На повидок нова „трговска војна“ со Косово?

Петок, 09 Август 2019 13:14 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Дали е на повидок нова трговска војна помеѓу Македонија и Косово? Косовскиот министер за трговија и индустрија во оставка Ендрит Шала се закани дека неговата земја ќе забрани увоз на повеќе македонски производи, откако Македонија забрани увоз на жива риба од Косово, намената за полнење на рибници. Тој за намерата на Косово го известил и нашиот министер за економија Крешник Бектеши. Во писмото до него, се бара Скопје да ги отстрани бариерите, а ако до тоа не дојде, косовската страна “ќе ги разгледа мерките на реципроцитет за сите производи од Северна Македонија кои се увезуваат на Косово”.

“Ова кршење на обврските кон CEFTA од страна на Северна Македонија предизвикува загриженост за мојата влада и ве повикувам што побрзо да најдете решение по ова прашање”, напишал во писмото министерот Шаља.
Македонските министри за економија и земјоделство, Крешник Бектеши и Трајан Димковски уверуваат дека до трговска војна нема да дојде. Проблемот настанал кога од 1 јуни нашата Агенција за храна и ветеринарство добила акредитација по стандардите на Европската Унија, додека Косово се уште ги нема тие сертификати. Димковски тврди дека забраната за увоз на материјал за порибување не важи само за Косово, туку за сите држави кои немаат спроведено контрола и немаат гаранција дека она што го извезуваат во македонија е здравствено исправно.

-Од Косово може да влегува свежа риба во земјава што веднаш се дистрибуира во маркети и во рибарници, но забрана има за порибителниот материјал, односно за икра и млади риби. Причината за воведувањето на забраната од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) е тоа што Република Северна Македонија веќе се подготвува и многу брзо ќе добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар, рече Димковски во одговор на прашање по денешното потпишување на договори за набавка на приплоден добиток во Платежната агенција.

Димковски уверува дека има комуникација со косовските власти и дека нема да има поголеми проблеми ако косовската страна направи мониторинг на икрите за извоз.
Трговските тензии меѓу Македонија и Косово се честа појава, особено во летниот период. Во неколку наврати, Македонија забрануваше увоз на разни продукти, а Косово го ограничуваше увозот на домати, пиперки и други земјоделски производи од Македонија. На листата за забрана лани имаше дури 25 производи. Ваквата пракса од двете страни често завршуваше со поплаки за прекршување на обврските од ЦЕФТА договорот.