Airbnb се соочува со рекордна казна во Париз

Понеделник, 11 Февруари 2019 12:55 Напишано од  Објавено во СВЕТ

Париз ја тужи компанијата за изнајмување на приватни резиденции „Airbnb“ за објавување на 1.000 нелегални реклами на имот, што може да ја чини компанијата повеќе од 12,5 милиони евра (14 милиони долари), изјави градоначалникот на Париз, Ан Идалго во интервју за „Ројтерс“.

Според францускиот закон, сопствениците на домови во Париз можат да го изнајмат својот имот за краткорочно изнајмувања до 120 дена во годината. Рекламите мора да вклучуваат регистарски број за да им помогнат на властите да проверуваат дали изнајмувањата се подолги.

Нелегалното туристичко сместување води до повисоки кирии и предизвикува проблеми за жителите. „Доста! Решив да барам одговорност од овие сајтови “, напиша на „Твитер“, Ан Идалго.

Таа ја обвини компанијата за вклучување на 1.000 нерегистрирани апартмани на својата веб-страница, за секој од нив следи парична казна од 12.500 евра.

„Airbnb“ ги негираше обвинувањата и рече дека сопствениците на имот во Париз се свесни за процесот на регистрација. „Сметаме дека сепак правилата во Париз, кои влијаат на секој петти парижанин, се неефикасни, несоодветни и во спротивност со европските одредби“, објави компанијата во соопштение.

Идалго ја определува казната како „рекордна“ и вели: „Немам ништо против жителите да ги изнајмуваат живеалишта неколку дена во годината, за да врзат крај со крај“.

Проблематични се сопственици кои ги издаваат домовите, без да се регистрираат, рече таа, нарекувајќи ги платформите како „Airbnb“ како „соучесници“ во овој процес.

Во април 2018-та година, Париз ја презеде правна постапка против „Airbnb“ и „Wimdu“ платформата за објавување реклами без регистарски број. Неколку градови во светот изразија загриженост дека „Airbnb“ стои како нечесен конкурент на хотелите и може да претвори некои населби во стерилни, чисто туристички зони.

Франција е втор по големина пазар на компанијата по САД. Париз е еден од најпосетените градови во светот и е најголемиот единствен пазар за компанијата со околу 65.000 домови.