Заев следната недела на средба со Меркел за ,,омекнување” на ставот околу датумот

Петок, 07 Јуни 2019 14:03 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Недоразбирањата во германската влада околу Македонија и поделбите во Брисел дали одлуката за датум да се носи во пакет со Албанија или според заслуги, сега веќе извесно, се закануваат земјава есента да ја дочека на мртва точка. 

Дека Меркел го менува курсот кон земјава, за што вчера жестоко беше нападната и во Бундестагот, денеска потврдува и веста на угледниот „Зидојче Цајтунг“, според кој, канцеларката е категорично против брз датум за Македонија. Како што цитира „Дојче Веле“, на седница на  Комисијата за европска политика на Бундестагот, Меркел јасно ставила на знаење дека датумот за земјава е можно да се донесе најрано во октомври. Според премиерот Заев се работело за стара информација и дека сепак клучниот збор Меркел ќе го има на нивната средба следната недела.

Дека не постои општо расположение да се даде двојно зелено светло и за Македонија и за Албанија потврди и министерот за надворешни на скептичната Холандија, Стеф Блок, кој на вчерашната расправа во Комитетот за европски прашања потенцирал дека ја остава отворена вратата за Скопје, но не и за Тирана.  Таквиот став е содржан и во писмото со наоди, што Блок го доставил до парламентот како основа при носењето на конечниот став.

-Албанија сé уште има долг пат. Тој е попозитивен за Северна Македонија. Таму се направени добри чекори. Но, тие сè уште не се таму. Сè уште има нешто што треба да се направи во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, изјавил Блок.

За екс амбасадорот Нано Ружин, Брисел треба да ги препозна сигналите на дел од земјите членки дека Македонија е чекор пред Албанија и оти не смее да стане жртва на политиката на заедничко вреднување.

Министерот Димитров денеска во интервју за Политико го повтори ставот дека би било речиси срамно да се каже „не“ на македонското досие оваа година, со што би се довел во прашање кредибилитетот на Унијата.