Кинезите ја добиваат трговската војна: Во што се подобри од САД?

Петок, 12 Април 2019 12:45 Напишано од  Објавено во СВЕТ

Кинескиот извоз се опорави во март, но увозот е во пад четврт месец по ред.

Ова го покажуваат објавените податоци на кинеските царински служби.

Извозот во март е зголемен за 14,2 отсто на годишно ниво на 198,7 милијарди долари, што е најсилен раст во пет месеци и опоравување во однос на февруарскиот пад од 20,8 проценти, пренесе Ројтерс од официјални податоци.

Истовремено, увозот паднал за 7,6 отсто, на 166 милијарди долари, после февруарскиот пад од 5,2 отсто. 

Тоа значи дека трговскиот суфицит на Кина во март изнесувал 32,64 милијарди долари, според пресметките на Ројтерс базирани на официјални податоци.

Во првото тримесечие, кинескиот извоз пораснал за 1,4 отсто на годишно ниво, додека увозот е намален за 4,8 проценти.

Суфицитот на Кина во трговијата со САД, кој веќе подолго време предизвикува бес кај американскиот претседател Доналд Трамп, порснал во март во однос на февруари за скоро 40 отсто, на 20,5 милијарди долари, додека во првото тримесечие достигнал 62,66 милијарди долари.