За позначаен раст потребни се позначајни реформи

Четврток, 11 Април 2019 12:51 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Пораките од ММФ и Светска банка се охрабрувачки, но далеку од задоволителни. Стручната јавност предупредува политиката да не ја гуши македонската економија.

Македонската економија се враќа на посакуваните патеки но дали се движи и со посакуваното темпо? Сигналите од меѓународните финансиски институции се позитивни. Економијата на земјата расте, но и натаму послабо од поголем дел од регионот. Меѓународниот монетарен фонд во најновата анализа предвидува растот на економијата годинава да достигне 3% од бруто домашниот производ, што е за 0.2 процентни поени повеќе од јануарската проекција. Прогнозата е позитивна, иако далеку од перформансите на останатите земји од регионот. Со исклучок на Црна Гора и Хрватска, монетарците за сите останати прогнозираат повисок економски раст. За дел од економистите, ваквите податоци се сепак охрабрувачки. Клучно е што економијата продолжува да се движи нагоре, бавно но сигурно:

„Овој тренд на пораст се должи на оптимизмот кој што се појави по отворањето на перспективите за НАТО и ЕУ, што веројатно ги охрабри инвеститорите, домашни и странски, похрабро да влезат во реализација на проектите. Едноставно, успешноста или верификацијата на економските политики е почната, но треба еден подолг тренд на ваков раст за да се покаже дека тие политики на долг рок ќе донесат повисоки стапки со што граѓаните ќе можат многу повеќе да ги почувствуваат придобивките од растот на економијата, но и економијата да стане стабилна, конкурентна а домашните компании похрабро да можат да ги освојуваат и надворешните пазари што е клучно за нас како мала економија“, смета Марјанчо Николов, економист и поранешен претседател на собраниската комисија за финансирање и буџет.