Дека македонските бизнисмени се заинтересирани за надградување на своите познавања од областа на електронската трговија, говори фактот дека првите карти за Втората конференција за е-трговија во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, пуштени во продажба по Super Early Bird цена, беа распродадени уште во првите 10 дена. Во моментов во продажба се пуштени Early Bird картите, кои исто така се во ограничени количини и со промотивна цена од 79 евра (+ДДВ).

Во фокусот на Втората годишна конференција за е-трговија на тема „Бизнис раст со е-трговија“, која ќе се одржи на 25 октомври во DoubleTree by Hilton, Скопје, ќе бидат актуелните маркетинг алатки за успешно водење на електронските продавници и техниките за стигнување до „новите потрошувачи“.

На конференцијата свои воведни обраќања во контекст на развојот на е-трговијата во земјата ќе имаат Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација, Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој и Ѓоко Танасoски, директор на Царинската управа.

Покрај висококвалитетната програма на конференцијата, дополнителен интерес поттикнуваат атрактивните говорници кои веќе го потврдија своето учество. Една од нив е Кендис Нот Бисек, која моментално работи во UNCAD при Обединетите Нации, водејќи ја иницијатива наречена „eTrade for Women“, која има за цел да го поттикне учеството на жените во дигиталното претприемништво во земјите во развој.

Маркетинг консултантот, Петер Месарек, кој има повеќе од 15 години искуство во онлајн маркетингот, со специфичен фокус на SEO и има неколку признанија за најдобар конференциски говорник, е уште еден од учесниците на настанот.

Причина плус зошто треба да се присуствува на конференцијата за е-трговија е и Рок Храстник, меѓународен e-Commerce Growth лидер со богата историја на развивање на бизниси за е-трговија во Европа, вклучувајќи ја Studio Moderna чиј бизнис за е-трговија е присутен на 22 пазари низ Централна и Источна Европа.

Oд домашните искусни говорници Огнен Огненовски, кој е еден од основачите на Таргет Груп – првата бонитетна куќа во државата со најголема приватна база на податоци и Сергеј Зафировски, основач и извршен менаџер на Инсајдер ИД – агенција за квантитативни бизнис истражувања и напредна бизнис аналитика, ќе имаме прилика да ја слушнеме ексклузивната анализа на тема „Колку тежи е-трговијата во Северна Македонија“.

Дополнително, Горјан Јовановски, кој е кај нас е познат како активист за чист воздух и креатор на апликацијата „МојВоздух“, ќе зборува за тоа како компаниите можат да ја зголемат е-продажбата со употреба на А/Б тестирање и ќе го сподели своето искуство од Booking.com каде работи како софтверски инженер и тим лидер.

Од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија ветуваат уште побогата програма со говорници кои дополнително ќе бидат најавени во месецот кој следи, а велат дека целата идеја за конференцијата е поттикната од потребата за раст на пазарот на е-трговија во земјата заснован на квалитет наспроти квантитет. Имено, според Народната Банка на Република Северна Македонија, во 2018-та година биле отворени 100 е-продавници, додека до крајот на оваа година се очекува да бидат отворени уште 150 нови. Дополнително, податоците говорат дека во текот на минатата година Македонците потрошиле 134 милиони евра за онлајн плаќања со платежни картички.

Конференцијата е поддржана од Mastercard како генерален партнер, Vip, Haselt и Halk Bank како златни спонзори, Sport M како сребрен спонзор и многу други партнери и поддржувачи.

Потпретседателите на Сојузот на стопански комори,  Драган Митковски  и Александар Милошевски, остварија средба со претседателот на Владата, Зоран Заев.

На средбата се разговараше за предвидените измени на Законот за вршење сметководствени работи, со цел поефикасно регулирање на сметководствената дејност и подигнување на кредибилитетот на Институтот за сметководители и овластени сметководители.

Изразена е заедничка определба за решавање на прашањата од интерес на сметководителите и овозможување транспарентно и одговорно работење. 

Потребни се низа мерки од страна на надлежните институции за подобрување на состојбите во фелата. Во пракса постои една крајна неизбалансираност измеѓу наметнатите обврски на професијата кои делумно потекнуваат директно од одредени законски решенија, а делумно од практичната примена на законски одредби и правата кои професијата ги има и заштитата која ја добива од оние кои се најголеми корисници на податоците од сметководствените извештаи.  Потребно е да се постигне баланс меѓу правата и обврските на сметководителите. Сите институции кои се крајни корисници на извештаи кои очекуваат да ги добијат од сметководителите мора да ја препознаат важноста на професијата и заедно да работат на нејзина заштита и издигнување.

