Светска банка: Во Западен Балкан се отвораат помалку работни места иако економиите растат

Вторник, 19 Март 2019 15:10 Напишано од  Објавено во СВЕТ

Во периодот од второто тримесечје на 2017 година до второто тримесечје на 2018 година создадени се околу 68.000 нови работни места во споредба со 231.000 една година порано. За разлика од тоа, растот на БДП во регионот се зголеми од 2,5 проценти во 2017 година на 3,9 проценти во 2018 година, се констатира извештајот „Трендови на пазарот на трудот во Западен Балкан во 2019 година“, промовиран денеска од страна на Светска банка и Виенскиот институт за меѓународни економски студии (wiiw).

Албанија и Црна Гора покажале најголем раст на бројот на работните места во регионот, од по 3,3 проценти, по кои следи Северна Македонија со зголемување од 2,1 проценти.

– Најмногу работни места се отворени во индустријата и услугите. Жените и понатаму се недоволно застапени на пазарите на трудот во Западен Балкан, но сепак повеќе од половината од зголемувањето на вработувањето им оди токму ним во прилог. Во просек, регионалните пазари на трудот забележаа зголемување на стапките на активност (зголемување за 0,5 процентни поени и достигнување до 62,8 проценти) и стапките на вработеност (зголемување за 1 процентен поен и достигнување до 52,9 проценти), но и понатаму се далеку под европските стандарди – констатираат Светска банка и Виенскиот институт.

 

Според извештајот, невработеноста достигна историски најниско ниво во најголем дел од земјите на Западен Балкан, односно се намали од 16,2 проценти на 15,3 проценти во текот на минатата година.

– Стапките во земјите се движат од околу 12 проценти во Србија и Албанија до 29 проценти во Косово. Регионот исто така бележи значително намалување на долгорочната невработеност, од најмногу 1,5 милиони луѓе во 2011 на 776.0000 луѓе во второто тримесечје на 2018 година. Сепак невработеноста и понатаму претставува значителен предизвик во Западен Балкан, каде што нивоата беа се два до три пати повисоки во споредба со слични земји во ЕУ – заклучува Светска банка.

Во извештајот се забележува дека неформалното вработување, еден од главните предизвици на пазарите на трудот во Западен Балкан и понатаму се зголемува во Албанија и Северна Македонија, но се намалува во Србија. Младите мажи, постарите жени и работниците со помало ниво на образование поверојатно е дека работеле на неформални работни места во 2018 година.

– Зголемувањето на успешноста на пазарот на трудот е охрабрувачко, но трендот на забавување предизвикува одредена загриженост вели Линда Ван Гелдер, директор на Светска банка за Западен Балкан.

Таа додава дека и понатаму е потребен посилен приватен сектор кој генерира соодветни работни места и јавни политики кои ги подобруваат можностите за вработување на работната сила за да се одржи успешноста на пазарот на трудот во иднина.

И покрај тешката положба на пазарот на трудот, состојбата со вработувањето на младите и понатаму се подобрува, со тоа што стапката на невработеност кај младите се намали за 3 процентни поени и достигна ниво од 34,6 проценти.

Најголем дел беа долгорочно невработени, од 70 проценти во Босна и Херцеговина до 43 проценти во Црна Гора. Во просек, 50 проценти од младите работат врз основа на договор на одредени време, односно 8 од 10 млади вработени во Косово и Црна Гора. Иако се намалува, уделот на младите (15-24 години) кои не се во работен однос, во образование односно на обука (НЕЕТ) и понатаму е висок и изнесува 22,3 проценти. Стапки под просечните се забележани во Црна Гора и Србија (околу 17 проценти) во споредба со другите земји на Западен Балкан (каде стапките се движат од 24 до 26 проценти).

Платите и трошоците на трудот се значително пониски во Западен Балкан, во споредба со ЕУ и не се забележува јасно приближување во изминатите години.

– Освен позитивниот импулс во развојот на вработувањето кој полека исчезнува, трендовите на раст на продуктивноста и платите се загрижувачки и творците на политиките треба да се справат со нив за да се подобри како приближувањето така и вработеноста – заклучи Роберт Штерер, директор за наука на Виенскиот институт за меѓународно економски студии.

Во извештајот се наведува дека оданочувањето приходите од трудот во Западен Балкан е споредливо високо за луѓе со ниски примања и вработени кои издржуваат други лица, со оглед на нискиот степен на прогресивност и не многу честото користење на одбитоците за семејство во режимите на данокот на приход. Луѓето со ниски примања се во особено неповолна положба на формалниот пазар на трудот во смисла на нивната нето плата и релативно високите трошоци за нивно вработување во споредба со луѓето со средни односно високи примања.

Овие неповолности уште повеќе ги демотивираат луѓето да работат на формални работни места односно фирмите да создаваат повеќе работни места, особено кога станува збор за работници со ниско ниво на образование односно со ниски примања. Спроведување на широка реформа на целокупниот систем на оданочување на трудот можеби е патот кој најмногу ветува во смисла на ревитализацијата на пазарите на трудот во Западен Балкан.