AEK на тендер бара диџеј за меѓународна конференција во Охрид

Вторник, 09 Април 2019 13:58 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Агенцијата за електронски комуникации на Бирото за јавни набавки објави тендер за набавка на услуги за организирање конференции и состаноци. Станува збор за оглас објавен на 5 април, во кој пишува дека вкупната вредност на договорот е 4 милиони и 956 илјади денари или приближно 80 илјади евра, со вклучен ДДВ.

Според техничката спецификација, услугите се за организација на две меѓународни конференции (регулаторна конференција и конференција за сајбер-безбедност хакатон) и една конференција за сајбер-безбедност.

Набавката е предвидена во планот за јавни набавки на АЕК за 2019 година. Постапката за јавни набавки ја спровела комисија при АЕК, а е потпишана од директорот Сашо Димитријоски.

За меѓународната конференција што ќе се одржи во Охрид на 20 мај, меѓу другото, предвидено е ангажирање еден диџеј со лаптоп и озвучување, кој ќе пушта македонска и странска музика oд 20 часот до полноќ.

Во техничката спецификација е наведено дека се бара и организирање посета на Св. Наум со брод, посета на Плаошник, Канео, „Света Софија“, туристички водич, свечена вечера во ресторан во Охрид, коктел со шведска маса, ангажирање хостеси и сл.

Во понудата пишува дека се бараат и 200 беџа, 10 марами од полиестер и памук, 200 надворешни полначи за мобилни телефони, 200 мемориски уреди и др. АЕК наиде на критика во јавноста кога неодамна распиша тендер за две години за набавка на репрезентативен материјал, каде што во техничката спецификација пишуваше дека ќе набавува и пенкала со циркони.