Топлификација бара отштета од БЕГ, ако не ја наплати ќе ја бара од државата

Вторник, 18 Јуни 2019 11:38 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Топлификација АД во соопштение најави дека бара отштета од 2,2 милиони евра од БЕГ АД како носител на лиценца, а доколку не ги наплати, ќе ги бара од државата. Штетата е настаната при доделување на лиценци на фирми на БЕГ АД на оглас од 2012 година, за кој ОЈО неодамна покрена обвинение против членовите на Регулаторната комисија за енергетика, се вели во соопштението од Топлификација АД.

Соопштението од Топлификација АД ви го пренесуваме во целост:

Основното јавно обвинителство за организиран криминал, пред кратко време, подигна обвинение против членовите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за незаконско доделување на лиценци на спроведениот оглас кон крај на 2012 година.

Регулаторна комисија за енергетика на ден 29.11.2012 год. има објавено јавен повик за избор на носители за лиценца за вршење на енергетски дејност производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија. На јавниот повик распишан од РКЕ за лиценца за дистрибуција на топлинска енергија учествуваше фирмата во сопственост на Топлификација АД, Дистрибуција на топлина ДООЕЛ. Оваа фирма на конкурс за доделување на лиценца во 2010 година ја добива лиценцата за вршење на дејноста дистрибуција на топлинска енергија. Согласно така добиената лиценца фирмата ја извршува оваа дејност до 31.12.2012 година.

На јавниот повик од ноември 2012 година се јавуваат и три фирми во сопственост на БЕГ АД формирани во текот на август 2012 година со основачки влог од по 5.000 евра секоја. Во време на траење на огласот и во време на евалуација на кандидатите кои конкурирале на овој оглас фирмите во сопственост на БЕГ АД не исполнуваат ниеден услов за добивање лиценца. Немаат вработени и немаат основни средства за вршење на дејностите за кои конкурираат.

Но фактот, дека овие фирми не ги исполнуваат условите за добивање на лиценци, стручните служби на РКЕ и избраните членови на РКЕ целосно го игнорираат и со одлука донесена на 31.12.2012 година ги доделуваат трите лиценци, за производство дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, на трите фирми во сопственост на БЕГ АД.

Фирмата во сопственост на БЕГ АД која ја добива лиценцата за дистрибуција, нема во сопственост мерни уреди за мерење на топлинската енергија на праг на производителот и на праг на објектите. Фирмата во сопственост на Топлификација АД, Дистрибуција на топлина ДООЕЛ, има во сопственост мерно регулациона опрема во вредност од околу 1 милион евра. Новиот носител на лиценца оваа опрема ја користи без дозвола на сопственикот и без да плаќа надоместок за користењето. До денеска новиот носител на лиценца со користењето на оваа опрема генерирал штета на фирмата Дистрибуција на топлина ДООЕЛ во висина од 1 милион евра, колку е вредноста на опремата на 31.12.2012 година. Додатно на оваа вредност РКЕ определува секоја година средства за покривање на трошоците за амортизација и за принос на капитал за оваа опрема. Овој износ е во висина од околу 200.000 евра на годишно ниво. За период од шест години, од почетокот на 2013 до крај на 2018 година, штетата по основ на амортизација и принос на капитал е околу 1,2 милиони евра. Вкупната штета предизвикана на фирмата Дистрибуција на топлина ДООЕЛ со не доделување на лиценцата за дистрибуција на топлина е околу 2,2 милиони евра без законска камата. Доколку оваа штета не се наплати од носителот на лиценца, согласно закон, истата ќе се побарува од државата бидејќи е настаната поради незаконски доделена лиценца од РКЕ.