Пробиен и вториот тунел под превојот Пресека

Петок, 15 Март 2019 14:51 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Со мала свеченост денеска во присуство на вработените ангажирани во изградбата на автопатот Кичево –Охрид, беше пробиен и вториот тунел под превојот Пресека, откако на 19 ноември минатата година беше пробиен, тогаш најдолгиот друмски тунел во земјава со должина од 1.996 метри. Вториот тунел е со должина од 2.011 метри, што е воедно најдолгиот друмски тунел изграден во земјава, а целокупната должина на двете тунелски цевки изнесува 4.015 метри.

 

При изградбата на овие тунели изведувачот на работите се соочи со многу проблеми во утробата на планината, од графитни шкрилци, голем број подземни извори, до големи камења самотници и поради сите проблеми на кои наиде, мораше да ги адаптира плановите според составот на земјиштето и условите на теренот.

– По неполни 5 години интензивна работа успеавме да го пробиеме и вториот тунел под превојот Пресека, што е дел од автопатот Кичево-Охрид. Нашите работници во три смени во екстремно тешки услови и со надчовечки напори успеаја да го финализираат и вториот тунел, кој е воедно најдолгиот друмски тунел во земјава со должина од 2. 015 метри. Ова беше наше прво eвропско искуство во изградба на тунели, бидејќи нашата компанија „Синохидро“, претходно беше позната по изградба на брани во голем број земји во светот – потсети Џан Хуа, директор одговорен за изградба на овие тунели.