Државни субвенции и за фирмите каде се намалил бројот на вработени

Вторник, 19 Март 2019 15:09 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Компаниите не само што нема да мораат да отвораат нови работни места за да добиваат државни субвенции, туку ќе може бројот на работниците и да се намалил, но не за повеќе од пет проценти во однос на просекот од претходните 3 години. Измените на Законот за финансиска поддршка денес треба да ги усвои Владата, а да се усвојат до крајот на месецов.

„Знаеме дека тоа е најгорливиот проблем за стопанството, кога се соочува со недостиг од кадар и кога тој кадар по сопствена воља ги напушта компаниите, имавме ситуации за мали отстапки, од компании кои на пример вработуваат по 100 до 200 вработени, и да имаме намалување на двајца тројца во компаниите, тие не го исполнуваа критериумот да можат да ги користат овие поволности“, вели Билјана Пеева-Ѓуриќ, Стопанска комора на Македонија.

„Мислам дека прашањето треба да го насочиме кон образованието. Ако зборуваме за фирмите, непотребно ќе се змараме со прашањето – денес никој не испушта вработени кои се добри“, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.

Кога лани во мај се донесе законот, Владата кажа дека една од целите е да се зголемат вработувањата.

Субвенции ќе има и за инвестирање во преработувачки фабрики за земјоделски производи, фирми од ИТ секторот, трговски фирми што ќе градат производни капацитети, а текстилните и кожарските во следните пет години нема да мора и да ги зголемуваат приходите и да не ги намалуваат вработените. Наместо до јули, фирмите ќе може да аплицираат до крајот на септември, а парите ќе ги земат до крајот на годината.

Некои од коморите немале доволно време да ги видат измените.

„Не велам дека е идеално решението, треба да го видат и нашите членки, предизвики ќе има и имало, заеднички ќе мги отстраниме“, вели Александар Зарков, Сојуз на Стопански комори.

„По измените на Законот за личен доход за кои бевме доста против, отвореноста за нови можности за финансирањње на компаниите е добредојдена“, вели Анита Никова, МАСИТ.

За странските компании кои не купуваат од домашните, нема да се оди со законски репресивни мерки, туку како и досега, тие ќе бидат стимулативни. Германските фирми велат дека нивните инвестиции овде растат, а се очекуваат и една до две нови компании.

„Тоа покажува дека има доверба, позитивен став кон Северна Македонија, а компаниите од автомобилската индустрија што се соочуваат со предизвици во снабдувањето од домашни компании, е глобален предизвик“, вели Патрик Матренс, Германска стопанска комора.

За оваа година државната помош за фирмите ќе се зголеми и ќе тежи 65 милиони евра.