Во Кичево поднесени 575 барања за субвенции во земјоделството

Понеделник, 17 Јуни 2019 13:40 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА
До денеска во Кичевско се поднесени 575 апликации за субвенции во земјоделството, но оваа бројка не е конечна бидеќи рокот за аплицирање е пролонгиран до 30 јуни, велат од Подрачната единица на ресорното Министерство.
 
Оттаму очекуваат бројот на барања да достигне 800.
 

-До 30 јуни земјоделците ќе можат да ги поднесуваат барањата за финансиска поддршка на површини со поледелски и градинарски култури, лозови и овошни насади, како и за сточарско производство (одгледување говеда, овци, кози, пчели, свињи, и за заклани животни во кланица). Барањата за добивање финансиската поддршка се поднесуваат електронски, самостојно од страна на барателите. Оние кои не знаат како тоа да го сторат или имаат потреба од помош при креирање на електронското барање, може да се обратат кај нас, вели раководителот на Подрачната единица, Снежана Софрониевска.

Софрониевска потсети дека одгледувачите на добиток пред поднесување на барањето задолжително треба да ја проверат и по потреба да ја ажурираат состојбата на животните во ветеринарното друштво со кое имаат склучено договор. Добитниците на финансиска помош не смеаат да ги отуѓаат говедата најмалку до 31 октомври годинава објасни Софрониевска