Македонија се стреми да ги достигне бројките во туризмот од пред 32 години

Понеделник, 17 Јуни 2019 13:41 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Туристи има се повеќе, но не колку што имало пред осамостојувањето. Бројот на туристи од месец во месец е во постојан пораст, но земјава едвај може да ги достигне „златните времиња“ на Југославија во поглед на привлекување на домашни и странски посетители. Дури лани бројот на туристи успеа да надмине 1.1 милион туристи што сепак е помалку од најдобрата 1987 година кога Македонија ја посетиле 1.2 милиони туристи. Освен субвенциите за нискобуџетни летови и тур оператори кои ги воведе претходната влада, и граѓаните со ниски примања и оваа година ќе можат да одат на одмор во земјава со државна помош.

-Од 2017 година, кога почнавме да ја спроведуваме оваа мерка, се покажа дека има голем интерес од страна на граѓаните и веќе поддржавме над 2.200 домаќинства кои ги искористија ваучерите и ги посетија нашите туристички места. Мерката има два аспекта од кои првиот е социјалниот, кој е многу важен за нас зашто се поддржуваат семејствата што имаат ниски приходи, а вториот – економски, имајќи во предвид дека се зголемува приходот на нашите хотелиери и вон сезоната, вели Бектеши.

Семејствата со вкупни приходи пониски од 22 илјади денари ќе можат да аплицираат од денеска до 30 август. Министерството за економија веќе склучило договор со 25 хотели во Охрид, Струга, Попова Шапка, Берово, Ресен, Дојран и други локации кои ќе ги примат ваучерите и треба да угостат 1.200 лица преку оваа програма. За оваа намена министерството за економија ќе потроши 325 илјади евра. Досега, на овој начин, 2.200 семејства успеале да одат на годишен одмор. Лани биле регистрирани скоро 420 илјади домашни и 707 илјади странски туристи.