Јапонска бизнис-делегација во посета на земјава

Понеделник, 10 Јуни 2019 12:26 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Јапонска бизнис-делегација предводена од државниот министер за економија, трговија и индустрија во Владата на Јапонија, Јошихиро Секи, од денеска ќе биде во тридневна посета на земјава.

Во рамки на оваа посета претседателот на Владата, Зоран Заев, ќе организира прием и вечера за министерот Секи и бизнис-делегацијата од Јапонија, а ќе се реализира и билатерална средба со министрите од економскиот тим во состав на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за финансии, Драган Тевдовски, и министерка без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска.

Во вториот ден од посетата на јапонската бизнис-делагција на нашата земја, предвидена е посета на Дирекцијата на технолошко-индустриските развојни зони и обиколка на Бунарџик 1 и 2, а потоа и работна средба со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, и министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, на којашто ќе се презентираат инвестициските можности во нашата земја и политиките за привлекување странски директни инвестиции.