Слободниот пазар на струја целосно ќе профункционира дури кога ќе се преполови цената на регионалниот пазар. Дури тогаш на граѓаните ќе им се исплати да излезат на либерализираниот пазар и самите да купуваат струја, а не да чекаат на универзалниот снабдувач. Од регулаторната комисија за енергетика не наведуваат дали или кога тоа ќе се случи. Дури кога ќе се создадат услови, снабдувачите ќе почнеле да им нудат поволни пакети на домаќинствата. Цената во моментов изнесува 65 евра за мегават час или околу 4 денари за киловат час.

„Кога на цената од четири денари за киловат час ќе се додаде трошокот за мрежарина, дистрибуција и пренос, кој е фиксен и изнесува околу два денара, вкупниот трошок би бил приближно шест денари за киловат час. Во овој момент цената која ја плаќаат домаќинствата на регулираниот пазар е 4,5 до 4,6 денари за киловат час, а за да им биде исплатливо да излезат на слободниот пазар цената на регионалниот пазар треба да биде околу 2,5 денари за киловат час“ – рече Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Засега, излезот на слободниот пазар е исплатлив за големите и се повеќе за малите фирми. Вкупните трошоци на помалите потрошувачи сега се пониски за над 30%. Регулаторната комисија за енергетика ја намали цената за приклучок на струја на објектите на домаќинствата изградени на локации за кои нема детални урбанистички планови од над 3 илјади евра на 400 евра. Комисијата апелира до општините да бидат поажурни и да донесат ДУП-ови. Најголеми вакви проблеми има во западниот дел од земјава.

„Тоа значи дека и во оние општини каде од разни причини советите не донеле соодветна планска документација, што беше предуслов за да се стекне некој со правото за „стандарден приклучок“, ќе може да се стекнат со таков статус новите корисници кои ќе се приклучуваат на мрежата доколку се утврди дека има изградено повеќе куќи и има повеќе потенцијални баратели. Со тоа нема повеќе да влегуваат во категоријата „нестандардни приклучоци“ и да добиваат трошок за приклучување од три, четири, пет, па и шест илјади евра во зависност од побараната едновремена моќност, оддалеченоста од мрежата и од реалните трошоци на операторот на дистрибутивниот систем, туку ќе плаќаат 400 евра за приклучок на мрежата. Има општини што немаат донесено соодветна планска документација и детални урбанистички планови, а од увидот што го вршиме на терен, кога добиваме жалби, гледаме дека веќе се изградени куќи. Сметаме дека таму нема проблем операторот на дистрибутивниот систем да си ја планира својата мрежа, бидејќи ги гледа новите потрошувачи. Нема потреба да бидат оштетени овие категории на граѓани и да плаќаат високи трошоци за нестандардни приклучоци, туку треба да влезат во категоријата стандарден приклучок“ – рече Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Инаку, пред еден месец, РКЕ донесе одлука цената на струјата која граѓаните од јули и ја плаќаат на новата компанија ЕВН Хоум да не се менува. Државните електрани понудија целосно да ги задоволат потребите на домаќинствата по цена од 34 евра за мегаватчас, што е за 15% поевтино од лани.

Најновата ревизија на Светската трговска организација покажува дека нашата економија е на добар пат, а владините политики даваат резултат, изјави денеска премиерот Зоран Заев на прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши и додаде дека БДП е зголемен за над 40 отсто, има позитивен раст на платите, намалена невработеност, вратена доверба кај инвеститорите и зголемени вложувања.

Премиерот најави и нов инвестициски циклус од пет милијарди евра.

„Создадовме реална, силна економија. Направивме се за да ја оттргнеме економијата од бизнисот. Ревизијата на СТО е уште еден доказ дека економските политики на Владата даваат резултат. Оваа, 2019, навистина ќе биде година на економијата“, рече Заев.

Нови четири авиодестинации се достапни за граѓаните од земјава од аеродромите во Скопје и Охрид, а кои ќе бидат оперирани од нискобуџетната компанија „Визер“.

Од 1 август се воведуваат летови од Скопје до Турку, Финска и Ларнака, Кипар, а од Охрид до Меминген и Дортмунд во Германија.

