор за здравје, образование, како и креирање на мрежа на поединци за поддршка на лица со потешкотии. Сето ова предвидено е да биде достапно и во електронска форма, за формирање и достапност на работилници и настани во рамки на  фондацијата "Јакнење на твојата душа".

На долг рок планирам да продолжам да пишувам што и претставуваше почеток на еден сон за поттик на бездомниците, оние кои се загрозени и живеат во сиромаштија. Успехот е нешто кон кое сите се стремиме, но често одејќи по тој пат забораваме да ги понесеме и оние кои ги немале нашите можности и успеси. 

Ваш совет за успех?

Сидеровски: Секој треба да ја пронајде страста во животот која ќе го натера да се бори. Тоа што е сон може да биде и реалност. Работете напорно и посвете се на визијата. Никогаш не судете за другите и читајте меѓуредови. Научените лекции се подарок – тие не прават тоа што сме. Сите имаме своја приказна која произлегува од внатрешниот глас што не охрабрува да ја градиме нашата иднина не само за себе, туку и за нашите деца. 

Катар ервејс“ во првата година од започнувањето на дирекниот лет Доха-Скопје-Доха ги постигна резултатите кои ја оправдаа целта зададена од менаџментот на националниот авио-превозник на Државата Катар. Од оваа година „Катар ервејс“ продолжува со отварање на нови дестинации. Од 11 декември патниците од Скопје преку Доха ќе може да летаат за Момбаса, Кенија а од 19 декeмври и за Да Нанг, Виетнам во интервју за Економист.мк ни откри комерцијалниот директор на канцеларијата на „Катар ервејс“ во Скопје, г. Алтај Шабан. Разговаравме и за работата на авиокомпанијата во нашата земја во изминатиот период, задоволството на патниците, како и бројните награди и достигнувања во светски рамки.

Од пред една година, Македонија се најде на мапата на „Катар ервејс“ кој преставува еден од најценетите брендови меѓу авиокомпаниите во светски рамки. Како сте задоволни од работата изминатата година?

Алтај Шабан: Многу сме горди и почестени со самата одлука на нашиот менаџмент што ја стави Македонија во мапата на „Катар ервејс“. Денес, во 20-тата година од своето постоење е една од најбрзо растечките авио-компании во светот со преку 150 деловни и туристички дестинации и со модерна флота со повеќе од 200 авиони.

„Катар ервејс“ доби четири престижни награди на годинешниве Светски награди за авио-компании 2018, под раководство на меѓународната организација за оценување авионски транспорт – „Скајтрекс“ (Skytrax), откако ги доби титулите „Најдобра бизнис класа во светот“, „Најдобри седишта во бизнис класа“, „Најдобра авио-компанија на Средниот Исток“ и „Најдобар авио-компаниски салон за прва класа во светот“.

Во првата година од започнувањето на дирекниот лет Доха-Скопје-Доха сме задоволни од постигнатите резултати кои ја оправдаа целта зададена од нашиот менаџмент.

Претставниците на македонската бизнис-заедница може да се поврзат со своите партнери во повеќе од 150 дестинации ширум светот. Согласно Вашите анализи, зголемен ли е бројот на бизнис патувања или повеќе станува збор за туристички патувања?

Алтај Шабан: Одговорот на ова прашање е во суштината на нашиот бренд „Патуваме заедно“, кој е инспирација за македонскиот патник и можност за голем избор во неговата одлука, без разлика дали станува збор за туристичко или бизнис патување.

Кога на ова ќе ги додадеме квалитетот на услугите и стекнатите меѓународни награди, несомнено нудиме вредности кои му овозможуваат најдобар избор на македонскиот патник, во согласност со неговите желби, потреби, очекувања и секако, статус на патување.

Во секој случај, големо е задоволството кога имаме задоволни и лојални патници, кои ги избираат квалитетот, сигурноста и вредностите кои ги нудиме. Едноставно кажано, задоволство е кога македонскиот патник, за секоја приогода, го одбира „Катар ервејс“ за свој партнер во патувањето.

„Катар ервејс“ добитник е на бројни награди и признанија. Неодамна во Скопје, добивте признание за придонес на компанија „Катар ервејс“, EXCEPTIONAL MERIT - Best Airline Company for Business која во изминатата година му ги приближи на бизнис секторот дестинациите како САД, Азија и Далечниот исток за што доби највисоки оцени за перформанс и вредност на услугата. Што за Вас значат ваквите признанија?

