До крајот на 2020. ќе се изградат три нови патарини и ќе почне електронско плаќање

Понеделник, 10 Јуни 2019 13:13 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Најдоцна до крајот на наредната година на автопатите низ државата ќе се изградат уште три нови наплатни станици, а на повеќе патарини ќе се воведе електронско плаќање.

Вчера е распишан тендерот за избор на компанија која ќе ги гради патарините на делницата од Миладиновци до Штип и тоа кај местата Кадрифаково и Преод, како и на автопатот Кичево-Охрид, кој се уште е во изградба, кај местото Арбиново. Со истиот тендер се бара и изведувач на електронска наплата  на рампата кај Миладиновци, како и на патарините кај Глумово, Желино, Тетово и Гостивар на релацијата Скопје- Гостивар.

Вредноста на тендерот е 15,3 милиони евра,а чпарите се обезбедени со заем од Европската банка за обнова и развој. Компанијата која ќе ја добие работата ќе се знае до октомври годинава, а крајниот рок за изградба на трите наплатни станици и за воведување на електронска наплата е 12 месеци.

Според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, со новите наплатни станици и преминувањето на електронско плаќање патарините нема да поскапат, како што се шпекулира во јавноста, туку напротив, ќе поевтинат. Со електронската наплата редовните корисници ќе добијат попусти од 2 до 7 отсто на патарините при надополнувањето на бесконтактните картички и таговите, кои ќе се користат за плаќање. За патничките возила тоа би значело заштеда од 20 денари на секои 1.000.

Сепак, граѓаните кои годинава ќе летуваат во Грција, ќе осетат дека патувањето им поскапело. Наскоро ќе се стави во функција патарината на автопатот Демир Капија-Смоквица, која ќе биде најскапа во државата и за  патнички возила ќе чини 100 денари.