Водечкиот светски производител на нафта во криза: Добивката му падна за 12 проценти

Понеделник, 12 Август 2019 11:32 Напишано од  Објавено во СВЕТ

Компанијата Saudi Aramco, водечкиот светски производител на нафта, во првата половина на 2019 година објави нето добивка од 46,9 милијарди долари.

Тоа е намалување за 12 проценти од 53,02 милијарди американски долари остварени во истиот период претходната година.

За споредба, американскиот Apple, најпрофитабилната компанија која котира на берза, заработи 31,5 милијарди долари во првите шест месеци од својата финансиска година.

Aramco објави дека вкупните приходи, вклучително и другите приходи од продажби, изнесувале 163,88 милијарди американски долари во првото полугодие во однос на 167,68 милијарди долари минатата година, управувани од пониските цени на нафтата и намалувањето на производството, објави Reuters.

Саудискиот нафтен гигант во извештајот делумно го припишува намалувањето на нето добивката на пад од четири проценти поради просечната остварена цена на сировата нафта во првите шест месеци во однос на истиот период во 2018 година, од 69 на 66 долари за барел.

Претседателот и директор на Aramco, Амин Насер, изјави дека компанијата продолжува со реализацијата на својата ”стратегија за зголемување на преработката“ преку аквизиции како на домашен, така и на меѓународен пазар.