Собранието на Република Северна Македонија денеска во рамки на 106. седница ја почна расправата по Завршната сметка на Буџетот за 2018 година.

Во претпладневниот дел, расправата помина со низа реплики и контрареплики меѓу опозицијата и парламентарното мнозинство околу тоа колку фискалните политики во изминатата година се исправни.

Опозицијата обвини дека економијата е во слободен пат и се повеќе тоне и оти власта предводена од СДСМ е далеку од реализација на проекти кои се во насока на подобар животен стандард. Според опозицијата, нема реализација кај големите инфраструктурни проекти, проектот за минимална плата е промашен, а намалени се и капиталните инвестиции.

За парламентарното мнозинство, економијата се движи во вистинска насока. Има зголемување кај странските инвестиции и кај извозот, а минатата година зголемени се платите за пет проценти во четири области, а зголемување има и кај пензиите.

Според заменик-министерката за финансии Ширет Елези, фискалната политика во 2018 година се реализирала во рамки на планираните износи со Буџетот, односно реализацијата на приходите била во согласност со очекувањата, додека расходите се извршувале редовно и навремено. Вкупните приходи на Буџетот се реализирале на ниво од 97,9 проценти во однос на планираните, додека вкупните расходи се реализирале на ниво од 96,7 проценти од планираните.

Расправата по оваа точка од дневниот ред продолжува по редовната едночасовна пауза, а за дискусија се пријавени уште осум пратеници.

На почетокот на седницата беше верификуван мандатот на Арта Точи од Алијанса на Албанците која доаѓа на местото на пратеникот Весел Мемеди.

Пратениците одлучија по скратена постапка да се донесат седум законски решенија меѓу кои Предлог-измените на Законот за земјоделство и рурален развој, како и Предлог-измените на Деловникот за работа на Собранието согласно кои треба да се изврши усогласување на Деловникот за работа со Законот за употреба на јазиците. 

Според најновиот извештај на ДЗС во компјутерското програмирање, консултантските и сродните дејности во мај е исплатена просечна нето-плата во висина од 59.387 денари, додека вработените во заштитните и истражните дејности се најслабо платени во државата со просечна плата од 13.904 денари, која е за малку поголема од загарантираната минимална

Компјутерските програмери и во мај годинава ги земаа најголемите плати. Нивната професија дефинитивно стана најплатена во нашата држава. Според најновиот извештај на Државниот завод за статистика во компјутерското програмирање, консултантските и сродните дејности во мај е исплатена просечна нето-плата во висина од 59.387 денари. Просечната плата во овие дејности од почетокот на годинава е зголемена за околу 1.500 денари, но е намалена во однос на април годинава кога изнесуваше близу 61.000 денари.

Од друга страна, најмала плата во мај земале вработените во заштитните и истражните дејности. Нивниот просек за малку ја надминува загарантираната минимална плата во државата и изнесува 13.904 денари, а покачувањето од почетокот на годинава кај нив е само 120 денари. Со тоа разликата меѓу највисоката и најниската плата во државата се задржува на 4 : 1.

Листата на петте топ професии според платата, на чиј врв се компјутерските програмери во мај ја заокружуваат банкарите со просечна плата од 51.429 денари, воздухопловците со 47.935 денари, потоа фармацевтите, кај кои просекот е 45.514 денари и вработените во складирањето и помошните дејности со 41.372 денара. Со просечни плати помали од 40.000 денари надвор од петорката останаа вработените во енергетскиот сектор и во телекомуникациите, кои до пред некоја година беа во битката за најплатена професија во државата.

Листата на петте најслабо платени дејности продолжува со рибарството и аквакултурата со 15.071 денар просечна плата, кои инаку со години редовно беа на врвот на оваа неславна листа. Третото место го зазема производството на кожа со 15.336 денари, потоа доаѓа одржувањето на згради со 15.541 денар, а најслабо платената петорка ја заокружуваат дејностите за производство и служење храна со 16.129 денари, на кои зад петици со околу 100 денари повеќе им се производителите на облека.

Најновата статистика за платите покажува дека здравствената дејност не е многу ценета, зашто таму просечната исплатена нето-плата во мај е малку над 32.000 денари, а сосема неисплатливо е да се работи во ветеринарната дејност, зашто таму во просек се земаат помалку од 19.000 денари.

Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во мај годинава е за 3,1 процент поголема отколку во истиот месец лани и изнесува 25.270 денари.

-Ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Транспорт и складирање (10,0 %), Градежништво (7,4 %) и Дејности на здравствена и социјална заштита

(7,2 %). Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (16,5 %), Градежништво (3,9 %) и Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (3,6 %), наведува ДЗС во извештајот за просечната нето-плата во мај годинава.

Околу 21 отсто од бугарската економија е се уште во „сивиот“ сектор. Тоа го нагласи денеска Пламен Димитров, претседател на Конфедерацијата на независни синдикати на Бугарија.

Според него, во пари тоа значи дека се околу 23 милијарди лева годишно (11,5 милијарди евра). Податоците на Синдикатот укажуваат дека секторите со највисок дел во „сивата“ економија се сервиси за поправки на автомобили, градежништво, земјоделие и лесна индустрија. Димитров додаде дека недекларираниот труд во Бугарија е речиси 16 отсто при просек од 11,6 отсто во Европската унија. -Во земјоделието секој втор работи без договор, а во градежништвото делот на сивата економија е околу 40 отсто, изјави тој.


Бугарски синдикати: Околу 21 отсто од економијата е во „сивиот“ сектор

Владеење на правото и борба против корупцијата, зајакнување на економската дипломатија, демонстрирање проактивно лидерство, како и минимизирање на поларизацијата во општеството предизвикана од континуираните политички превирања се клучните приоритети на деловната заедница кои беа презентирани во Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) на првата работна средба на претседателот на државата д-р Стево Пендаровски со претседателот на ССК, г-ѓа Данела Арсовска, претседателството и членови на Управниот одбор.

Претседателот на Сојузот, Арсовска, на средбата ги посочи најважните структурни реформи кои треба да бидат приоритет за национална и економска перспектива, а врз кои свое влијание има и претседателот како институција.

Владеење на правото

Правната сигурност претставува основа за функционирање и развој на една држава и се спроведува преку независност на судство и борба со секој вид на коруптивно однесување. Владеење на правото е и основа за старт на преговори со ЕУ и услов број еден за инвестиции во земјата. Потребно е целосно реформирање на системот на правна држава и воспоставување на механизми за почитување на правниот систем, регулативата и ефикасна јавна администрација. За исполнување на наведеното време е државата да направи сериозен чекор, во борбата со корупцијата и криминално однесување за што поскоро приватниот и граѓанскиот сектор да ја вратат довербата во правната држава. За да се излезе од оваа состојба која директно влијае на стопанството и инвестициите, потребен е силен исчекор и заложба од страна на сите позиции и органи на власт, како и подготвеност да се справат со предизвиците.

Зајакнување на економската дипломатија

Успешно меѓународно претставување на земјата и привлекување на интересот за инвестиции, но и за пласирање на македонските производи на странските пазари, е од голема важност за економски развој на Македонија. Сојузот на стопански комори како резултат на заложбите на Претседателот на ССК за меѓународна афирмација има отворени врати за соработка со стопанските комори и деловни асоцијации од пет континенти. Заедничкото претставување во голем дел ќе влијае во остварување на економските цели на државата насочени кон зголемување на извозот, учество во работата на меѓународните организации и привлекување странски инвестиции. Суштинско е секоја меѓународна посета на Претседателот на државата да се искористи и за потенцирање на економските потенцијали, при што со бизнис делегации и директни средби да се работи на развој на меѓународни економски партнерства. Важно во делот на економската дипломатија е и лицата кои се кадровски решенија за поставување во допломатските претставништва да имаат вештини и желба да делуваат на промоција на Македонија како инвестициска дестинација, но и да служат како линк за деловната заедница во државата каде се поставени како дипломати. Дополнително, потребно е да се поттикне зголемувањето на надворешната трговија особено на извозот и негово поттикнување со оглед на тоа што 5% од вкупниот број активни трговски друштва во земјата се извозници.

Демонстрирање на проактивно лидерство

Деловната заедница очекува претседателот како институција да се справи со предизвиците со кои секојдневно се соочуваме. Сите најави за кризи или потенцијални проблеми  потребно е навремено да бидат адресирани како би се превенирала непотребна ескалација на состојбите и корекции откако ќе биде нанесена неповратна штета на приватниот сектор и граѓаните. Затоа е неопходна континуирана соработка врз основа на принцип на партнерство преку која политиките ќе се градат со цел севкупен национален развој. 

