Високата цена на струјата ги остави домаќинствата без понуда од снабдувачите

Петок, 01 Март 2019 15:15 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Високата набавна цена на електричната енергија е главната причина што засега нема домаќинства кои излагаат на слободниот пазар. Поради тоа,  на стартот од либерализацијата компаниите снабдувачи со струја не подготвија понуди за домаќинствата, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.

Граѓаните имаат право на избор, дали да останат на регулираниот или да излезат на либерализираниот пазар. Сепак, цената не зависи само од состојбите во земјава, туку од понудата и побарувачката на струја на регионалниот пазар. Засега за граѓаните поисплатлииво е да останат по старите правила, порачуваат од  Регулаторна.

„Цената изнесува помеѓу 70 и 80 евра, за мегават час. Значи тоа е набавна цена на електрична енергија. Кога на таа цена ќе се додаде и трошокот за мрежарина кој што треба да го плати секој потрошувач, а за конкретниот случај за домаќинствата изнесува 30 евра за мегават час, ќе добиеме цена вкупна која треба да ја плаќаат домаќинствата кои ќе излезат на слободниот пазар 105 – 110 евра за мегават час. На регулиреаниот пазар таму каде што цената ја определува Регулаторна комисија за енергетика просечната цена е 75 евра за мегават час со се вклучена мрежарина“, рече Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

Се додека на граѓаните не им се понуди пониска набавна цена, а тоа би било околу 30 евра за мегават час, ниту на домаќинствата ниту пак на компаниите кои се во бизнисот со снабдување на електрична енергија нема да им се исплати трговијата на струја за физички лица.

Неколку години претходно властите зборуваа многу поинаку, дека слободниот пазар ќе донесе пониски цени за електрична енергија како за компаниите така и за домаќинствата.

Инаку,  домаќинствата се снабдуваат со електрична енергија од Универзалниот снабдувач кој беше избран на меѓународен тендер. Избрана беше компанијата ЕВН. Во првата година 80 отсто од потребите на струја ќе ги добива од државната енергетска компанија ЕЛЕМ.