Регионална конференција за зелена економија во Ташкент

Понеделник, 08 Јули 2019 13:03 Напишано од  Објавено во СВЕТ

Во главниот град на Узбекистан, Ташкент, денеска почна Регионална конференција за зелена економија на која учествуваат претставници на разни меѓународни, владини и невладини оргнизации од Европа и Централна и Источна Азија.

Конференцијата, која ќе трае три дена, е во организација на Обединетите Нации и Светската организација за зелена економија (WGEO).

Главната цел на конференцијата е размена на искуства, мислења и експертски ставови со цел учесниците во иднина да ги збогатат своите знаења за трендовите и можностите за исполнување на агендата за Зелена економија во Европа и Централна и Источна Азија.

Регионалната конференција, исто така, е можност за поврзување на сите експерти и други официјални претставници кои работат на прашањата поврзани со животната средина и зелената економија. Собирот претставува и платформа за спојување на оние кои бараат решенија и експерти, организации и компании кои нудат решенија и експертиза во врска со зелената економија.