Алтај Шабан: Несомнено, признанијата имаат исклучително значење за нас, тие се потврда за сите наши вложувања, за посветеноста кон работата и довербата која ја имаат нашите патници.

Покрај повеќекратните меѓународни награди и признанија, дел од нив ги спомнав претходно, бездруго не прави горди и наградата доделена од Македонската бизнис заедница, која за овој краток период во кој ги користеа услугите на „Катар ервејс“ препозна квалитет и сериозен бизнис партнер кој придонесува во нивните успеси во бизнис релациите со целиот свет и добива на значение со самото тоа што „Катар ервејс“ е нивниот партнер во нивните бизнис патувања.

Сознанието дека сме наградени од Заедница која придонесува за развојот на нашата држава, а индиректно и ние како компанија сме дел од тој развој, ни дава поттик и мотив да продолжиме со стратегиите за развој кои ни се зададени од нашиот менаџмент, прилагодени за македонскиот пазар, отворајќи повеќе мостови на зближување со повеќе дестинации, држави и култури од целиот свет.

Кои се идните планови на „Катар ервејс“ за Македонија и регионот?

Алтај Шабан: Целта ни е да му овозможиме на македонскиот патник, брзо, сигурно и квалитетно да се доближи до голем број дестинации, да запознава нови места и култури кои во најмала мера ќе му придонесат за отварање на пошироки видици и да бидеме прв избор за партнер во реализирањето на нивните бизнис дестинации. Паралелно на тоа, Македонија и нашата култура да ја доближиме до другите народи.

„Катар ервејс“ продолжува со отварање на нови дестинации оваа година. Од 11 декември патниците од Скопје преку Доха ќе може да летаат за Момбаса, Кенија а од 19 декeмври и за Да Нанг, Виетнам.

Царинската управа на Република Македонија, во изминатиот период реализира заначајни активности за подобрување на деловниот амбиент во земјата. Со првиот човек на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, разговараме на повеќе теми од значање за стопанството, измените на Царинскиот закон што стапија во сила и намалување на глобата за 75% во просек, како и за заложбите за позитивни промени на управата, исклучиво во улога на сервис на граѓаните и општеството, ексклузивно за Економист.мк.

На чело сте на една од назначајните економски институции за секоја национална економија. Кои се според Вас клучните активности кои Управата ги реализирала до сега?

Танасоски: Стратешка определба на Царинската управа е заштита на финансиските интереси на Република Македонија, преку наплата на царина, ДДВ и акциза, воспоставување на ефективна царинска контрола и одржување на рамнотежа помеѓу интересите на деловната заедница и одговорностите за царинска контрола, со цел да се обезбеди поддршка на легалната трговија и подобрена наплата на давачки.

Во периодот јануари-јули 2018 година износот на вкупно наплатените буџетски приходи при увоз и внатрешен промет изнесуваaт 48.572 милиони денари и се за 11,9% повисоки во однос на истиот период во 2017 година кога се наплатени 43.381 милиони денари.

Во евра вкупно се наплатени 790 милиони евра за првите седум месеци од 2018 година, во споредба со 2017 година кога се наплатени 705 милиони евра, односно за 85 милиони евра повеќе.

Од вкупно наплатените нето приходи по основ на царински давачкиво јануари-јули 2018 година се наплатени вкупно 3.250 милиони денари. Овој износ е за 11% повисокво однос на наплатените приходи по основ на царина во истиот период 2017 година, кога се наплатени вкупно 2.926,2милиони денари.

Наплатените приходи по основ на ДДВпри увоз во јануари-јули 2018 година изнесуваат 29.152,6милиони денари и се за 12,5% повеќе во однос во истиот период во 2017 година кога се наплатени 25.890,8милиони денари.

Приходите од увоз од наплатената акцизаво јануари-јули 2018 година се зголемени за 17,6 %при што се наплатени 1.102 милиони денари повеќе во однос на истиот период во 2017 година.

Покрај успешно завршените проекти реализирани со поддршка на ИПА Програмата, а тоа се надградба на објектите за царинење на граничниот премин за патен промет Табановце (проширен царински терминал, изградба на две коловозни ленти на граничниот премин за излез од Македонија, со изградени придружни објекти, што допринесува за олеснет проток и побрзо спроведување на царинските постапки) и опремување на царинската лабораторија со цел подобрување на нејзиниот капацитет за анализа на мостри земени во царинска постапка, воведовме и можност за 24 часовен слободен коридор за приоритетно движење на жива стока и стока во свежа состојба при излез на граничните премини Табановце и Богородица, со цел избегнување на подолги задржувања на патници и стока.

