Зимата причина за слабата реализација на капиталните инвестиции во јануари

Среда, 27 Февруари 2019 15:17 Напишано од  Објавено во МАКЕДОНИЈА

Допрва ќе се распишуваат тендери за градежните проекти, а бидејќи во јануари градежната оператива не работи, ниската реализација на капитални инветсиции е очекувана. Ова е ставот на Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески после податоците дека во јануари капиталните инвестиции се само еден отсто или во пари, 4,5 милиони евра од планираните 420 за годинава. Од Владата како и лани, повтроно се оптимисти дека ќе има многу поголема реализација на капитални проекти.

„Во моментов секоја година конкретно ако земеме Министерството за транспорт и врски во моментов се тендерираат оние проекти на пример зоната во Визбегово, дел проекти во Куманово и сите други проекти кои се предвидени во програмата со јавни набавки и буџетот. Така да апсолутно сум убеден дека согласно почетокот на градежната сезона каде што треба да бидат отпочнати 40 реконструкции на патишта, станува збор за 10-15 дена убеден сум дека економска година ќе има и капиталните инвестиции ќе бидат поголеми од ланската година“, рече министерот Сугарески.

Минатата година реализацијата на капиталните инвестиции беше на најниско ниво во последните 10 години. Владата потроши само 197 милиони евра, односно 65,5 отсто од предвидените пари и покрај тоа што со ребаланс на буџетот беа скратени 100 милиони евра од предвидените средства. Бизнисмените вчера алармираа до Владата да си ја свати сериозно работата. Очекуваат реализација на капиталните инвестиции над 90 отсто. Најавија дека ќе вршат притисок за да се забрза градбата.