Монсун во Индија: досега 164 загинати

Петок, 17 Август 2018 12:30 Напишано од  Објавено во СВЕТ

Бројот на загинати во поплавите во индиската држава Керала предизвикани од поројните монсунски дождови се искачи на 164. Повеќе од 200 илјади жители мораа да ги напуштат своите домови.

Стотици луѓе останаа заробени во покривите на своите куќи поради незапамтените поплави во јужната индиска држава Керала, а спасувачите ги евакуираат со хеликоптери и со чамци.

Во поплавите, кои од 8 август ги предизвикуваат силни монсунски дождови во Керала, според последните официјални информации загинаа 164 лица.

Откако денеска дождот престана да паѓа, илјадници спасувачи започнаа со итна операција за префрлање на заробените граѓани во околу 1.200 прифатни центри во кои засолниште најдоа над 200.000 луѓе .

Монсунските дождови во претходните 8 дена доведоа до поплави, одрони на земјиштето, уривање на куќи и мостови, и пореметување на воздушниот и железничкиот сообраќај во Керала.

Од монсунските дождови секоја година страдаат стотици луѓе во Индија. Сезоната на монсуните трае од јуни до септември.

Керала е популарна туристичка дестинација со прекрасни пејсажи, водопади и преубави плажи.