Минимизирање на поларизацијата во општеството предизвикана од континуираните политички превирања

Институциите ќе работат поефикасно доколку се посветат на минимизирање на поларизацијата  и на постигнување на политички консензус со сите чинители. Неопходно е во услови на кршлива економија да се зајакнат сите капацитети кои се во интерес на овозможување сигурен економски раст, а тоа значи минимизирање на дневно политичките несогласувања, изнаоѓање компромис за клучните прашања за националниот просперитет и посветување кон забрзан економски развој.  

Деловната заедница високо ги цени најавените заложби на Претседателот Пендаровски за нулта толеранција за непотизмот, корупцијата и криминалот, како и посветеност за економски развој на државата. Сојузот на стопански комори е отворен за соработка со сите институции на највисоко ниво за спроведување на овие значајни постулати за градење демократско општество. Единствено со унапредување на јавно-приватниот дијалог помеѓу највисоките носители на власта во државата и приватниот сектор и со континуирана дискусија може да очекуваме подобрување на состојбите на економски план.

Заклучок од сите неопходни приоритети е дека доброто владеење е важно бидејќи дисфункција на системот ја исцрпува довербата, го загрозува растот и ја нарушува можноста за напредок. 

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешната посета на општина Ранковце истакна дека патната и железничката инфраструктурата и изградбата на гасификацијата се приоритет број еден на Владата. Тоа го потврдува, вели Сугарески, и фактот што инвестираме преку милијарда евра во изградба на патишта, железница и гасоводот, истакна

Тој заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов и градоначалникот на општина Ранковце, Ивица Тошевски, извршија увид во реконструкција на регионалниот пат Ранковце-Крива Паланка.

„Денеска сме присутни да извршиме увид во реконструкција на овој патен правец Ранковце-Крива Паланка, кој е многу значаен за целиот овој регион. Инвестицијата е 2,6 милиони евра. Овде минува европскиот Коридор 8, за нас стратешки патен правец кој дополнително ќе не поврзе со соседите и ќе ни овозможи економски развој на земјата а посебно развој на економијата на овој регион. Она што е многу важно е дека максимално се работи на капиталните инвестиции насекаде низ државата. Генерално имаме преку 34 проценти реализација во патиштата, преку 48 отсто во гасоводот, во делот на комуналната сфера исто така има силен интензитет на реализација, така да реално очекувам во третиот и четвртиот кваратл да имаме силен скок на капиталните инвестиции“, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека во моментов се работи на преку 300 километри патна мрежа, а до крај на годината ќе се завршат преку 550 километри патна мрежа.

„Овој пат планираме да го завршиме и пред роковите односно до крај на годината. Исто така ќе го реконструираме и од правец од Куманово до Ранковце во должина до 30 километри. Првите 15 километри ќе се реализираат со средства од ИПА, останатите 15 километри ќе се тендерираат во месец август и со изградба ќе започнеме во месец септември. Со тоа целосно ќе го обновиме Коридорот 8. Сакам да нагласам дека во овој регион се работи на околу 120 киломтери патишта“ изјави Зоран Китанов, директорт на ЈП за државни патишта.

Според градоначалникот Тошевски, реконструкцијата на овој регионален пат е од особено значење посебно за регионалното поврзување со Бугарија.

Пулт „Мој ДДВ“ на кој граѓаните ќе може да се информираат за мерката поврат на ДДВ и за сите нејаснотии околу скенирањето на сметките ќе постави денеска Управата за јавни приходи (УЈП) во Веро 2 Тафталиџе во Скопје

Од УЈП информираат дека вакви пултови ќе се поставуваат и на други места во повеќе градови низ државата.

Мерката стартуваше од 1 јули, а според инфрмациите од УЈП граѓаните покажуваат интерес и ги скенираат сметките. Се зголемил доста и бројот на пријави од граѓани за објекти.

На 36 места во организациските единици на територија на целата држава се поставени и киоск апарати, баркод читачи и паметни мобилни телефони преку кои УЈП им овозможува на граѓаните да ги скенираат своите фискални сметки.

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во мај годинава изнесуваше 25 270 денари и е за 3,1 отсто поголема од мај 2018 година, соопшти Државниот завод за статистика.

Ваквото зголемување се должи, пред сè, на порастот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Транспорт и складирање (10.0 %), Градежништво (7.4 %) и Дејности на здравствена и социјална заштита (7.2 %).

Зголемување на просечната месечна нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Финансиски дејности и дејности на осигурување (16.5 %), Градежништво (3.9 %) и Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (3.6 %).

