Канада најави забрана за пластични производи за еднократна употреба

Вторник, 11 Јуни 2019 11:15 Напишано од  Објавено во СВЕТ

Заштитниците на животната средина алармираат од зголемувањето на пластичниот отпад во светските мориња. Како земја со најдолго крајбрежје во светот Канада сега најави мерки против тоа.

Загадувањето на животната средина со пластичен отпад е глобална „чума“, рече канадскиот премиер Џастин Трудо. Затоа, неговата земја ќе издаде забрана за пластика за еднократна употреба во 2021 година, објави тој.

Според шефот на канадската владата, со научна поддршка, навремено треба да биде составена прецизна листа на производи што треба да се забранат. Меѓу нив, најверојатно, ќе се најдат пластичните сламки, кеси, чинии и прибори за јадење.

Секоја година, на еден милион птици и повеќе од 100.000 морски цицачи им е загрозено здравјето или умираат поради пластиката, рече Трудо. „Да бидам искрен, како татко, имам проблеми да им го објаснам тоа на моите деца". Тој, исто така, смета дека е тешко да се објасни како пластиката можела да стигне во најдлабоките јами на Тихиот Океан и како на крајбрежјата испливуваат китови чии стомаци беа затнати со пластичен отпад.