Поврат на ДДВ – тешкотија или придобивка

Понеделник, 17 Јуни 2019 13:43 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Системот за поврат на данокот на додадена вредност (ДДВ) на граѓаните пробно веќе е тестиран и е подготвен да се користи од 1 јули. Како подетално ќе се прави повратот на ДДВ, засега не откриваат ниту Министерството за финансии, ниту УЈП, иако до почетокот на овој проект има само две недели. Бидејќи сѐ уште не се знаат критериумите и начинот на реализирање, за да се побара поврат на данокот, пресметките можат да се прават на најразличен начин. Прашањето е какви импликации врз буџетот ќе има оваа реформа и дали ќе се обезбеди дополнителен приход во секое семејство, ќе се засили ли куповната моќ и дали позитивно ќе влијае врз зголемувањето на потрошувачката.
За оваа реформа власта подготвува и кампања, за да ги научи граѓаните како да си ги бараат парите назад.

 

– Софтверските решенија се подготвени на начин што е наједноставен за користење и без трошоци за граѓаните. Ќе се исплати сериозна сума пари кај граѓаните, но цениме дека тоа е позитивна реформа и на подолг рок ќе резултира со значително намалување на сивата економија, на што подолго време веќе предупредуваат и ММФ и Светска банка – велат од Министерството за финансии.
Од Управата за јавни приходи истакнаа дека набргу на јавноста ќе ѝ ги презентираат сите детали за процесот за поврат на ДДВ.

– Во изминатиот период УЈП работеше на софтверското решение, односно на систем што е наједноставен за користење, а преку кој ќе се врши повратот на ДДВ кај граѓаните. Исто така, УЈП ќе ги стави во функција сите ресурси за помош и поддршка на граѓаните со намера да го остварат своето право на поврат на ДДВ – додаваат оттаму.
Според претседателот на Организација на работодавци, Ангел Димитров, идејата за поврат на дел од платениот ДДВ при набавките е добра, особено ако се земе предвид состојбата со сивата економија, неиздавањето фискални сметки и целокупната состојба во областа на почитување на законите и даночната евазија.

– За тоа дали ќе се обезбеди дополнителен приход за семејствата и колку тоа ќе ја зголеми куповната моќ на истите тие, најмногу ќе зависи од начинот и постапката, односно технологијата што ќе се употреби за реализација на оваа идеја. Она што беше најавено, дека реализацијата ќе биде преку сликање на фискалната сметка со мобилен апарат и испраќање на некоја е-адреса или сервер при УЈП, за мене не ветува многу. Затоа што за да биде реализацијата поголема потребно е секој да има мобилен апарат со камера и интернет-конекција. Сметам дека голем број од пензионерите и оние најранливи групи нема да бидат во состојба да ги искористат благодатите од оваа мерка – објаснува Димитров.

Тој вели дека подобро решение е некаков вид електронска картичка со матичниот број на граѓанинот со баркод-налепница, затоа што секој малопродажен објект во согласност со Законот за готовински плаќања мора да има фискален читач и конекција со Управата за јавни приходи.

– Во тој случај, секој граѓанин што сака да користи поврат на ДДВ ќе ја приложи електронската картичка пред изготвувањето на фискалната сметка и сите податоци автоматски ќе се достават до УЈП. Но, сепак, да видиме како ќе почне реализацијата на мерката, и сигурно дека во иднина може да се направи доработка на технолошкото решение за да биде едноставно и да можат да го искористат сите граѓани – истакнува Димитров.

Според она што беше најавено, претседателот на ОРМ вели дека ќе постои одреден износ на кој ќе биде направено ограничување и над тој износ нема да може да се прави поврат, со намера ефектот да се добие за посиромашните семејства, а да не се злоупотреби од побогатите.

– Јас сум сигурен дека оваа мерка ќе има позитивни импликации врз државниот буџет, затоа што многу бизнисмени, кои во моментов не издаваат фискални сметки, ќе бидат заобиколувани од потрошувачите. Но, пак, да повторам, сево ова ќе зависи од технологијата што ќе се избере од страна на Министерството за финансии, затоа што ефектот ќе биде минорен ако постапката е сложена за реализација, ако не можат сите граѓани да ја користат или ако ограничувањето се направи на многу низок износ – смета Димитров.

Како што додава тој, едноставно продавачите ќе можат да истакнат дека купувањето без фискална сметка ќе значи поевтини цени за купувачите и нема да се добијат очекуваните ефекти.

– Ако регистрацијата на купувачот на секоја фискална сметка е задолжителна, тогаш ќе се намалат манипулациите и ефектите ќе бидат многу поголеми – нагласува Димитров.