Авиокомпаниите очекуваат пониски профити поради трговската војна

Понеделник, 03 Јуни 2019 13:49 Напишано од  Објавено во СВЕТ

Зголемените тенезии во американско-кинескиот трговски конфликт и растечките цени на горива ќе продолжат да го поткопуваат профитот на авиокомпаниите во оваа година, соопшти Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА – IATA).

Предупредувањето беше дадено на годишниот состанок на светските авиокомпании во Сеул. Здружението ја намали прогнозата за вкупната нето добивка на авиокомпаниите во оваа година до 28 милијарди долари во однос на 35,5 милијарди долари, колку што се очекуваше во декември.

Мрачната прогноза е мотивирана со растечките трошоци, вклучувајќи ги трошоците за работна сила, гориво и инфраструктура, посочи „ИАТА“, додавајќи дека влошената трговска војна меѓу двете светски сили исто така е пречка. Слабеењето на глобалната трговија најверојатно ќе продолжи во позадината на пожестока трговска војна меѓу САД и Кина, рече шефот на здружението на организацијата Александар де Жуниак.