Папата Франциск ќе ни донесе повеќе туристи и над 400 милиони долари

Четврток, 02 Мај 2019 14:23 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Посетата на папата, промоцијата, брендирањето на нашата држава и новите авионски линии кои се планира да се воспостават до 2020 година ќе го зголемат интересот на странските туристи за Македонија. Се очекува годинава број на ноќевања да достигне 4 милиони, а девизниот прилив над 400 милиони долари

Доаѓањето на папата Франциск во Македонија ќе го зголеми интересот на странските туристи за Македонија и ќе претставува одлична промоција на нашата земја од туристички аспект, вели Љупчо Јаневски.
Тој годинава очекува раст на бројот на туристи и на девизниот прилив од над 400 милиони долари. За тоа да се случи, како што вели ќе придонесат промоцијата, брендирањето на нашата држава и новите авионски линии кои се планира да се воспостават до 2020 година.


– Значењето на посетата на папата е многу големо од повеќе аспекти, како и од туристички аспект, бидејќи ќе овозможи и нашата земја да биде повеќе препознатлива како туристичка дестинација. Очекуваме зголемен број на туристи пред се од регионот, но и од другите земји кои ќе дојдат да ја посетат Македонија и да ја проследат мисата на папата. Веќе има најавено повеќе тури од регионот кој ќе бидат во Македонија 2-3 дена, односно ќе бидат сместени во Охрид, а на денот на мисата ќе присуствуваат во Скопје, вели Јаневски.


Според него, позитивниот ПР кој ќе го добиеме од посетата на папата како туристичка дестинација е огромен, а дополнително тоа ќе овозможи зајакнување на промоцијата од туристички аспект.
-Доаѓањето на папата ќе предизвика и интерес за посета на нашата земја на тие што не ја знаат, ќе не има во регионалните и во светските медиуми и тоа многу значи. Неформално тоа претставува како една голема инфо-тура, да дојде папата и да ја промовира државата од секаков аспект, а пред се туристички, додава Јаневски.