Отворен е натпреварот за „Наградата за социјално претприемништво 2019“v

Петок, 15 Март 2019 15:02 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Во просториите на Фондот за иновации и технолошки развој официјално по петти пат беше отворен натпреварот за избор на најдобро иновативно решение во сферата на социјалното претприемништво „Награда за социјално претприемништво 2019‘‘ (Social Impact Award 2019) наменето за студенти и млади од Македонија.

Оваа награда се доделува во повеќе од 20 земји ширум светот со поддршка на Фондацијата ЕРСТЕ и Impact Hub. Годинава по петти пат се организира и во Македонија од страна на Бизнис Импакт Лаб, поддржана од Шпаркасе Банка Македонија, Фонд за иновации и технолошки развој и Пакомак.                       

 „Натпреварот за социјално претприемништво е одлична шанса за младите и студентите од земјата да понудат идеи и решенија за проблемите со кои се соочуваме секој ден, а воедно и да се поттикнат да почнат да размислуваат за создавање на сопствени социјални бизниси и креирање на свое работно место“, изјави Симона Станковиќ, координатор на наградата во Македонија.

Петта година  по ред, наградата ја поддржува Шпаркасе Банка Македонија. За најдобрите три решенија во областа на социјалните бизниси Шпаркасе обезбеди парични награди во висина од по 2.000 евра за секој од нив. Покрај наградите, за најдобрите тимови обезбедено е присустви на СИА Самитот кој оваа година ќе се одржи во Киев, три месеци период на инкубација со менторство и поддршка во развивање на идејата.

Конкурсот за Наградата во Македонија ќе биде отворен во периодот од март до мај 2019-та година во чии рамки ќе се одржат и бесплатни работилници за развој на бизнис идеја и бизнис модели во социјалното претприемништво во Скопје, Битола, Штип и Струмица.