Македонски инженери го сменија лежечкиот полицаец по 110 години

Среда, 08 Мај 2019 11:18 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Од пред 110 години, кога е направен првиот во Њу Џерси, до денес кога група ентузијасти создадоа паматен лежечки полицаец немаше промени во формата, функцијата, карактеристиките на овие сообраќајни „полицајци“. И од таа група истомисленици, еден уникатен паметен полицаец е создаден во Македонија. За идејата „smart bumps“разговаравме со Оливер Трифунов од македонскиот иновативен тим Smart Traffic Safety systems (СТСС). Приказната е инспиративна, надежна, позитивна. Паметниот лежечки полицаец е совршен за Скопје оти не загадува, но секако е чекор напред во зголемување на безбедноста - одговора на различни барања, односно различно реагира на различни дозволени брзини, во различни делови од денот, освен кога станува збор за возилата од итните служби.

„Идејата за оваа иновација е од прашањето како да се избегне незадоволството од лежечките полицајци, а да се задржат и унапредат нивните предности, а тоа се спасувањето на животи. По финализација на концептот и дизајнот и со помош на денешната технологија се изработи и првиот прототип. Идејата беше препознаена и признаена секаде каде што беше презентирана. За тоа говорат и многуте награди и признанија кои ги имаме добиено, меѓу кои и прва награда, златен медал со ликот на Никола Тесла од Сојузот на пронаоѓачи на Белград, златен медал во Русија и сребрен медал на TIE – Taiwan Innotech Expo, еден од најголемите светски саеми за иновации. Исто така добитници сме и на наградата „Патент на годината“. Сето тоа ни беше потврда дека сме на вистинскиот пат, вели Трифунов.

Приказната почнала, а како и секоја друга иновација и паметниот лежечки полицаец имал свои предизвици. Како ќе работи во реални услови, како да се усоврши, да се обезбедат пари идејата да стане реалност. Во меѓувреме, почнала и „битката“ на светот да му се укаже дека досегашните лежечки полицајци се големи загадувачи. Труфунов вели дека иако не трошат енергија, загадуваат затоа што при нагло кочење и повторно забрзување испуштаат Ц02 во воздухот. И тоа многу. Имено според пресметките кои се навистина фрапантни, просечен лежечки полицаец има емисија на CO2 (CO2 footprint) од над 20 тони годишно.

 

По создавањето на првите прототипа тие биле и поставени на улиците за тестирање во реални услови. Навидум невозможната мисија, каква што ја мислеле, оваа работа станувала достижен проект, па овие скопјани имале и дополнителен мотив со уште подобри решенија да ги решаваат попатните проблеми.

Моментно се изработува и тестира новиот подобрен модел паметен лежечки полицаец. Еден е поставен во општина Кисела Вода на улицата кај средното економско училиште кој што ги поминува последните тестирања и веќе е подготвен за употреба. Другиот е поставен во општина Карпош на улицата до основното училиште Вера Циривири – Трена кој што е во завршна фаза на тестирање. Слични производи има и во светот но секој е уникатен на свој начин, особено во иновативноста и начинот на работа.

„Интересот за нашиот паметен лежечки полицаец е навистина голем. Не само кај нас туку и надвор од нашата држава, секаде каде што сме ја презентирале нашата идеја. Тоа ни дава поголема мотивација да продолжиме да го развиваме нашиот производ, а со тоа и нашата компанија. Веќе во следната фаза почнуваме со  комерцијализација на нашиот производ. Очекуваме соработкасо локалната самоуправа, потенцијален пазар ни е ЕУ, Блискиот Исток. Посебно интересен и се поприсутен е концептот на Smart Cities во кој што нашиот производ би имал соодветно место, вели Трифунов.