Австриските трговци против “Амазон”

Понеделник, 11 Март 2019 12:04 Напишано од  Објавено во СВЕТ

Австриската агенција за заштита на конкуренцијата објави дека започнала постапка против американскиот онлајн гигант “Амазон”.

Агенцијата ја започна постапката за утврдување дали оваа компанија ја злоупотребува доминантната позиција на пазарот со цел да обезбеди предност над домашните трговци.

Во анти-монополската агенција изјавија дека истрагата започнала по жалбите кои пристигнале во декември на сметка на “Амазон”, каде се наведуваат “нефер трговски практики со кои трговецот се служи”. “Амазон” е осомничен дека ги дискриминира другите трговци и ги фаворизира своите производи”, објави агенцијата.

Австриските трговци, меѓу другото, се жалат дека американската компанија одеднаш и без некоја очигледна причина ги блокира сметките на продавачите.Инаку, тие му замеруваат на конкурентот дека во договорите воведе клаузула за судска надлежност, што прави тешко да се преземат правни мерки против “Амазон”.

“Дигиталниот свет не е правен вакум. Компании кои работат на глобално ниво мора да се усогласат со соодветните австриски закони и прописи”, рече претставник на анти-монополската агенција Теодор Танер, додавајќи дека истрагата против “Амазон”, e спроведена во соработка со Германскиот регулатор кој во ноември минатата година започна слична постапка против американскиот онлајн трговец.