Што се може да купи Македонец со просечна плата?

Понеделник, 12 Август 2019 11:48 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во мај 2019 година, изнесуваше 25 270 денари, според Државниот завод за статистика, а со овие пари вработениот може да купи неколку апарати за домаќинство, поевтин мебел или поголема количина храна.

Од продавниците за бела техника велат дека за таа сума може да се купат два фрижидери, но доколку се работи за поевтини производи, може да се набават повеќе апарати за домаќинство. 

„Може да се купат машина за садови, машина за перење и микробранова и сето тоа заедно да чини до 25.000 денари. Има и поевтини работи, на пример миксери има од 1000 денари, па дури и поевтини и за тие пари може еден работник со просечна плата да купи 25 или дури и повеќе миксери. Два шпорети исто така може да се купат со просечната македонска плата“, велат од продавница за бела техника во Битола.

Во однос на овошје и зеленчук, со просечна македонска плата еден граѓанин може да купи над 600 килограми пиперки, и повеќе од 500 килограми домати, додека компир може да се купат околу 1.200 килограми, а приближно толку и бостан. Со истата сума на пари може да се купат 100 килограми сирење ако се земе в предвид некоја средна цена од 250 денари за килограм.

Со просечна македонска плата може да се купат 1.260 килограми брашно.

Што се однесува до мебелот, исто може да се купат повеќе паричиња, но зависно од цената и желбата на купувачот.

„Со просечна плата еден граѓанин секако може да купи два каучи оти тие се по 10.000 денари, две трпезариски маси од поевтините може да земе, комоди имаме од 8.000 и од 10.000 денари, така што со таа плата може да се купат и две убави комоди. Аголна гарнитура за тие пари може да земе само една“, објаснуваат од струмичка продавница за мебел.

Но, она што разочарува е што македонските плати се најниски во регионот.

Највисоката просечна плата во регионот за мај оваа година е исплатена во Словенија и таа изнесува 1.113,88 евра.

Зад неа е Хрватска каде просечната плата изнесува 886 евра, во Црна Гора за јуни била исплатена плата од 516 евра, Босна и Херцеговина има просечна плата од 472 евра, а во Србија во просек се заработуваат по 470 евра.

Македонија се најде последна на листата со просечна плата од 413, 67 евра.