Повеќе

Сместувачките капацитети на охридско-струшката ривиера се исполнети. Во хотелите се бара место повеќе, а од викендов се очекува максимална исполнетост и на приватното сместување, информира претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески.

Според него, како што се доближува август и шпицот на туристичката сезона, се бара соба повеќе, како во хотелите, така и кај приватните станодавци. Тоа се забележува и по гужвите на патиштата и патарините. Најбројни гости и оваа сезона се Холанѓаните, а веднаш по нив се турските туристи застапени во кружните тури.

-Овој викенд имаме голема побарувачка од домашните гости. Добрите временски услови придонесоа голем интерес кај македонските граѓани да посетат еден од туристичките центри. Се очекува и приватните капацитети добро да се наполнат, изјави Блажески за МИА.

На ривиерата традиционално се застапени и гостите од соседството, но не во голем број. Причината за тоа угостителите ја гледаат во лошата патна инфраструктура.

-Реалната слика со патната инфраструктура ја гледаме како граѓани, а истото го гледаат и туристите. Поврзаноста со автопатишта на туристичките центри во други земји ги прави Охрид и Струга помалку атрактивни за соседите, вели Блажески.

Сликата со реконструкција на патиштата и застој во сообраќајот во екот на туристичката сезона се повторува и годинава.

-Реално, работиме по цела година и години наназад, но нема резултати. Тоа е исто како кога се спремаме за испит учам, учам ама на крај не можам да положам. Тоа се случува со инфраструктурата. Сите учиме заедно. Со политичките партии се критикуваме, даваме пофалби, но на крај го гледаме резултатот, не сме го положиле испитот. Тоа треба да ни послужи како пример за во иднина, посочува Блажески.

Освен богатата природа, езерото, историските локалитети, гостите ги привлекуваат и културните манифестации, како и забавите, кои се најактуелни на почетокот од август, а хотелиерите апелираат забавите да се дисперзираат, односно да не се прават сите во ист временски период. 

Италија на одредени делови од автопатиштата ќе дозволи зголемување на максималната дозволена брзина до 150 км/ч.

Ова е една од главните теми на кои се разговара изминативе недели во рамки на новитетите во прописите за движење на автопат.

Експертите ја разгледуваат можноста за едногодишен експеримент на одредени делови од автопатиштата низ земјата.

Идејата е да се тестира изводливоста и да се утврди дали е безбедно, а најверојатно ќе се воведува на патиштата со три коловозни ленти.

Министерот за сообраќај и инфраструктура Данило Тонинели првично се противеше на оваа идеја поради ризикот од несреќи предизвикани од преголема брзина, но се чини дека и тој го омекна ставот.

Максималната дозволена брзина на италијанските автопатишта сега изнесува 130 км/ч.

 

Европската комисија објави дека го казнува американскиот производител на чипови Qualcomm со 242 милиони евра, односно 1,27 проценти од прометот на компанијата во 2018 година.

ЕК наведува дека таква одлука донела поради “злоупотреба на доминантната позиција на пазарот на 3G чипсет” и продажба под производната цена.

Комесарот на Европската комисија за конкурентност на пазарот Маргарет Вестагер, навела во соопштението дека Qualcomm имал намера да го истисне од пазарот неговиот конкурент Ayser кој е во сопственост на Nvidia и со седиште во Велика Британија, со помош на својата пракса, ”нелегално спрема антимонополските закони на ЕУ”.

“Почетното однесување на Qualcomm спречи конкурентност и иновации на пазарот, и ограничувајќи го изборот на потрошувачите во тој сектор со огромна побарувачка и потенцијал за иновативни технологии”, истакнала Вестагер.

Според наодите на истрагата на Европската комисија, Qualcomm ја злоупотребил доминантната позиција на пазарот почнувајќи помеѓу средината на 2009 година и средината на 2011 година со продажба на некои од неговите UMTS чипсети на Huawei и ZTE испод цена со цел да се елиминира конкуренцијата.

Минатата година, производителот на чипови беше казнет со 997 милиони евра од ЕУ поради плаќање на Apple да користи само негови чипови за iPhone.

Согласно динамиката на раст, просечната плата до крајот на мандатот ќе биде 30.000 денари, вели вицепремиерот Анѓушев откако Статистика објави дека за месец мај пораснала за 3,1 отсто.

Државата, според Анѓушев, ќе продолжи да го стимулира стопанството да ги зболемува платите за да работниците да бидат задоволни. Со тоа ќе се намали и иселувањето на младите.

Страница 10 од 77