Вкупно 44 проекти на регионите ќе добијат државни пари

Четврток, 04 Април 2019 14:11 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Вкупно 44 нови проекти ќе се финансираат од парите наменети за рамномерен развој. Предлогот кои од проектите ќе бидат финансирани го подготви Советот за рамномерен регионален развој на денешната седница, а треба да го разгледа Владата.

За реализацијата на проектите планирано е да се потрошат 289 милиони денари кои се обезбедени од буџетската Програма за рамномерен регионален развој.

Распределбата на парите направена според Одлуката за степенот на развиеност на осумте региони.

 

Во најмалку развиениот, Североисточниот плански регион, ќе се финансиираат 4 проекти со 50 милиони денари, во Вардарскиот плански регион 8 проекти со 42,5 милиони денари, во Југозападниот плански регион 3 проекти со 38,4 милиони денари, во Полошкиот плански регион 6 проекти со 38,1 милион денари, во Пелагонискиот плански регион 9 проекти со 34,3 милиони денари, во Источниот плански регион 4 проекти со 32,6 милиони денари, во Југоисточниот плански регион 4 проекти со 32 милиони денари и во Скопскиот плански регион ќе се финансираат 6 проекти со 20,8 милиони денари.

Како што е соопштено, направена е предлог распределба на 70% од средствата од Програмата за рамномерен регионален развој. Останатите 30%, согласно Законот, ќе бидат распределени за реализација на проекти за развој на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби.