Македонското име останува нерешен проблем, барем во трговијата

Среда, 20 Март 2019 15:22 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Македонското име останува нерешен проблем, барем во трговијата. Двете земји допрва треба да преговараат за користењето на придавката, на марките, на брендовите, а веќе постојат сериозни несогласувања особено во делот на виното и туризмот.

Што предвидува договорот?

Преспанскиот Договор предвидува двете земји допрва да преговараат за користењето на ознаките, марките и брендовите.

„Во врска со погоренаведеното име и термини во имиња за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци, Страните се согласуваат да им дадат поддршка и да ги охрабрат своите деловни заедници да воспостават искрен, структуиран и во добра волја дијалог, во чии рамки ќе бараат и ќе постигнуваат заемно прифатливи решенија“ се наведува во Договорот.

Во него понатаму стои и дека во текот на 2019-та година ќе се формира меѓународна група на експерти, сочинета од претставници на двете држави, која ќе ја заврши својата работа во рок од три години.

Грчките винари веќе има прават проблеми на македонските колеги

Договорот не предвидува никакви ограничувања додека не се постигне заемно прифатливо решение во овој дел, но грчките винари веќе почнаа да им прават проблеми на македонските колеги.

На саемот ProWeine во Дизелдорф, Германија грчките производители Цантали, Бутари, Куртаки и останатите се обидоа да избркаат 10 македонски винарници. Им пречело тоа што организацијата „Вина од Македонија“ била напишана со големи, а Северна Македонија со мали букви.

До организаторите интервенирале Сојузот на производители на вино во Северна Грција, Хеленското винско здружение, дури и грчката дипломатија, но не успеале да го спречат присуството на македонските винарници.

Од здружението „Вина од Македонија“ велат дека организаторот не сакал да се меша, туку им наложил и на двете страни да се договорат.

„По неколку разговори останавме на саемот и во моментов изложуваме без никаков проблем. На Грците им пречеше називот на нашата организација зашто бил напишал со големи букви, па прв им паѓал во очи на посетителите“ велат од здружението „Вина од Македонија“. „Не гледаме каде е проблемот бидејќи и називот ‘Вина од Тракија’ го користат и Грција и Бугарија со тоа што задолжително до него треба да стои и името на државата каде што се произведени“ објаснуваат оттаму.

„Macedonia Timeless“ отстранета од саем во Берлин

И пред две недели имаше проблем на саем во Германија, овој пат за туризам. Под притисок на Грците беше отстранет слоганот „Macedonia Timeless“ од македонскиот штанд во Берлин.

По интервенција на грчката амбасада, називот бил заменет само со Република Северна Македонија.

Грчки „Катимерини“ анализира дека ваквите притисоци и инциденти ќе станат секојдневие. Во анализата на весникот се наведува дека поради ваквите потези на нашите производители трговската војна продолжува на далечните саеми, изложби и натпревари.

Над 300 компании во двете земји го заштитиле името Македонија

Повеќе од 150 трговски марки во земјава во името го содржат зборот Македонија или неговата англиска верзија. Во Македонија од вкупно 14.556 трговски марки 79 го содржат зборот Македонија, 77 Macedonia, додека кратенките МК или МАК ја имаат вкупно 128, а придавката македонски 12.

Во Грција името Македонија е дел од 182 бренда на грчки компании, додека 4.000 бизниси во Грција го употребуваат терминот „Македонија“ за да опишат еден или повеќе свои продукти.

Грците водат во трката за заштита на брендовите

Компаниите од двете страни на границата веќе се во трка за заштита на трговските марки, а засега водат Грците.

Федерацијата на индустриите на Северна Грција (СББЕ) нуди бесплатна помош на грчките фирми да го заштитат името Македонија во своите имиња или во своите трговски марки.

Заштитата на името Македонија би се правела преку Бирото за интелектуална сопственост на ЕУ (ЕУИПО) во Аликанте, Шпанија, за подрачјето на ЕУ, како и преку канцеларијата на Светската организација за интелектуална сопственост (ВИПО) во Женева, Швајцарија. Заштитата за територијата на ЕУ би чинела 2.000 евра по име, а заштитата на светско ниво 8.000 евра по име.

„Треба да потенцираме дека договорот е целосно компатибилен со европските и меѓународните права на регистрација на трговска сопственост и имиња, односно не отстапува ниту од меѓународното право ниту од европското право кое е во надлежност на Европската канцеларија за интелектуална сопственост“ вели Димитрис Авлонитис, генерален секретар за трговија и заштита на потрошувачи на Грција.