Работиме и на промоција на придобивките од концептот Овластен економски оператор (ОЕО). Ова е од огромно значење за компаниите, бидејќи статусот на ОЕО е меѓународно признаена марка за квалитет, која укажува на тоа дека економските оператори во Република Македонија (производители, извозници, увозници, шпедитери, транспортери) во меѓународниот синџир на снабдување се безбедни и сигурни и дека нивните царински контроли и процедури се ефикасни и усогласени.

Во таа насока, со активностите кои ги преземаме, очекуваме да оствариме целосна усогласеност на националното законодавство со законодавството на ЕУ, со што ќе придонесеме за интеграција во ЕУ, ќе ја зајакнеме положбата на Република Македонија во меѓународната заедница и соработката врз основа на меѓународните договори.

Во јуни 2018 година воспоставивме нов електронски систем за царинење на употребувани моторни возила, со што се елиминира човечкиот фактор преку избор на пониска или повисока вредност во зависност од видот на возилото, бензин или дизел. Оваа мерка покрај тоа што е антикоруптивна, придонесува и за зголемување на ефективноста при завршување на царинската постапка.

Значаен придонес во олеснувањето на работењето има и подобрувањето на системот за управување со ризик при увоз (насочени контроли), односно подобри резултати со помалку извршени контроли. Иако изгледа контрадикторно, со помал број на извршени физички и документарни контроли на стока во царинска постапка наплаќаме повеќе давачки:

-      За јуни бројот на декларации на кои се врши физички преглед на стоката е намален на помалку од 6% (само за споредба 25% пред 3 години), без да се намалат резултатите од направените контроли.

-      Подобрен систем за управување со ризици и обезбедување ефективни и ефикасни контроли (во изминатиот квартал на граничните премини откриени се обиди за избегнување на давачки во висина од 1.440.427 денари, додека вкупната вредност на запленета стока по разни основи изнесува 5.001.720,00 денари).

-      Бројот на откриени неправилности е зголемен за 14% (во вториот квартал на 2018 во однос на првиот квартал 2018).

Каква е вашата соработка со компаниите?

Танасоски:Сите се согласуваме дека е важно деловната заедница да биде информирана за спроведувањето на реформите за олеснување на трговијата, опфатени во Спогодбата на Светската трговска организација за олеснување на трговијата и утврдувањето на минималните барања што треба да се спроведат за да се зголеми ефикасноста на прекуграничните постапки.

Тука организирано делуваме преку Националниот комитет за олеснување на трговијата и Советодавното тело коевклучува бројни стопански комори. Се практикуваат и работилници со економски оператори и редовни средби како „отворен ден“ што редовно се свикуваат за разгледување и превентивно делување на евентуални проблеми.

Во рамките на летната програма веќе посетив неколку големи компании извозници, а планирам да посетам што е можно повеќе компании со цел подобро запознавање со работата на македонските компании.

Во областа на акцизи беа организирани серија состаноци. Одделно остваривме средби со производителите на тутунски производи, увозниците и производителите на алхохолни пијалоци, енергетските компании и производителите од индустријата за производство на пиво. Беа презентирани новите одредби од Предлог законот за акцизи и беа добиени забелешки, од кои еден дел веднаш беа имплементирани, а дел ќе се имплементираат во периодот што следи, преку донесување на правилници, насоки и упатства.

За акцизите, вон претходно споментатите состаноци, во рамки на активностите на посебна работна група која опфаќа претставници и од Царинската управа и од Министерството за финансии, а во соработка со подрачните единици на Министерството за земјоделство, во повеќе региони на државата одржани беа средби со земјоделците и потенцијалните мали производители на алкохолни пијалоци на кои се презентираа законските одредби што се однесуваат на мали производители на алкохолни пијалоци. И оттука произлегоа забелешки кои беа разгледани, прифатени и имплементирани за задоволување на нивните барања.

Важно е исто да споменеме дека царинските застапници и поголемите компании се вклучени во тестирање на новиот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи.

Што може да очекува бизнис заедницата во периодот што следи?