Покрај новите четири дестинации на 1 август ќе биде промовирано и поставувањето на петтиот воздухоплов на базата на „Визер“ во Скопје.

„Визер“ од двата аеродрома во земјава опслужува околу 40 дестинации.

Понеделник, 29 Јули 2019 12:13

AT&T е гигантот со најголем долг

Во првите три месеци од 2019 година вкупно јавниот долг на САД достигна рекордни 70 илјади милијарди. Од нив, сума од 9 илјади милијарди се вкупните долгови на нефинансиски компании.

Од онлајн платформата HowMuch објавија кои корпорации во економијата број еден во светот имаат најголеми долгови.

Според податоци на 27/7Wall Street три од петте компании во тој список се со долгови над 100 милијарди долари, и се во сферата на телекомукациите.

На прво место со најдолгорочен долг е гигантот АТ&Т кои лани го купија Тајм Ворнер. Нивните долгови се 166,3 милијарди долари.

На второ место се телекомуникациските компании Комкаст и Верајзон со 107,3 и 105,9 милијарди долари. Во првите пет се автомобилски производител и индустриски лидер. Станува збор за Форд Мотор и Џенерал електрик кои имаат долгови соодветно – 100,7 и 95,2 милијарди долари. Најголеми должници во технолошкиот сектор се Епл, Мајкрософт и Оракл со 93,7, 72,2 милијарди долари и 51,7 милијарди долари.

„Алкалоид“ книжи одлични резултати во првото полугодие. Има раст на добивката, инвестициите и вработувањата.

Добвиката која ја прокнижи најголемата македонска фармацевтска комапнија во државата од јануари – јуни добивката  пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 846.016.625 денари и таа бележи раст од 21 отсто, додека единечната нето добивка изнесува 476.943.692 денари и истата е зголемена за 19%.

Европската унија за дури 367 проценти или речиси пет пати повеќе го зголеми увозот на течен природен гас (LNG) од САД во изминативе година дена.

Така значајниот пораст на увозот на американски гас започна со склучувањето на новиот договор за соработка помеѓу ЕУ и САД.

Ова зголемување на увозот на гас од САД исто така се совпаѓа и со европските цели за диверзификација на увозот на енергенси, но и со зголемување на (главно американскиот) притисокот на проектот за гасоводот Северен поток 2 кој до Германија и Западна Европа ќе донесе нови количини на природен гас од Русија.

Меѓународниот аеродром во Скопје во изминатава деценија бележи раст на поврзаноста со останатите аеродроми во светот од 119,1 отсто, покажуваат податоците на Меѓународниот совет на аеродроми (АЦИ).

Како што објави специјализираниот портал за авиосообраќај exyuaviation.com, со ваквиот раст скопскиот аеродром е рангиран на второто место меѓу аеродромите во главните градови на поранешните југословенски републики, зад Подгорица, која бележи раст во периодот 2019 – 2009 од 284,8 отсто.

По Подгорица и Скопје, следува аеродромот во Сараево со децениски раст на поврзаноста од 109,3 проценти, пред Белград со 77,7 отсто, Загреб со 73,4 проценти и Љубљана со 20,4 отсто.

Од сите 15 аеродроми во државите од поранешна Југославија вклучени на листата, најголем раст на поврзаноста има Ниш со 1.134,2 отсто, пред Осијек со 926,7 проценти, Пула со 479,4, Тиват со 352,7 и Задар со 341,2 отсто.

Аеродромот во Охрид е шести на листата со раст на поврзаноста во последнава деценија од 289 проценти.

На листата не е вклучен аеродромот во Приштина.

Кога станува збор за воздушната поврзаност во земјите од поранешна Југославија со светот, податоците на АЦИ покажуваат дека тие се меѓу најслабо поврзаните држави со авиолинии во Европа.

Од вкупно 43-те европски држави рангирани на листата на АЦИ, Босна и Херцеговина е на последното место, Северна Македонија е 40-та, Словенија 39-та, Црна Гора 36-та, Србија 28-ма, а Хрватска 22-ра.

Во делот за Северна Македонија се посочува дека земјата во последнава декада бележи значителен пораст на бројот на патници, на што во голема мерка влијаеле линиите на „Виз Ер“.

Инаку, лидер на листата на најдобра авиоповрзаност меѓу земјите од Европа е Шпанија, пред Германија, Велика Британија, Франција и Турција.

