Coca-Cola очекува приходите од продажбa да забават во 2019-та

Петок, 15 Февруари 2019 15:14 Напишано од  Објавено во СВЕТ

Американската компанија за безалкохолни пијалоци „Coca-Cola“ објави повисоки од очекуваните приходи за последниот квартал, потпомогнати од побарувачката на чај, кафе, вода и спортски пијалаци, но компанијата сепак очекува нејзината продажба да успори во оваа година, пишува „Wall Street Journal“.

Како резултат на тоа, акциите на „Coca-Cola“ се намалија за 8,4%.

Компанијата изјави дека органските приходи кои не ги вклучуваат девизните флуктуации, стекнувањата и продажба на средства, најверојатно ќе се зголемат за околу 4 отсто во 2019-та година во споредба со растот од 5% во минатата година.

Главниот извршен директор Џејмс Квинси изјави дека компанијата ги променила очекувањата откако забележала забавување на пазарите во развој и развиените пазари на крајот на 2018-та година. „Сметаме дека имаме добар план, добра динамика, но сме реалисти и внимателни за глобалната прогноза“, коментираше тој во едно интервју.

Органските приходи пораснале за 5% во четвртиот квартал во однос на една година претходно, потпомогнати од најдобрата продажба на „Coca-Cola Zero Sugar“ и ниско или безкалоричните верзии на „Sprite“ и „Fanta“. Продадените количини го задржаа нивото.

Обемот на продажбата на кафе и чај скокна за 3% во кварталот благодарение на растот на „Fuze Tea“ во Европа и на новата линија подготвени за конзумирање кафиња во Јапонија. Водата и спортските пијалаци се зголемија за 1 отсто. Кај газираните пијалоци има пад од 1%, додека за овошните сокови, млечните и билните пијалаци падот е 2%.

Во кварталот обемот на продадените газирани пијалаци во Северна Америка е намален за 1% поради зголемените цени покрај поголемата побарувачка на „Coca-Cola Zero Sugar“ и „Sprite“. Компанијата се фокусира на поголеми маржи наместо на обемот.

Продажбата на газирани пијалаци опадна во поголемиот дел од последната деценија, додека потрошувачите се повеќе се фокусираат на флаширана вода и други ароматични пијалаци.

Нето приходите на „Coca-Cola“ се намалени за 6% до 7,1 милијарди долари во кварталот на годишна база, како резултат на влијанието на странските валути и други фактори. Аналитичарите очекуваа приходи од 7,03 милијарди долари.

Компанијата со седиште во Атланта забележа профит од 870 милиони долари, или 20 центи по акција, за кварталот во споредба со загубата од 2,75 милијарди долари, или 66 центи по акција, пред една година. На приспособена база „Coca-Cola“ заработи по 43 центи по акција во согласност со очекувањата на аналитичарите.

„Coca-Cola“ прогнозира дека коригираната годишна добивка да опадне за 1% или ќе се зголеми за 1%.