Народна банка им го скуси ќарот на банките за 10 проценти

Четврток, 14 Март 2019 14:53 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Народна банка ја олабави монетарната политика намалувајќи ја референтната каматна стапка на 2,25 проценти. Експертите ја поздравија одлуката укажувајќи дека е насочена кон поттикнување на зголемено кредитирање.

Професорот и поранешен министер за финансии Никола Поповски вели дека намалувањето на референтната каматна стапка на благајничките записи за 10 проценти, односно за 0,25 процентни поени е добра и логична мерка во овој период кога банките имаат евтини средства на располагање.

„Ова следува после еден подолг период, особено откако дојде сегашниот гувернер, во кој каматната стапка на благајничките записи континуирано се намалува, и тоа е резултат на повеќе фактори, меѓу кои ниска, контролирана инфлација и релативно висока ликвидност на банкарскиот сектор, кој има извори на сопствено финансирање со средствата со многу ниски камати, кои се во просек под еден процент. Народната банка тоа го знае и смета дека нема потреба да прави толку големи трошоци за да стерилизира преку благајнички записи дел од вишокот во економијата, сега оди со пониска камата и тоа од страна на Народна банка изгледа како прифатлива и реално добра мерка“, укажува професорот Поповски.

Очекувањата се дека мерката на Народна банка ќе предизвика ефект врз банкарскиот систем и ќе ги натера банките повеќе да се свртат кон сопствените класични клиенти, а тоа е корпоративниот сектор и кредитирање на населението, каде што нивните каматни стапки се два до трипати повисоки од овие во Народна банка. А Централната банка ќе продолжи да собира благајнички записи како и досега во износ од 25 милијарди денари, но со помал сопствен трошок.

„Банките се пазарни субјекти и нивното однесување ние не можеме да го диктираме. Но Народна банка со индиректни мерки може да ги насочува. Ова е една од добрите мерки да ја намали уште малку референтната стапка за банките да ги натера повеќе да финансираат во реалниот сектор. Но дали ќе го направат тоа зависи од нив“, објаснува Поповски додавајќи дека бркајќи повисоки профити очекувано е дека банките ќе се насочат кон кредитирање.

Поповски смета дека ова не е мерка која е развојно насочена, затоа што и не е примарна задача на Народната банка е да го поттикнува растот.

Народна банка ја образложи одлуката со „задржаниот континуитет на поволни движења на девизниот пазар, што покажува дека нема притисоци во надворешниот сектор и стабилни согледувања на домашните субјекти. Истовремено, тековните движења покажуваат умерен раст на домашните цени, а со тоа и отсуство на ценовни притисоци. Дополнителен простор за монетарно олабавување создава и последната најава на ЕЦБ за задржување на каматните стапки на тековното ниво подолго од претходно очекуваното, како и за дополнително олабавување преку други монетарни инструменти“.

Институт за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ посочува дека намалувањето на референтната каматна стапка е потег кој се случува во услови на први знаци на стабилизација на економијата.

„Во монетарниот сектор тоа е проследено со стабилен девизен пазар, високоликвиден банкарски сектор и отсуство на позначајни притисоци врз цените. Ова намалување има повеќе сигнален отколку особен реален ефект, односно укажува дека рамката за позначајна инвестициска активност станува поповолна. Меѓутоа, реално, каматните стапки на инвестициските кредити не зависат толку од референтната каматна стапка колку од перцепцијата на банкарите за ризиците во економијата. Таквите ризици сега се намалени во однос на претходно, меѓутоа Владата мора да постави јасна цел за нивно понатамошно намалување, што може да се постигне со намалување и отсуство на политички турбуленции и ставање голем фокус врз економските политики, што секако е едно нејзино ветување“, ни изјавија од „Фајнанс тинк“.