Pfizer Inc. преговара за спојување на својот патентиран бизнис со лекраства со Mylan NV, објави Ројтерс. Ова е берзански договор во кој акционерите на Mylan ќе добијат нешто над 40% од новосоздадената компанија, а акционерите на Pfizer – 60%.

Pfizer, исто така, ќе добие околу 12 милијарди долари од долгот.

Минатата година, Pfizer рече дека планира да се реорганизира во три одделни компании, делејќи ги своите бизниси со здравствените потрошувачи.

Реструктуирањето ќе и овозможи на компанијата подобро да го процени својот бизнис, а тоа може да доведе до продажба или одвојување на непатентираниот бизнис со лекови, велат аналитичарите на Вол Стрит.

Јавно – приватниот дијалог за реформите на јавната администрација е во тек, со крајна цел подигнување на квалитетот на работењето на администрацијата, зголемување на нејзината ефикасност и ефективност како професионален сервис кој треба да биде во функција на потребите на приватниот сектор и на граѓаните.

Деновиве се погласно се зборува за идната имплементација на моделот за премин на вработените од јавната администрација во приватниот сектор, кој е најавуван од страна на Министерството за информатичко општество и администрација. Овој процес за кој е неопходна сеопфатна анализа и сериозни преговори, го отпочна ресорното министерство, кое во изминатата година покажа подготвеност за  дијалог и соработка  со деловната заедница, земајќи го предвид интегрирањето на дел од нашите забелешки за измени на законски решенија во негова надлежност. 

Она што е предмет на дискусија во последно време и на кое треба да се посвети големо внимание, е најавата за трансфер на службеници од јавен во приватен сектор, лица за кои ќе се оцени дека нема повеќе потреба во јавната администрација. Се поставува прашањето како ќе се прецизираат критериумите за овие лица, дали анализите кои се прават прецизно ќе утврдат какво образование и вештини поседуваат, како би биле атрактивни за премин во приватниот сектор. Приватниот сектор со оглед на континуираниот одлив на квалификувана работна сила со кој се соочува, активно бара на пазарот на труд лица со дефицитарни и специфични занимања, пред се од техничките и строго специјализирани струки.

Се отвораат важни прашања, како ќе се одвива самиот процес во моделот на премин од јавен сектор во приватен,  кој за прв пат ќе се применува во земјава, дали ќе биде овозможена извесна доквалификација или преквалификацијата на овие кадри и кој ќе го изврши истото, колку време би траел тој процес на адаптација за ново работно место и кој би бил очекуваниот степен на продуктивност по преквалификација за оние работни места за кои приватниот сектор има потреба. 

Предизвиците кои ќе треба да се надминат во овој процес се бројни, како мислењето особено на младата популација за високиот степен на атрактивност за вработување во јавната администрација, општото мнение дека работата во јавниот сектор нуди поголема сигурност, но и дека помалку труд се вложува за разлика од приватниот сектор.  Воедно согласно анализите, со исклучок на одредени сектори како ИТ и енергетскиотсектор, платите во јавната администрација се во просек повисоки во споредба со платите во приватниот сектор, што креира дисторзија во перцепцијата за атрактивност на работните позиции. Затоа можеби и треба да се запрашаме дали ќе успее моделот од аспект на тоа дали вработените од јавната администрација воопшто ќе сакаат да преминат во приватниот сектор. Тука клучна улога ќе имаат и синдикатите кои ги застапуваат правата на работниците од управата, со кои е потребно темелно да се разговара за тоа кои се нивните ставови по овие важни прашања кои се отвораат. 

Очекувањата се во следниот период отворено да се дискутира по овие точки особено откако ќе се види анализата и предлог моделот на Министерството за информатичко општество и администрација,  по што одговори ќе има на голем број  дилеми кои се отворија во изминатиот квартал. 

Обезбедување ефикасна и ефективна администрација е барање на приватниот сектор, кој континуирано бара спроведување на неопходните структурни реформи, чие отпочнување и реализација е приоритет за идна интеграција во Европската Унија. За сите мерки независно од чија страна се предложени, потребно е да се демонстрира волја и слух за потребите на засегнатите страни во процесот, во спротивно сигурно нема да се постигне посакуваниот епилог. Економија  со здрави темели, пазарно ориентирана, со конкурентен приватен сектор кој ќе биде високо продуктивен и ќе генерира нови и повисоко платени работни позиции, треба да биде крајната цел на овој процес. 

Страница 7 од 77