Возачите куртулиле, најмногу стап добиле автобусите на ЈСП

Петок, 01 Март 2019 15:11 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Во автобусите на ЈСП лани се случиле 189 инциденти, односно за 21 процент повеќе во однос на 2017 година кога имало 156 инциденти. Додека возачите куртулиле од напади и закани, а и физичките пресметки во автобусите се намалиле, најмногу биле оштетени автобусите, 141 односно за 60 проценти повеќе од 2017, стои во извештајот на претпријатието за минатата година.

Лани во автобусите на ЈСП се случили 189 инциденти, што во однос на претходната 2017 година е зголемување за 21%. Врз возачите имало 15 физички напади и се забележува намалување за 17% (18 во 2017). Додека нападите се намалени за истиот период лани заканите врз возачите останале исти. Имало 13 закани, исто колку и во претходната 2017 година. Минатата година во автобусите имало 20 физички пресметки што е речиси за половина помалку споредено со 2017-та. Наместо на возачите и со физички пресметки во автобусите, ланската година од хулигани најмногу настрадале автобусите. Оштетени се 141 автобус што е за 60 проценти над бројката (88) забележана претходната 2017-та, стои во извештајот за работењето на ЈСП за минатата година.

Со автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП) минатата година се превезле 44,7 милиони патници. За истиот период лани со ЈСП се возеле 46,2 милиони патници што е намалување за околу три проценти.
Според извештајот со неперсонализирани билети се превезле 12,8 милиони патници, со персонализирани 31,7 милиони патници, останатите се договорен превоз.

Намалувањето се должи на намалениот број патници со непересонализирани билети за два проценти и намален број на патници со персонализирани билети за 4%, намален број од договорен превоз за 7 %, стои во извештајот.

Автобусите на ЈСП учествувале во вкупно 291 сообраќајки што е помалку за околу три проценти во однос на 2017 година. Регистрирани се 96 повредени и двајца загинати.