Нема единствен систем за собирање на податоци за повреди и несреќи на работа

Четврток, 14 Март 2019 14:55 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Македонското законодавство од областа на безбедноста и здравјето при работа е усогласено со европското законодавство, но она што недостига е креирање на единствен систем за собирање на податоците за случени повреди и несреќи на работа и подобрување на законската регулатива, препорачува тим на експерти кои работеа на изработка на Национална студија за безбедност и здравје при работа.

Во моментот, Државниот инспекторат за труд и Институтот за јавно здравје, кои се двете официјални институции во државата кои водат евиденција за повредите и несреќите на работа, располагаат со различни податоци.

– Нема да кажам дека овие две институции затајуваат со собирањето на податоците, но она што е уште пофрапантно е разликата на податоците кои ги добиваме од едната и другата институција. Она што е неминовно е креирање на единствен систем за собирање на податоци за несреќи и повреди при работа, истакна авторот Трајче Велковски на денешната промоција на студијата.

Во државата, како што беше посочено, има компании кои системот за безбедност и здравје при работа не само што го имаат имплементирано, туку го имаат подигнато на едно повисоко ниво, но има и компании кои се уште имаат проблеми со имплементацијата.

– Жално е 700-те стручни лица за безбедност и здравје при работа да не бидат слушнати од страна на менаџерите на фирмите, туку само да бидат ставени во графата на задоволување на некое законско барање, рече претседателот на Македонското здружение за заштита при работа Милан Петковски.

Тимот експерти препорачува и да се провери листата сo 764 стручни лица за безбедност и здравје при работа и да се види колку од нив реално функционираат на пазарот на трудот и колку ги применуваат стручните познавања од оваа област.

За подобрување на оваа област се препорачува во компаниите да се формираат одбори за заштита и безбедност при работа како што е случајот со Хрватска каде секој работодавач кој има над 50 вработени треба да формира ваков одбор.

Законот за безбедност и здравје при работа е донесен во 2007 година и е допрецизиран со околу 30 правилници.