Со 50 милиони денари ќе се субвенционираат граѓаните за сончеви колектори, ПВЦ прозорци и печки на пелети

Среда, 27 Март 2019 14:40 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

На Министерството за економија и годинава на располагање му е буџет од 50 милиони денари, кој е наменет за потикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата, преку субвенции наменети за сончеви колектори, вградување на ПВЦ или алуминиумски прозорци, како и купување на печки на пелети.
Како што информираат од ресорното министерство, јавните огласи ќе бидат објавени во вториот квартал од годината, односно по 5 мај, кога ќе заврши вториот круг од претседателските избори.

Во програмата за 2019 година на располагање се пет милиони денари за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата. Предвидено е да се надомести до 30% од вредноста, но не повеќе од 15.000 денари. Ќе се надоместуваат и дел од од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата до 50%, но не повеќе од 25.000 денари по домаќинство за што на располагање им се средства од 25 милиони денари.

За печки на пелети се обезбедени 20 милиони денари, а со линеарна распределба по домаќинство, ќе им се субвенционираат до 25.000 денари по домаќинство.Еден од условите за да се аплицира за надоместок за користење на сончеви колектори е досега да не е искористено ова право за добивање на средства, бидејќи трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи се субвенционираат од 2007 година до сега.

Во јавниот оглас стои дека едно лице, односно едно домаќинство може да поднесе само едно барање за добивање на надоместок. Доделувањето на средствата ќе се врши по принципот “прв дојден, прв услужен#. За спроведување на активностите за реализација на мерката ќе се формира посебна Комисија од три члена. Министерството за економија исто така го задржува правото да изврши посета во домаќинствата кои што ќе поднесат барање и на лице место да ја провери состојбата.

Лицата кои имаат поднесено барање, а немаат уредна и комплетна документација
не можат да остварат надомест. Листата на баратели кои го остваруваат правото на надомест ќе биде објавена на веб-страницата на Министерството за економија.

Што се однесува пак за правото на надоместокот на дел од средствата за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци исто така ќе го остварат лицата кои го немаат искористено поврат на дел од средствата за обезбедување И вградување на ПВЦ или алуминиумски прозорци во својот дом врз основа на претходните јавни огласи кои што беа објавени од страна на Министерството за економија во 2017 и 2018 година.

И во овој случај специјална комисија ќе проверува дали лицето или домаќинството ги исполнува потребните услови што се бараат во огласот. Доделувањето на надоместокот ќе се врши и во овој случај по принципот “прв дојден – прв услужен#, при што лицата кои имаат поднесено барање, а немаат уредна и комплетна документацијане можат да остварат надомест за што ќе следува и посета на домаќинствата за да се утврди реалната состојба.

Со огласите во 2007 и 2009 година Министерството додели субвенции за вградување сончеви колектори во вкупен износ од по девет милиони денари на 1.000 баратели, односно по 500 годишно. Во 2011, 2012, 2013, 2014, 2015 и 2016 година висината на субвенцијата изнесуваше по шест милиони денари годишно со кои беа субвенционирани 420 баратели во 2011 година, 481баратели во 2012 година, 514 во 2013, 606 во 2014, 591 во 2015 и 625 баратели во 2016 година. Во 2017 година беа доделени субвенции во вкупен износ од 16 милиони денари на 1.794 баратели.

Министерството во 2017 година додели и 36 милиони денари за вградени енергетски ефикасни ПВЦ или алуминиумски прозорци со кои беа поддржани 1.327 баратели.