Танасоски:Царинската управа има големо значење во спроведувањето на политиките наВладатаи реализација на целите за национален развој. Таа често е првиот прозорецпреку кој надворешниот свет ја гледа земјата и затоа без добро обучена и ефикасна Царинска управа, не можат во целост да се остварат целите во поглед на заштита на општеството одголем број интернационални, економски и безбедносни закани.

Од неодамна, од Царинската управа, како и од многу други царински администрации ширум светот, беше побарано да ја преземе улогата на олеснувач на трговијата. За исполнување на оваа улога Царинската управа треба да усвои конкретни практики што треба да овозможат олеснување на трговијата и подобрување на царинските постапки. Овие подобрени практики, исто така, се усвоени од други земји и се развиени во рамките на Светската царинска организација (СЦО) и Светската трговска организација (СТО).

Современата Царина во економски поглед, претставува регулатор за заштита на домашното стопанство и услов за понатамошен развој на земјата. Освен што претставува значаен инструмент за заштита и развој на домашната економија, претставува и значаен извор на приходи во буџетот на државата. За да може да придонесе за целосна заштита и развој, Царинската управа постојано се стреми да се менува, дополнува и усовршува. Во континуитет се бараат и се воспоставуваат современи меѓународни решенија кои ги предвидуваат развиените земји, како и решенија кои се применуваат во меѓународните организации (ЕУ,СЦО,СТО и др.).

Во денешно време на брз развој на технологијата од големо значење е и користењето на најсовремена техника, технологија и компјутеризирано работење. Затоа, Царинската управа работи на дигитализирање на своето работење, односно се стреми да прерасне во Дигитална царина. Поимот на Дигитална царина претставува употреба на дигитални системи за собирање на царинските и увозните давачки, контрола на движењето на стоките, патниците, контрола на парите, како и заштита од прекуграничен криминал, вклучувајќи ја борбата против меѓународниот тероризам кој преставува глобална закана за целиот свет.

Најзначен чекор кој во блиска иднина ќе придонесе за речиси целосна дигитализација на царинското работење е воведувањето на Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД). Со овој систем треба да се поврзат сите постоечки дигитални системи во една интегрална целина и да се воведе електронска царинска декларација за сите царински постапки во увозот и извозот, како и електронско поднесување и обработка на акцизни документи. Исто така, со СОЦДАД ќе се обезбедат намалени трошоци за трговските трансакции, олеснето спроведување на договорите за слободна трговија, подобро управување и контрола. Ова меѓу другото ќе резултира и во поуспешна наплата на приходи, порационално искористување на ресурсите и поефикасна меѓународна трговска размена во која трговците електронски ќе разменуваат информации со Царината и останатите агенции учесници во царинската постапка.

Покрај ова, со поддршка од информатичка и комуникациска технологија, ќе се одржуваат постојните и ќе се воведуваат нови можности за олеснување и забрзување на царинските постапки и условите за нивно спроведување.

Често имаше поплаки од компаниите дека за банални прекршоци плаќаат големи казни. Направени ли се измени на ова поле?

Танасоски: Компаниите преку стопанските комори во повеќе наврати се жалеа дека царинските казни се високи и нереални и бараа нивно драстично намалување. Оти, казнената политика е така скроена да поттикнува корупција, укажуваа и бизнисмените. На ова се надоврзува податокот објавен во извештајот на Стопанската комора на Македонија, по анкетата за царинските и даночните формалности, спроведена од 27 март до 4 април годинава, дека во 2008 биле наплатени глоби за царински прекршоци во износ од 950 илјади евра а во 2016 дури 1,3 милиони евра.

Со измените на Царинскиот закон што стапија во сила од 11.08 оваа годинасевршинамалувањенаглобатаод 250 на 50 евразаправнолицеиод 50на 15 евразафизичколице.

Во врска со ова сакам да потврдам дека не станува збор за популизам, туку глобите за царинските прекршоци за кои е предвиден мандатен платен налог, односно за оние што можат да се платат на лицеместо се намалени за 75% во просек. Знам дека и како луѓе и како општество кое изминатите десет години беше буквално малтретирано со голиот популизам на еден висококорумпиран режим, најпрво реагираме со резерва и недоверба дури и на секоја позитивна промена. Но, во текот на целата измината година ние како Царинска управа на Република Македониjа, вложуваме максимални напори да ја смениме оваа негативна перцепција и да се заложиме за позитивни промени исклучиво во улога на сервис на граѓаните и општеството.

Не се намалија глобите за тешките прекршоци, туку за ситните грешки. За оние кои се случуваат во секојдневното работење на компаниите и шпедициите, каде нема намера за затајување. Во условната поделба на царинските прекршоци на тешки и лесни, кај оние 40-тина кои се водат како лесни, сега направивме градација во 4 групи. За најлесните, од типот на непријавена скината пломба, пропуштен рок или неуредна евиденција, наместо досегашните глоби од 250 евра за правно лице, 75 евра за одговорното лице во правното лице и 50 евра за физичко лице, сега компанијата плаќа 50 евра, одговорното лице 15 евра и физичкото лице 15 евра. Ова се прекршоци кои не предизвикуваат фискални ефекти, а со старата казнена политика за нив фирмите беа безмислосно глобени. По ново, само за овие глоби останува мандатниот платен налог, зашто нема што да се спори, и глобата треба да се плати во рок од 8 дена. Доколку, пак, фирмата направи грешка во тарифниот број или во потеклото на стоката кога ја пополнува царинската декларација, односно за неправилности кои имаат фискален ефект тогаш следи прекршочен платен налог. Ако го плати во рок од 8 дена, износот на глобата се преполовува, а ако смета дека не го сторил делото, фирмата може да поведе прекршочна постапка пред Комисија во Царината. Таму и двете страни, и фирмата и царината кажуваат аргументи. Ако фирмата е незадоволна и од овој исход, може да побара заштита од Управен суд. Ова е сосем поинаков приод, зашто досега сите овие прекршоци беа подведувани под мандатни казни, за кои немаше можност за натамошни жалби.

Измамите, криумчарењето и неплаќањето царина и натаму остануваат кривични дела. Целта на измените е подобрување на легислативата во насока на создавање правична и пропорционална примена на прекршочните одредби, соодветно на тежината на сторениот прекршок.

DSC_1384.jpgКакви се плановите и очекувањата на Царинската управа за 2018 година?

Танасоски:Плановите и очекувањата на Царинската управа се наведени во Стратегијата на Царинската управа за 2018-2020 година, каде имаме поставено цел дека Царинската управа треба да биде водечка царинска администрација во регионот што ќе дава силна поддршка на законската економија и која ќе биде целосно усогласена со стандардите на Европската унија. Нашата мисија е да ги заштитиме финансиските интереси и општеството, истовремено поддржувајќи го економскиот развој преку соработка, олеснување и модернизација.

Стратешките приоритети на ЦУРМ се во согласност со стратешките приоритети на Владата на Република Македонија и Министерството за финансии. Традиционално, најзначајна улога на Царинската управа е наплатата на увозни и други давачки и даноци. Подеднакво важна и растечка е улогата на царината во областа на безбедноста и сигурноста. Заштитата на здравјето и безбедноста на граѓаните и општеството останува висока на дневен ред. Царинската управа е на прва линија на одбрана против нелегални и забранети активности и таа и натаму ќе остане посветена на својата поширока општествена цел - обезбедување на одржлив економски раст преку зголемување на конкурентноста и инвестициите, подобрување на деловното опкружување и создавање еднакви можности за економски раст и развој на сите учесници во економските процеси. Ова ќе биде поддржано преку олеснување, едноставни и транспарентни процедури и во тесна соработка со бизнисот и трговијата.

Царинската управа е свесна дека подеднакво важни за постигнување на визијата е и модернизацијата на администрацијата која вклучува развој на ИТ и човечки ресурси, подобрување на условите за работа и одржување на високи стандарди за интегритет на своите вработени.Целите и мерките за спроведување на стратегијата се вградени во следните четири стратешки приоритети: олеснување на трговијата, заштита на општеството, наплата на приходи и заштита на финансиските интереси, како и модернизација на Царинската управа.

Во текот на 2018 година очекувам да продолжат активностите за модернизирање и подобрување на царинското работење, преку понатамошно забрзување и поедноставување на царинските постапките, намалување на времето потребно за извршување на царинските формалности, како во патничкиот, така и во стоковиот промет. Исто така, убеден сум дека ќе продолжи трендот на продлабочување и зајакнување на соработката со деловната заедница. Во секој случај, најголем предизвик ќе биде почетокот на преговорите за членство во Европската Унија, преку скрининг процесот, каде Царинската управа покрај поглавјето Царинска унија, ќе има важна улога во повеќе други поглавја, како што се правда и внатрешни работи, слободно движење на стоки, оданочување, заштита на права од интелектуална сопственост.

Страница 1 од 2